На 22 и 23 октомври 2026 година, во хотелот ‘Данубија парк’ на Сребрено Езеро во соседна Србија, се одржува 27. Ибис семинар, регионален стручен настан посветен на современите телекомуникациски технологии, мерните системи и техничките решенија за различни индустриски и институционални потреби.
Повеќе од 25 години, Ибис семинар ги поврзува технолошките експерти, инженерите и професионалците од регионот со водечките светски производители на опрема, технологии и специјализирани решенија. Семинарот е посветен кон размена на знаења и практични искуства, со акцент на технологиите што овозможуваат посигурни, поефикасни и поотпорни комуникациски системи и инфраструктура. А за случувањата од лице место дознаваме од нашите пријатели од компанијата Овернет, кои присуствуваат на овој настан.

Меѓу главните теми на овогодинешното издание на семинарот се 5G-мрежите, оптичката инфраструктура и квалитетот на телекомуникациските услуги, вклучително и тестирањето, мониторингот и подобрувањето на мрежните перформанси. Особено внимание е посветено на критичната инфраструктура и решенијата за зголемување на нејзината сигурност, отпорност и ефикасност во управувањето.
Програмата ги опфаќа и специјализираните мерења и системите за мониторинг наменети за регулаторните тела, контролата на летање, одбранбениот сектор и државните институции. Дополнително, опфатени се и технологии и мерни решенија за индустриски, истражувачки и научни примени.

Покрај стручните презентации, програмата предвидува практични демонстрации и примери од реалната примена на технологиите. На тој начин, учесниците имаат можност непосредно да се запознаат со новите решенија и да разговараат со експертите и производителите што стојат зад нив.
Покрај работниот дел, за 23 октомври е предвидена и гала-вечера, наменета за неформално дружење, воспоставување професионални контакти и продолжување на стручните разговори.
Со повеќе од четврт век традиција, Ибис семинар продолжува да претставува место за регионално поврзување на инженерската и технолошката заедница, во време кога сигурноста на инфраструктурата, квалитетот на комуникациите и напредните мерни технологии добиваат сè поголемо значење.