Во последно време многу се говори во јавноста за изградбата на интерконекторот за природен гас со Грција, дека Република Македонија (РМ) ќе има вертикален гасен коридор кон други земји во Европа и со тоа ќе има голем бенефит. Во тек е изградба на магистрална гасоводна мрежа низ целата земја и се очекува природниот гас да има масовна употреба кај нас. Се најавува изградба на гасни електроцентрали, дистрибутивни мрежи за користење на гасот во домаќинствата итн.
Иако не ја загадува локалната средина, јавноста треба да знае дека природниот гас не е еколошко гориво бидејќи со неговото согорување се ослободува јаглерод-диоксид (СО2) кој е главен причинител на глобалното затоплување. Бидејќи Македонија е аспирант за влез во Европската Унија (ЕУ), веќе над 20 години работи на сообразност со нејзината регулатива како и на исполнување на зацртаните планови. Во тој контекст подолу се прикажани главните климатски цели на ЕУ, а во врска со енергијата.

• До 2030 година: Намалување на емисиите на стакленички гасови за најмалку 55% во однос на нивоата од 1990 година (преку пакетот Fit for 55). До овој рок, учеството на обновливите извори во потрошувачката на енергија мора да достигне минимум 42,5%.
• До 2040 година: Правно обврзувачка цел за намалување на емисиите од 90% во однос на 1990 година. Со тоа дополнително ќе се истисне употребата на гас и нафта во индустријата и греењето на простории. Целосно исфрлување на фосилните горива за греење на зградите.
• До 2050 година: Целосна климатска неутралност (нето-нула емисии) утврдена со Европскиот климатски закон, односно целосно напуштање на фосилните горива.
Во 2024 година е направена ревизија на Директивата за енергетска карактеристика на зградите (EPBD) според која од 2030 година сите нови згради мора да бидат со нулта емисија, а фосилните горива за греење мора целосно да се исфрлат до 2040 година, вклучувајќи ги котлите на фосилни горива. Спроведувајќи ја оваа директива, веќе се воведени директни забрани на употреба на гас за греење во неколку држави членки: Австрија, Данска, Франција, Холандија, Ирска, Словачка, Германија (на индиректен начин) итн.
Македонија, како аспирант за ЕУ, не треба да гради инфраструктура за греење со гас која набрзо ќе мора да ја затвора. Наместо да се трошат пари на гасификација на секоја македонска улица, државната стратегија би имала многу поголем ефект доколку се насочи кон масовна примена на топлински пумпи во комбинација со соларни панели и подобрување на енергетска ефикасност на зградите (изолација на ѕидови и др.).
Од Министерството за енергетика нагласуваат дека изградбата на гасоводот до Грција е со специјални цевки низ кои ќе може во иднина да се транспортира водород кој претставува еколошко гориво. За греење на простории (домови) чистиот водород е нереална опција бидејќи има многу висока цена и потребна е построга техничка изведба бидејќи е многу лесно запалив и може да се јави истекување низ ѕидот на цевките и при мала порозност. Но, тој е клучен за декарбонизација на тешката индустрија (челик, цемент, хемиска индустрија).

Во план е изградба на гасни електроцентрали во Македонија, во Скопје и Битола, а во ТЕЦ Неготино треба да се изврши трансформација на постројката од мазут на природен гас. Овие термоцентрали се итно потребни на земјата бидејќи системите во РЕК Битола треба да се затворат затоа што се многу стари и рудниците за јаглен се речиси исцрпени, а потребата од производство на базна енергија е голема. Во Македонија масовно се градат фотоелектрични централи кои произведуваат струја само преку ден, а кога сонцето ќе зајде, тие системи имаат нула производство. Во тие периоди гасните централи можат да се вклучат и да достигнат полна моќност за многу кратко време, служејќи како идеални „балансери“ на мрежата. Ако се градат нови гасни централи, пожелно е да не работат постојано (24/7) како класичен произведувач на базна енергија, туку како флексибилна резерва за брза привремена замена која се вклучува во рок од неколку минути само кога нема доволно производство од обновливите извори.
Се препорачува новите гасни централи да бидат подготвени за употреба на водород. Тоа значи дека во следните години тие постепено ќе мора да го заменат фосилниот гас со чист (“зелен“) водород или биометан. Денес во светот речиси нема класични комерцијални големи термоцентрали кои работат 100% на чист водород, освен неколку експериментални постројки во пробна работа. Цената на чистиот водород денес е многу висока и не е конкурентен на природниот гас.
Не само во Македонија, гасни интерконектори се градат и во неколку други земји во регионот (Албанија и БиХ) кои треба да се поврзат со некои терминали за течен природен гас. Но, на ова реагираат од Директоратот за енергија на ЕУ кои изразуваат загриженост поради сè поголемата зависност на Западен Балкан од американскиот гас. Тие истакнуваат дека во тие земји во моментов има многу мала побарувачка за гас и нема потреба од изградба на нова инфраструктура. Од друга страна, тие земји имаат аспирации за приклучување кон ЕУ и со тоа презеле обврски за декарбонизација и постепено напуштање на фосилните горива.
За Македонија природниот гас е увозен енергент. Потпирањето на него го зголемува ризикот од геополитички кризи и ценовни шокови, за разлика од домашното производство на електрична енергија од обновливи извори. Со ширење на употребата на природен гас се оди кон неизвесна енергетска иднина.
Д-р Ристо Цицонков е редовен професор на Машинскиот факултет во Скопје