Рубрика: Медицина
Пет работи што ја одредуваат телесната тежина според експерт за дебелина
Објавено на 18.11.2026 - 17:00

Тоа што го јадете кога сте уморни и гладни, можеби се сведува на тоа што е отворено на патот кон дома и што можете да си дозволите. И апетитот и достапноста до храна влијаат врз одлуките кои, гледано од страна, може да изгледаат како едноставен личен избор.

Светската здравствена организација ја дефинира дебелината како хронична болест, која е резултат на заемното дејство помеѓу биологијата и условите во кои луѓето живеат. Во мојата нова книга „Дебелина: Животот по GLP-1 инјекциите“ (Obesity: Life Beyond the GLP-1 Injection), разгледувам што влијае врз телесната тежина и што тоа значи за третманот и превенцијата. Еве пет сознанија што се вклучени во книгата.

Губењето тежина може да ве направи погладни

Во едно истражување, возрасните кои ослабеле со многу нискокалорична диета, една година по завршувањето на диетата сепак пријавиле дека се чувствуваат погладни отколку што биле пред таа да започне. Нивните нивоа на лептин, хормон кој му помага на мозокот да каже колку енергија телото складирало, сепак биле пониски отколку пред диетата.

Полесно тело троши помалку енергија за одржување и движење. Прегледот на повеќе студии откри дека потрошувачката на енергија понекогаш може да падне дури и повеќе од она што би очекувале за новата тежина на една личност. Овој дополнителен пад има тенденција да биде помал во подобро дизајнираните студии и може да исчезне откако тежината ќе се стабилизира.

Тоа остава некои луѓе во обид да се справат со посилно чувство на глад во време кога на нивните тела им се потребни помалку калории. Ова помага да се објасни зошто одржувањето на тежината може да биде тешко дури и кога некој сè уште вложува свесен напор.

 

Гените влијаат на апетитот

Некои од разликите во телесната тежина меѓу луѓето доаѓаат од гените што ги наследиле. Во ретки случаи, промената во еден ген може да предизвика сериозна гојазност во раното детство. Мошне почесто, од многу генетски разлики секоја придонесува по малку. Истражувањата на двата шаблона укажуваат кон деловите од мозокот вклучени во апетитот, што помага да се објасни зошто некои луѓе чувствуваат ситост порано од другите.

Во една норвешка студија, истражувачите користеле ДНК за да ги групираат луѓето според нивната наследена тенденција за повисок индекс на телесна маса, односно BMI (body mass index), мерка за тежина во однос на висината. Во текот на неколку децении, просечниот BMI се зголемил низ групите, со поголем пораст кај оние со најизразена генетска тенденција.

Зголемувањето низ групите укажува кон промени во условите во кои луѓето живееле. Поголемото зголемување во некои групи укажува дека истите промени можат различно да влијаат кај луѓето.

 

Помалку спиење може да ве натера да јадете повеќе

Прегледот на повеќе експерименти открил дека луѓето имаат тенденција да јадат повеќе кога нивниот сон е скратен. Имаше мошне помалку докази дека кратењето на сонот го променило бројот на калории што ги согорувале.

Потоа истражувачите тестирале што се случува кога луѓето кои вообичаено спиеле помалку од шест и пол часа навечер спиеле повеќе. Во текот на двонеделно опитно испитување на 80 возрасни лица со прекумерна тежина, едната група добивала совети прилагодени на нивните навики за спиење, а другата ја задржала својата вообичаена рутина.

Оние на кои им бил даден совет спиеле околу еден час подолго и дневно внесувале околу 270 калории помалку, во просек, во споредба со другата група. Обете групи можеле слободно да изберат што јадат. Дали разликата во внесот на калории останува трајна сè уште е нејасно, а одржувањето на редовни часови сон може да биде тешко за луѓе кои работат ноќе или се грижат за некого.

 

Семаглутидот може да го намали ризикот од сериозни срцеви проблеми и од мозочен удар

Семаглутидот го имитира GLP-1, хормон што помага во регулиација на апетитот. Лекот може да им помогне на луѓето да се чувствуваат посити и помалку гладни.

Во едно големо испитување спроведено меѓу возрасни со постоечки проблеми со срцето или циркулацијата и прекумерна тежина или гојазност, од кои ниту еден немал дијабетес, истражувачите го споредиле семаглутидот со плацебо, инјекција без активен лек. Во просек, за нешто повеќе од три години, 65-мина од секои 1000 луѓе кои земале семаглутид починале од кардиоваскуларни причини или имале нефатален срцев удар или мозочен удар, во споредба со 80-мина од секои 1000 луѓр кои земале плацебо. Околу 17 од секои 100 луѓе кои земале семаглутид престанале да го земаат поради несакани ефекти, во споредба со осум од секои 100 кои земале плацебо.

При едно друго истражување биле следени луѓето една година откако завршила поддршката со семаглутид и на нивниот начин на живот. Во просек, тие вратиле околу две третини од тежината што ја изгубиле. Луѓето кои престануваат со земање на лекот можеби сè уште имаат потреба од поддршка за контролирање на нивната тежина.

 

Регулативата за храна може ја промени понудата

Во една болничка студија, истите 20 возрасни лица поминале две недели на диета богата со ултра-преработена храна и две недели на диета заснована на непреработена храна. Лицата можеле да јадат колку што сакаат, многу или малку. Се покажало дека дневно јаделе околу 500 калории повеќе при диета со ултра-преработена храна и тие оброци ги јаделе побрзо. Брзината на јадење е едно можно објаснување за разликата, а студијата покажува колку храната што се нуди може да влијае на тоа што луѓето јадат дури и кога самите ги одредуваат своите порции.

Данокот на безалкохолни пијалоци во Велика Британија им дал причина на производителите да ги променат своите рецепти: помалата употреба на шеќер може да го намали или да го избегне данокот. Анализа на мерењата спроведени во англиските училишта покажала дека откако данокот стапил на сила, имало околу 16 случаи на дебелина помалку на 1000 девојчиња на возраст од 10 и 11 години отколку што тоа истражувачите би го очекувале при продолжување на претходните трендови. Истражувачите не откриле целокупно намалување кај момчињата на иста возраст или кај децата на возраст од четири и пет години. Но, други промени што се случиле во исто време можеби придонеле за овој резултат.

Луѓето кои живеат со гојазност имаат потреба од пристап до ефикасен третман и од долгорочна поддршка. Владите исто така можат да помогнат во спречување на гојазноста со промена на начините на производство и на рекламирање на храната и со тоа што ќе ги направат похранливите производи попристапни на местата каде луѓето веќе купуваат.

 

Автор на овој напис е Томас Барбер, вонреден професор и консултант ендокринолог на Универзитет во Ворвик. Статијата е преземена од The ​​Conversation под лиценца Creative Commons. Прочитајте ја оригиналната статија.

Клучни зборови: