Во претходниот член зборувавме за професионалната компетентност, мерит-системот и одговорноста на оние што управуваат со здравствениот систем. Но, и најспособното раководство има потреба од јасни институционални правила и вредности според кои ќе постапува. Тука започнува приказната за доброто управување.
ЧЛЕН 5: Институциите работат според принципите на добро управување
Сосема е можно една здравствена институција да има современа опрема, искусни лекари и добро организирани служби, а сепак граѓаните да бидат незадоволни од нејзината работа.
Таа може да располага и со значителни финансиски средства, а да има недостиг од основни медицински материјали. Може, исто така, формално да ги почитува прописите, а пациентите да чувствуваат дека имаат неправеден третман. Може редовно да објавува извештаи, а јавноста да не знае зошто се донесени одредени одлуки.
Ваквите противречности откриваат дека квалитетот на здравствената институција не зависи само од нејзините материјални и човечки ресурси, туку и од начинот на кој таа управува со доверената јавна одговорност.
Во претходниот член зборувавме за професионалната компетентност, мерит-системот и одговорноста на оние што управуваат со здравствениот систем. Но, и најспособното раководство има потреба од јасни институционални правила и вредности според кои ќе постапува.
Тука започнува приказната за доброто управување.

Во европската традиција на добро демократско управување, Советот на Европа има развиено рамка од дванаесет меѓусебно поврзани принципи, кои претставуваат ориентир за одговорно, праведно и ефективно функционирање на јавните институции. Тие ги опфаќаат учеството на граѓаните, човековите права, владеењето на правото, јавната етика, транспарентноста, отчетноста, ефикасноста, институционалната компетентност, одговорното финансиско управување, одржливоста и способноста за промени.
Во здравството, овие принципи имаат особено значење. Одлуките што ги носат здравствените институции непосредно влијаат врз здравјето, достоинството, безбедноста и квалитетот на животот на луѓето.
Кому му припаѓа здравствената институција?
Одговорот изгледа очигледен: таа им припаѓа на граѓаните и постои во нивно име и за нивни потреби!
Штом е така, тогаш граѓаните не можат да бидат само пасивни корисници на нејзините услуги. Нивните потреби, искуства и очекувања мора да имаат свое место во одлучувањето.
Што значи тоа? Тоа значи дека пациентите, здравствените работници и пошироката јавност треба да имаат можности да учествуваат во обликувањето на институционалните приоритети. Тоа подразбира и постоење на механизми преку кои нивните забелешки и предлози навистина ќе бидат разгледани, а не само формално евидентирани.
Замислете пациент кој со месеци чека ред за дијагностичка процедура, без јасно објаснување зошто неговиот термин постојано се одложува. За него, проблемот не е само времето на чекањето. За него е важно и дали постојат праведни критериуми за утврдување на приоритетите, дали тие се применуваат еднакво и дали некој во системот е подготвен да му даде разбирлив одговор.
Тука се поврзуваат владеењето на правото, еднаквоста, почитувањето на човековото достоинство и способноста на институцијата навремено да одговори на потребите на граѓаните.
Особено во здравството, каде што луѓето често се наоѓаат во состојба на ранливост, праведноста треба да се отсликува во секојдневниот однос кон пациентот, независно од неговата возраст, социјална положба, етничка припадност, место на живеење или лични околности. Не смее праведноста да остане само законска формулација!
Институцијата која е вистински посветена на граѓаните ја покажува својата вредност преку почитување на нивното право да бидат слушнати, навремено информирани и третирани со достоинство.

Како институцијата ја заслужува довербата?
Довербата е еден од највредните ресурси на здравствениот систем!
Таа се гради со години, преку илјадници секојдневни постапки, а може сериозно да биде нарушена со една неодговорна одлука.
Затоа, транспарентноста, отчетноста и јавната етика се услови за создавање и одржување на довербата.
Примерите со јавните набавки во здравството јасно го илустрираат ова.
Кога една болница набавува скапа медицинска опрема, јавноста има право да знае врз основа на какви потреби е донесена одлуката, како е избран добавувачот и дали набавката навистина би придонела за подобрување на здравствената заштита.
Кога се појавува недостиг од лекови или медицински материјали, институцијата треба да биде подготвена да ги објасни причините, последиците и мерките што ги презема.
Кога ќе се случи сериозен пропуст, неопходно е да постојат механизми за негово независно и непристрасно испитување, утврдување на одговорноста и спречување на повторувањето во иднина.
Транспарентноста, меѓутоа, не се исцрпува со објавување документи на интернет-страница. Информациите треба да бидат навремени, точни, разбирливи и достапни за оние на кои им се потребни, со почитување на приватноста и доверливоста на здравствените податоци.
Исто така, отчетноста не завршува со поднесување годишен извештај. Таа подразбира и обврска одлуките да се образложат, резултатите да се проверат, а утврдените неправилности да имаат соодветни последици.
Особено важна е јавната етика. Во институциите што располагаат со значителни јавни средства и одлучуваат за здравјето на луѓето, судирот на интереси, фаворизирањето и корупцијата не претставуваат само финансиски или правни проблеми, туку директно ја нарушуваат праведноста на здравствената заштита и ја поткопуваат довербата во целиот систем.
Како јавните ресурси се претвораат во здравствени резултати?
Управувањето со ресурсите во здравствениот систем е поврзано со еден постојан предизвик: потребите на населението секојдневно растат, додека здравствените ресурси се ограничени.
