Повеќе од 900 учесници од над 12 земји денеска се собраа во Скопје на деветтата Регионална конференција за е-трговија, која годинава се одржува под мотото „From Wait to Go: E-commerce at AI Speed!“. Конференцијата ги обедини претставниците на водечки регионални и светски компании, експерти, претприемачи и носители на одлуки со цел размена на искуства и идеи за иднината на дигиталната економија.
Отворајќи го настанот, претседателката на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија, Нина Ангеловска Станков, порача дека и покрај сè поголемата дигитална поврзаност, регионот сè уште не го користи целосно потенцијалот на електронската трговија.
„Додека светот забрзува со вештачката интелигенција, ние во регионот сè уште се соочуваме со основни предизвици во дигитализацијата. Предизвикот веќе не е само да обезбедиме пристап до технологија, интернет или платежни картички, туку да изградиме знаење, доверба и навики за нивно користење. Регионот има огромен потенцијал, но повеќе нема луксуз да чека“, истакна Ангеловска Станков.

На конференцијата се обрати и министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, кој нагласи дека растот на користењето електронски услуги покажува оти дигитализацијата постепено станува составен дел од секојдневното работење на институциите, компаниите и граѓаните.
„Нашата цел е компаниите да можат што повеќе постапки да завршуваат електронски, со помалку административни трошоци и повеќе време за развој на бизнисот“, порача Андоновски.

Во воведниот дел од програмата беа претставени најновите анализи за состојбата на е-трговијата во регионот. Посебно внимание привлече презентацијата посветена на предизвиците што и понатаму го забавуваат развојот на онлајн трговијата на Западен Балкан, меѓу кои доминираат високата застапеност на готовинските плаќања, недоволните дигитални вештини и разликата меѓу користењето интернет и реалното онлајн купување.
Голем дел од утринската програма беше посветен и на вештачката интелигенција. Професорот Димитар Трајанов зборуваше за проектот Везилка и за можностите што AI ги отвора за компаниите, но и за ризиците што ги носи нејзината примена, додека на двете конференциски сцени се отворија дискусии за новите технологии, автоматизацијата и нивното влијание врз идните деловни модели.

На главната сцена, претставници на регионални компании разговараа за состојбите на пазарот за е-трговија на Западен Балкан и потенцијалот за понатамошен раст, а меѓу темите беа навиките на потрошувачите, регионалната поврзаност и новите можности што ги носи прекуграничната продажба.
Меѓу најпосетените предавања беа и презентациите на експерти од глобални компании. Андре Лопес од Tesla зборуваше за изградба на е-трговски системи способни да функционираат и при најголеми оптоварувања, додека Амрита Лал од LinkedIn се осврна на значењето на личниот и корпоративниот бренд во време кога вештачката интелигенција сè повеќе навлегува во деловната комуникација.
Особен интерес предизвика настапот на Гејб Зикерман, еден од најпознатите светски експерти за гејмификација на е-трговијата и за програмите за лојалност на корисници. Тој зборуваше за новите пристапи во градењето долгорочни односи со купувачите и создавањето кориснички искуства што поттикнуваат поголема ангажираност.


По паузата за ручек и нетворкинг, програмата продолжува со предавања и панели посветени на влијанието на YouTube врз потрошувачките навики, продажбата преку Amazon, иднината на пребарувањето производи со помош на вештачка интелигенција, влијанието на платформите како Temu врз регионалната логистика и новите можности за раст на онлајн трговијата. Меѓу говорниците во попладневниот дел се експерти од Amazon, Google DeepMind, Visa, Wolt и Decathlon.
Со повеќе од 30 говорници, две паралелни сцени и богата програма исполнета со практични примери и анализи, деветтата Регионална конференција за е-трговија уште еднаш го потврдува статусот на Скопје како едно од најважните места за средба на регионалната дигитална и бизнис-заедница.