– неочекуваното оживување на технологијата од времето на VHS
Технологијата што некогаш ни овозможуваше да снимаме телевизиски емисии и да гледаме филмови на VHS-видеокасети доживува неочекувана ренесанса. Но, овојпат магнетните ленти не се враќаат во дневните соби, туку во податочните центри, каде стануваат сè поважни за складирање на огромните количества информации што ги генерира вештачката интелигенција.
Јапонската компанија Fujifilm најави инвестиција од околу 10 милијарди јени (што е приближно околу 63 милиони американски долари) за проширување на производството на магнетни ленти. Целта е до 2028 година производствениот капацитет да биде зголемен петкратно во однос на нивото од 2025 година. Инвестицијата првенствено ќе биде насочена кон производство на најновата генерација ленти за дигитално складирање, познати како LTO (Linear Tape-Open).
Причината за овој неочекуван пресврт е експлозивниот раст на податоци поврзан со развојот на генеративната вештачка интелигенција. Обучувањето на големите јазични модели, нивната секојдневна употреба и работата на центрите за податоци создаваат огромни архиви што треба безбедно да се чуваат, понекогаш и со години.

14 инчен котур (36 см) со видеолента широка 2 инчи (5,1 см), наспроти MiniDV видеокасета од 1990-тите години. Обата медиума содржат по еден час видео во боја. Фото: Википедија | CC BY-SA 3.0
Тука магнетната лента има неколку значајни предности. Современите касети LTO-10 можат да складираат до 40 терабајти податоци без компресија, односно до 100 терабајти со компресија. Тоа ги прави исклучително практични за долгорочно архивирање, особено кога не е неопходно информациите постојано да бидат достапни.
За разлика од класичните хард-дискови и SSD-уредите, магнетните ленти не трошат електрична енергија додека мируваат и не бараат постојано ладење. Дополнителна предност е можноста физички да се исклучат од компјутерските мрежи и да се складираат на безбедно место. Ваквата изолација, позната како „air gap“, претставува ефикасна дополнителна заштита од кибер-напади, вклучително и од уценувачки софтвер т.н. ransomware.
Секако, магнетните ленти имаат и ограничувања. За разлика од SSD-уредите, кај нив податоците се читаат последователно, па пристапот до конкретна информација може да потрае. Затоа тие не се погодни за секојдневна работа со програми и датотеки, туку првенствено за архивирање и резервни копии.
Така, во ерата на најсовремената вештачка интелигенција, една технологија стара повеќе децении добива нова улога. Излегува дека иднината на дигиталното складирање не мора да значи целосно отфрлање на минатото, или во случајов како засега најдобро решение може да се покаже нешто што го сметавме дека за отпишано ;).