Оваа реалност му дава како економска, така и длабока етичка димензија на начинот на кој се располага со јавните финансии, бидејќи секое нерационално трошење во практиката значи пропуштена можност да се одговори на некоја вистинска здравствена потреба.
Но, ефикасноста не треба да се поистоветува со штедењето по секоја цена.
Една здравствена институција може да ги намали трошоците со ограничување на одредени услуги, а притоа да ги влоши здравствените исходи. Може да го зголеми бројот на прегледи, а да не го подобри квалитетот на дијагностиката и лекувањето.
Затоа е неопходно да се прави разлика меѓу ефикасноста, односно рационалното користење на ресурсите, и ефективноста, односно постигнувањето на посакуваните резултати.
Квантитативните показатели, како што се бројот на извршени интервенции, искористеноста на болничките капацитети и финансиската реализација се важни показатели. Но, тие добиваат вистинска смисла кога ќе се поврзат со квалитетот на здравствената заштита, безбедноста на пациентите, здравствените исходи и праведноста во пристапот до услугите.
Стабилното финансиско управување бара реално планирање, јасни приоритети, внатрешни контроли, независна ревизија и навремено препознавање на ризиците.
Бара, исто така, и институционална компетентност, која ја сочинуваат: стручни луѓе, соодветна организација, сигурни информациски системи и способност податоците да се претворат во аргументирани одлуки.
Крајната цел на овие напори е јасно да се дефинира каква здравствена вредност добиваат граѓаните од потрошените јавни средства, што треба да претставува составен дел од редовното оценување на работата на секоја здравствена институција.
Дали институцијата умее да учи и да се менува?
Ова прашање добива дополнително значење во време кога здравствените потреби на населението брзо се менуваат. Населението старее, хроничните болести стануваат сè позастапени, медицинската технологија напредува, а новите епидемиолошки и еколошки закани бараат постојано приспособување.
Институција што успешно функционирала пред дваесет години не мора нужно да биде подготвена за денешните предизвици.
Затоа, доброто управување подразбира долгорочна визија, одржливост, отвореност кон иновации и способност за учење.
Ова особено се однесува на начинот на кој институциите постапуваат со сопствените грешки.
Во зрела институционална култура, несаканите настани, пропустите и слабостите во организацијата се предмет на систематска анализа. Целта е да се разбере што се случило, зошто се случило и како може да се спречи повторувањето. Кога постои индивидуална одговорност, таа треба праведно да се утврди, но анализата не смее да заврши со пронаоѓање виновник, оставајќи ги системските причини недопрени.
Тука се отвора просторот за концептот на здравствен систем што учи (learning health system).
Во таков систем, податоците од секојдневната здравствена практика, резултатите од лекувањето, искуствата на пациентите и научните сознанија постојано се користат за подобрување на одлуките и организацијата на работата.
Иновацијата не секогаш значи воведување нови технологии. Понекогаш најзначајната промена е поедноставување на непотребна процедура, подобрување на комуникацијата меѓу службите или навремено препознавање проблем што со години се повторувал.
Долгорочната одржливост, пак, бара денешните одлуки да не ги загрозуваат можностите на идните генерации да добиваат квалитетна здравствена заштита. Тоа подразбира грижа за здравствените кадри, инфраструктурата, финансиската стабилност и животната средина.
Од правила кон институционална култура
Сите овие принципи можат да бидат запишани во закони, стратегии, правилници и етички кодекси. Но, нивното формално постоење само по себе не гарантира добро управување.
Вистинската промена започнува кога тие ќе станат дел од секојдневното институционално однесување.
Во такви услови, транспарентноста надминува рамка на обврска која се исполнува само по официјално барање и се прифаќа како природен начин за споделување и објаснување на одлуките со јавноста.
Истовремено, отчетноста се набљудува како професионална должност, додека рационалното користење на ресурсите се препознава како израз на почитување кон заедничките општествени средства.
Во една ваква средина, искуствата и забелешките на пациентите добиваат вредност на корисен извор на сознанија за унапредување на здравствената заштита, а на анализата на пропустите ѝ се посветува истото внимание и сериозност како и на истакнувањето на постигнатите успеси.
Низ овој континуиран процес, доброто управување постепено се трансформира во трајна институционална култура.
За нејзиното првично воспоставување и развој е значајна улогата на компетентни и етички одговорни раководители. Сепак, вистинската вредност на оваа култура се потврдува кога утврдените принципи продолжуваат да се применуваат и понатаму, независно од персоналните промени на менаџерските позиции.
Зрелите институции не смеат да зависат исклучиво од личните доблести на оние што во даден момент ги водат. Нивната стабилност произлегува од воспоставени правила, професионални стандарди и вредности што се почитуваат независно од поединците.
Во суштина, здравствените институции претставуваат организиран израз на општествената грижа за човекот, заради што, начинот на кој се управува со нив има директно влијание врз квалитетот на здравствената заштита.
(Продолжува)
_________________________
За потребата од Здравствен устав прочитајте повеќе во Време е за 'Здравствен устав'
„Преамбулата“ од циклусот „Кон здравствен устав“ е достапна тука, а потоа следат Член 1 – Здравјето како национален стратешки интерес, Член 2 – Правичност во здравствената заштита, Член 3 – човекот во средиштето на здравствениот систем , Член 4 – Мерит-систем и професионална одговорност