Истрагата открила сериозни пропусти во безбедносните проверки, прикривање неповолни резултати од испитувања врз животни и необјавени финансиски врски меѓу истражувачите и семејството на починатото дете.
Кинеските власти го отпуштија научникот кој раководел со експерименталната генска терапија што завршила со смрт на шестгодишно девојче. Истрагата на градската управа на Шангај открила сериозни прекршувања на научните и медицинските прописи, игнорирање предупредувања за безбедноста на терапијата, како и неправилности во објавувањето на резултатите од истражувањето. Санкции добиле и други истражувачи и институции вклучени во случајот.
Станува збор за девојче со ретко невроразвојно нарушување, познато како Снијдерс-Блок-Кампо синдром (Snijders Blok-Campeau syndrome), предизвикано од генетска промена во генот CHD3. Состојбата може да предизвика нарушувања во развојот на мозокот, говорот и интелектуалните способности.

Експерименталната терапија ја развил тим предводен од невронаучникот Чиу Зилонг (Zilong Qiu) од Медицинскиот факултет при Универзитетот Џиао Тонг во Шангај. За пренесување на молекуларната алатка за генетско уредување бил употребен вирусен вектор, внесен со инјекција во 'рбетниот канал, од каде што требало да стигне до мозокот. Девојчето ја примило терапијата во болницата Синхуа во март 2025 година, но починало од медицински компликации по интервенцијата.
Предупредувањата биле игнорирани
Еден од најсериозните наоди на истрагата се однесува на претклиничките испитувања врз животни. Околу еден месец пред третманот на девојчето, тимот добил резултати од токсиколошко испитување врз мајмуни, кои покажале оштетување на црниот дроб. Сепак, Чиу и неговиот тим не ги проследиле навреме овие информации до истражувачот задолжен за клиничкото испитување во болницата. Според истражителите, предупредувачките сигнали во извештајот за безбедноста не добиле соодветно внимание.
Утврдено е и дека болницата не направила доволно научна процена на експериментот. Иако нејзината етичка комисија побарала дополнителна документација поради недостигот од докази за безбедноста, испитувањето сепак било одобрено без да бидат доставени бараните материјали. Дополнително, во формуларот за информирана согласност што го потпишало семејството не бил наведен смртниот исход како можен ризик од терапијата.
Прикриени резултати и судир на интереси
Особено загрижувачки се откритијата поврзани со научниот труд објавен во списанието Nature во февруари 2026 година. Истрагата утврдила дека истражувачите не ги објавиле неповолните резултати од испитувањата врз мајмуните, ниту смртта на девојчето во поврзаниот претклинички труд. Не било откриено фалсификување податоци, но биле утврдени и други неправилности, вклучително и разлики меѓу методологијата опишана во трудот и начинот на кој истражувањето навистина било спроведено.
Истрагата открила и дека семејството на девојчето финансирало дел од истражувањето со донации во вредност од околу 5,34 милиони јуани (приближно 800.000 американски долари). Од таа сума, 1,06 милиони јуани во пари и подароци им биле дадени на Чиу и на уште тројца членови на истражувачкиот тим, без тоа да биде обелоденето во научниот труд. Ова било оценето како судир на интереси. Парите и подароците подоцна биле вратени или предадени на надлежните органи.
Чиу бил отпуштен од функцијата заменик-директор на Истражувачкиот институт „Сонгџијанг“, а отпуштен бил и друг член на тимот од болницата Синхуа. На двајцата им е забрането да раководат или да учествуваат во научни проекти во следните пет години. Санкции добиле и двајца членови на болничката етичка комисија, додека Универзитетот Џиао Тонг и болницата Синхуа добиле официјални опомени.
Случајот повторно го отвора прашањето за контролата врз експерименталните терапии во Кина. Истражувањето било спроведено преку таканаречената постапка Investigator-Initiated Trials (IIT), која им овозможува на истражувачите и биотехнолошките компании побрзо да тестираат терапии во болнички услови, без директен надзор од националните регулаторни органи. Кинеската влада во мај годинава ги засилила контролите врз овие испитувања.
Оваа трагедија не ги доведува во прашање можностите на генетското уредување како медицинска технологија, туку покажува колку сериозни можат да бидат последиците кога научната амбиција ќе ги надмине безбедносните процедури, транспарентноста и етичката одговорност.