Рубрика: Астрономија и астронаутика
Огледала во вселената за ноќно осветлување – технолошка иновација или закана за темното небо?
Објавено на 25.11.2026 - 15:00

Американска компанија планира во орбитата да постави сателити со огромни огледала што ќе ја насочуваат сончевата светлина кон Земјата по зајдисонце. Но, астрономите предупредуваат дека ваквата идеја може да предизвика сериозно светлосно загадување, да ги попречи астрономските научни набљудување и да ги наруши природните екосистеми.

Претставете си ноќно небо на кое наместо Месечина одеднаш се појавува светла точка што осветлува дел од Земјата, со интензитет неколкупати поголем од полната Месечина. Ова не е сцена од научно-фатнастичен филм, туку дел од планот на американската стартап-компанија Reflect Orbital, која сака сончевата светлина да ја претвори во услуга достапна и по зајдисонце.

На прв поглед идејата е едноставна – со поставување големи огледала на сателитите во ниската орбита, сончевата светлина ќе се рефлектира кон точно одредени подрачја на површината од Земјата. На тој начин, соларните електрани би можеле да продолжат да произведуваат електрична енергија и по зајдисонце, без целосно да зависат од батериските системи за складирање.

Првиот демонстрациски сателит, наречен Eärendil-1, беше одобрен за лансирање од американската Федерална комисија за комуникации (FCC) во јули 2026 година. Сателитот е опремен со огледало широко околу 18 метри, поставено на височина од приближно 600 до 650 километри. Според плановите, рефлектираната светлина би осветлувала површина со широчина од околу пет километри.

Но, постои еден мошне битен проблем. Сателитите во ниската орбита се движат брзо во однос на површината на Земјата. Оттаму, еден сателит може да осветли одредена локација на само неколку минути по што тој ќе треба да ја пренасочи светлината кон друга локација. За континуирано осветлување на истата локација би била потребна цела мрежа од сателити.  Па, затоа не е за чудење тоа што компанијата долгорочно разгледува можност за изградба на констелација од дури 50 000 вакви сателити.


Reflect Orbital се надева дека до 2035 година ќе лансира дури 50000 сателити што ја рефлектираат сончевата светлина. Слика: Reflect Orbital

Кога ноќта престанува да биде ноќ

И оттука произлегуваат загриженоста на научната заедница. Астрономката д-р Саманта Лолер, која ги проучува орбиталната динамика на објектите во Кајперовиот Појас и влијанието на сателитите врз астрономските набљудувања, во интервју за BBC предупредува дека ваквата технологија може да има последици што далеку ги надминуваат нејзините комерцијални придобивки.

За астрономите, темното небо е незаменливо. На локации далеку од градското осветлување и полната Месечина е веќе доволно силен извор на светлина што значително ја намалува видливоста на побледите ѕвезди и на Млечниот Пат. Замислете што би се случило кога на небото би се појавил вештачки извор неколкупати посветол од полната Месечина.

Силната рефлектирана светлина би можела да ги засити чувствителните детектори на астрономските камери, а набљудувањето преку поголеми телескопи би можело да претставува и ризик за видот. Според предупредувањата на астрономите, постои можност за оштетување на очите при директно набљудување на ваков извор преку телескопи со отвор од 30 сантиметри или поголем.

Но, проблемот не ги засега само професионалните опсерватории и астрономите аматери. Загриженост постои и во воздухопловството. Неочекувана, исклучително светла точка што се движи по небото би можела да им го одвлече вниманието на пилотите, па дури и привремено да им го наруши видот. Дополнително, не е целосно разјаснето што се случува со светлосниот сноп додека огледалото се пренасочува кон следната локација.

Исто така многу од животинските видови зависат од природниот циклус на светлина и темнина за ориентација, миграција, исхрана и размножување. Птиците преселници, инсектите и ноќните животни можат да бидат особено чувствителни на вакви промени. Вештачкото осветлување во текот на ноќта може да ги наруши нивните биолошки ритми и однесување.

Ниту луѓето не се исклучени од можните последици. Изложеноста на силна светлина во текот на ноќта може да го наруши деноноќниот ритам, односно биолошкиот механизам што го регулира спиењето и будноста.


Светлосни траги од сателити на ноќното небо над пустината Атакама во Чиле, во текот на еден час, на 15 октомври 2025 година. Слика: Ф. Кампхуес, ESO/М. Корнмесер

 

Кој ја контролира светлината од вселената?

Една од најголемите слабости на проектот е регулаторната празнина. FCC го одобри демонстрацискиот сателит, но нејзините надлежности првенствено се однесуваат на радиокомуникациите и орбиталните аспекти на сателитските мисии, а не на процената на влијанието на рефлектираната светлина врз животната средина.

Одлуката предизвика лавина реакции од организации за заштита на темното небо и научни здруженија. Во август 2026 година, DarkSky International и неколку партнерски организации побараа повторно разгледување на одобрението, предупредувајќи дека последиците не смеат да се проценуваат само врз основа на еден сателит, туку и на можниот ефект од целата планирана констелација.

Reflect Orbital, од своја страна, тврди дека светлината ќе биде насочувана кон однапред определени локации и во договорени временски интервали, а дека видливоста на сателитите ќе биде сведена на минимум кога нема да вршат осветлување.

Сепак, останува суштинското прашање: дали приватна компанија треба да има можност да ја менува природната темнина на небото што го делат сите? Вселенските технологии несомнено нудат огромни придобивки, но нивниот развој мора да оди заедно со научна процена на ризиците и соодветна меѓународна регулатива.

Зашто, кога еднаш ќе го изгубиме темното небо, нема да биде доволно само да го исклучиме прекинувачот.

Клучни зборови:

Reflect Orbital се надева дека до 2035 година ќе лансира дури 50000 сателити што ја рефлектираат сончевата светлина. Слика: Reflect Orbital

Светлосни траги од сателити на ноќното небо над пустината Атакама во Чиле, во текот на еден час

Светлосни траги од сателити на ноќното небо над пустината Атакама во Чиле, во текот на еден час, на 15 октомври 2025 година. Слика: Ф. Кампхуес, ESO/М. Корнмесер