Астрономите открија редок двоен ѕвезден систем во кој бело џуџе емитува повторливи радиоимпулси на секои осум минути, додека орбитира околу ѕвезда слична на нашето Сонце. Откритието не само што нуди нови сознанија за потеклото на мистериозните радио-сигнали од вселената, туку и открива дека тие можат да настануваат во системи поинакви од оние што досега биле познати.
Системот, означен како GPM J071507−114153, се наоѓа на оддалеченост од повеќе од 5 000 светлосни години од Земјата. Го сочинуваат две ѕвезди со мошне различни карактеристики – бело џуџе (густото јадро што останува по завршувањето на животот на една ѕвезда) и ѕвезда од спектралниот тип G, слична на Сонцето. Белото џуџе е особено интересно поради неговата брза ротација околу сопствената оска, со период од приближно 7,9 минути што пак се совпаѓа со честотата на забележаните радиоимпулси.

Овој необичен систем се состои од мал пулсар, високоенергетско бело џуџе кое кружи околу многу поголема ѕвезда слична на нашето Сонце. Слика: ICRAR
Ова е прв случај вакви радиоимпулси да бидат регистрирани од бело џуџе во систем со ѕвезда слична на Сонцето. Досега, ваквите објекти најчесто биле поврзувани со помали и постудени црвени џуџиња.
Ретка класа космички радиоизвори
Ѕвездениот пар припаѓа на малку познатата група објекти наречени долгопериодични транзиентни извори (Long Period Transients – LPTs), препознатливи по радиоимпулсите што се појавуваат во правилни временски интервали. Интервалите може да траат од неколку минути до неколку часа, а потоа привремено да исчезнат.
Првиот ваков објект беше откриен во 2021 година од истражувачкиот тим на Меѓународниот центар за радиоастрономски истражувања (ICRAR). Оттогаш се идентификувани уште десетина слични извори, но нивната природа сè уште не е целосно разјаснета.
Една од најголемите тешкотии била да се утврди која од двете ѕвезди во ваквите системи ги создава радиоимпулсите. Новото откритие овозможило тоа прашање да се разјасни многу подобро. Благодарение на исклучително прецизните мерења, астрономите успеале да го следат движењето на белото џуџе околу неговиот придружник и да утврдат дека радиоимпулсите потекнуваат од неговата непосредна околина, а можеби и од самото бело џуџе.
Интересно е што радио-набљудувањата откриле и активност на неговиот ѕвезден придружник. Научниците забележале ѕвездени блесоци, слични на оние што се случуваат на Сонцето и кои, кога се насочени кон Земјата, можат да придонесат за создавање поларна светлина. Регистрирале и поминување на радиосигналите низ област со силно магнетно поле, најверојатно поврзана со голема плазмена структура, позната како ѕвезден протуберација.
Повеќе од 100 часа набљудувања
Откритието е резултат на набљудувања со неколку оптички и радио телескопи. Системот првично бил забележан со радиотелескопската низа Широкопојасната низа Марчисон (Murchison Widefield Array – MWA) во Австралија, а потоа неговата позиција била попрецизно утврдена со помош на радиотелескопот Миркат (MeerKAT) во Јужна Африка. Набљудувањата со оптичкиот телескоп Кек (W. M. Keck) на Хаваите ја потврдиле поврзаноста со ѕвезда од типот G.
За да го потврдат движењето на белото џуџе, истражувачите обработиле повеќе од 100 часа радио-податоци со помош на суперкомпјутерскиот центар Поси (Pawsey) во Австралија.

Дијаграм на системот GPM J071507−114153, кој прикажува како распоредот на ѕвездениот систем влијае врз пулсевите детектирани од вселената. Слика: McSweeney et al 2026
Според научниците, орбиталниот период на двете ѕвезди изнесува приближно 1,3 дена, што е различно од периодот на ротација од 7,9 минути при кој белото џуџе ги создава радиоимпулсите.
Истражувањето, предводено од Сем МекСвини од ICRAR, е објавено вчера во Nature Astronomy. Научниците очекуваат дека со новата генерација радиотелескопи од проектот Square Kilometre Array (SKA), кои се во изградба во Австралија и во Јужна Африка, ќе бидат во можност да откријат многу повеќе вакви необични системи. Тоа би можело да помогне во разрешување на една од актуелните загатки на радиоастрономијата – како и под кои услови настануваат овие необични космички сигнали.
П.С. Бонус видео за ако ве 'мрзи' да читате тука

Дијаграм на системот GPM J071507−114153, кој прикажува како распоредот на ѕвездениот систем влијае врз пулсевите детектирани од вселената. Слика: McSweeney et al 2026