Рубрика: Медицина
Тапанарот на Duran Duran се повлече од музиката поради тинитус – еве зошто музичарите се изложени на поголем ризик
Објавено на 25.11.2026 - 21:15

По повеќе од 40 години на настапи со Duran Duran, тапанарот Роџер Тејлор објави дека се повлекува поради влошување на неговиот тинитус.

Неговата одлука ги истакнува последиците што повеќедецениската изложеност на гласна музика може да ги има врз музичарите, па дури и врз љубителите на музиката. Истовремено таа укажува на огромното влијание што тинитусот може да го има врз односот на поединецот кон звукот, како и врз неговата способност да продолжи да се занимава со она што го сака.

Се проценува дека околу 740 милиони возрасни лица ширум светот се погодени од тинитус. Состојбата всушност не е болест, туку симптом поврзан со промени во слушниот систем и во начинот на којшто мозокот го обработува звукот. Најчесто се опишува како ѕвонење во ушите, иако некои луѓе го опишуваат како звук на зуење, шумолење, свирење или брум.

Тинитусот може да се развие од повеќе причини. Еден од најзначајните фактори на ризик што може да се спречи, а кој доведува до тинитус и губење на слухот, е изложеноста на гласна бучава. Кај професионалните музичари, кои во текот на својата кариера често се опкружени со гласни или засилени инструменти, оваа изложеност може да се акумулира со текот на годините преку проби, настапи и студиски снимања.

Истражувањата дури покажаа дека музичарите, без разлика дали свират класична, поп или рок музика, имаат повеќе од три пати поголеми шанси да искусат тинитус отколку немузичарите. Тие исто така се соочуваат со значително зголемен ризик од губење на слухот како последица од бучава.

Врската помеѓу изложеноста на звук, оштетувањето на слухот и тинитусот е комплексна. Изложеноста на прекумерен звук може да ги оштети деликатните сензорни структури во внатрешното уво, придонесувајќи за губење на слухот и тинитус. Иако симптомите можат да се повлечат, повторената или интензивната изложеност може трајно да ги оштети тие клетки. Откако еднаш ќе се изгубат, тие не можат повторно да израснат и слухот може да не се опорави.

Сепак, ризикот не зависи само од интензитетот на звукот и времетраењето. Факторите, вклучувајќи ја и претходната изложеност на бучава, возраста, постоечкото губење на слухот, генетиката и медицинските состојби како што се кардиоваскуларните заболувања и дијабетесот, веќе биле поврзувани со зголемен ризик и од губење на слухот и од тинитус.

 

Справување со тинитусот

Во моментов не постои универзално ефикасен третман или лек за тинитус. Една од причините за ова е што тинитусот не е единствена состојба со еден основен причинител.

Сепак, отсуството на лек не значи дека ништо не може да се направи. Постои широк спектар на опции за справување засновани на докази кои можат значително да го намалат влијанието на тинитусот врз секојдневниот живот и да ја подобрат емоционалната благосостојба и квалитетот на живот.

За луѓето кои имаат тинитус заедно со губење на слухот, слушните апарати не само што можат да ги подобрат околните звуци и комуникацијата, туку можат да го направат и тинитусот помалку забележлив.

За некои луѓе воведувањето нежни заднински звуци, од типот на музика, природни звуци или бел шум, може да помогне во тоа нивниот тинитус да стане помалку забележлив, особено во тивки средини.

Една од најефикасните стратегии за намалување на стресот од тинитус е когнитивната бихејвиорална терапија (КБТ). Наместо да се обидува да го елиминира самиот звук на тинитус, КБТ им помага на луѓето да го променат начинот на кој реагираат на него. Ова може да помогне за обезбедување на одржливи подобрувања за стресот, вознемиреноста и лошиот сон коишто тинитусот може да ги предизвика.

Истражувањата исто така продолжуваат да го унапредуваат нашето разбирање за тинитусот, поттикнувајќи поперсонализиран пристап во грижата и целејќи кон подостапна поддршка за тинитус поддржана од дигиталната технологија.

Постојат и практични чекори што музичарите и љубителите на музика можат да ги преземат за заштита на својот слух и за намалување на ризикот од развој на тинитус.

Чеповите за уши, било да се изработени со висока верност или излеани по мера, ги намалуваат нивоата на звук, а воедно зачувуваат голем дел од јасноста и рамнотежата на музиката. Планирањето на редовни паузи за тишина за време на пробите или свирките, држење на мониторите за во уво и на слушалките на безбедни нивоа, зголемување на растојанието од звучниците и од другите интензивни извори на звук каде што е можно и избегнување на ненадејни гласни звуци, ги намалуваат ризиците од оштетување на слухот.

Инсталирањето акустични екрани, издигнувањето на делови од секциите со дувачки и ударни инструменти, зголемувањето на растојанието помеѓу сцената и седиштата на преклоп за време на пробите, исто така, можат да помогнат во намалување на изложеноста на музичарите на гласен звук.

Одлуката на Роџер Тејлор да се повлече е потсетник дека слухот е едно од највредните богатства на музичарот. Неговата заштита треба да биде суштински дел од создавањето и уживањето во музиката.

 

Автор на овој напис е Илдри Бјукс, вонреден професор на Англија Раскин универзитетот. Статијата е преземена од The ​​Conversation под лиценца Creative Commons. Прочитајте ја оригиналната статија.

Клучни зборови: