Вселенската сонда ММХ успешно беше лансирана со ракетата H3. Нејзината задача е да собере најмалку 10 грама материјал од Фобос и да ги донесе на Земјата до 2031 година, со надеж дека конечно ќе се разреши мистеријата за потеклото на двете месечини на Марс.
На 19 октомври, во 21 часот и 41 минута по средноевропско време, од вселенскиот центар Танегашима во Јапонија полета ракетата H3, носејќи ја со себе сондата ММХ (Martian Moons eXploration). По нешто повеќе од 71 минута, беше потврдено успешното одвојување од ракетата и влегување во предвидената орбита. Така започна петгодишното патување на една од најамбициозните планетарни мисии во поновата историја.
Целта е Фобос, поголемата од двете месечини на Марс. Сондата треба да им помогне на научниците да дознаат како настанале Фобос и Дејмос и што можат тие да ни откријат за раната историја на Сончевиот Систем.
За разлика од големите, приближно сферични месечини, Фобос и Дејмос се мали тела со неправилни форми, кои повеќе потсетуваат на астероиди отколку на класични природни сателити. Нивното потекло со децении ги дели планетарните научници.

Уметничка визија на сондата MMX во орбита на Марс Слика: NASA/JAXA
Според една хипотеза, тие се астероиди што биле заробени од гравитацијата на Марс. Според друга, месечините настанале од материјал исфрлен во вселената при огромен судир на Марс со друго небесно тело, а кој подоцна се собрал во орбитата околу планетата.
Набљудувањата од далечина не се доволни за дефинитивен одговор. Затоа ММХ ќе ја проучува површината и составот на двете месечини, а од Фобос ќе собере најмалку 10 грама материјал за детални лабораториски анализи на Земјата.
Особено интересна е можноста примероците да содржат и честички исфрлени од самиот Марс при удари на астероиди. Бидејќи Фобос кружи блиску до планетата, дел од исфрлениот материјал со текот на милијардите години можел да заврши на неговата површина. Така, истражувачите би можеле да добијат и дополнителни информации за Марс, без директно да земаат примероци од неговата површина.
Мисијата, предводена од јапонската вселенска агенција JAXA, вклучува и европски придонес. Еден од најинтересните делови е роверот IDEFIX, тежок околу 25 килограми на Земјата, развиен од француската агенција CNES и германскиот центар DLR. На Фобос, поради исклучително слабата гравитација, неговата тежина ќе одговара на само околу 15 грама на Земјата.

Вселенското летало MMX е составено од три модулa, прикажани одделно на оваа слика. Лево е погонскиот модул, кој ќе ја носи сондата во орбитата околу Марс. Во центарот е модулот за повторен влез, кој ги содржи сите потребни системи за напојување и комуникација и ќе го врати собраниот примерок од Фобос на Земјата. Десно е модулот за истражување, во кој се сместени опремата за слетување и собирање примероци, како и многу од научните инструменти.
Но, токму оваа слаба гравитација го прави слетувањето мошне ризично. Роверот треба да биде ослободен од височина од околу 40 метри и да падне на површината со мала брзина. Можно е да отскокне неколкупати пред да запре, па затоа мора самостојно да се исправи и да ги отвори соларните панели. Неговата задача ќе биде да ја испита површината и да помогне во изборот на соодветно место за собирање примероци.
Според планот, ММХ треба да пристигне во орбитата на Марс во август 2027 година, а околу Фобос да започне да орбитира следниот месец. По деталните набљудувања и работата на роверот, главното летало ќе се спушти на Фобос во 2030 година и ќе собере материјал од неговата површина. Капсулата со примероците треба да пристигне на Земјата во 2031 година, со слетување во Австралија.
Десет грама прашина можеби не изгледаат како голем научен плен. Но, анализата во лаборатории на Земјата ќе овозможи многу попрецизни мерења отколку што се можни со инструментите испратени во вселената. А одговорот на прашањето како настанале двете мали месечини на Марс би можел да ни открие многу повеќе: како се формирале планетите, како се развивал нашиот планетарен систем и од каде потекнуваат материјалите од кои се изградени световите околу нас.

Вселенското летало MMX е составено од три модулa, прикажани одделно на оваа слика. Лево е погонскиот модул, кој ќе ја носи сондата во орбитата околу Марс. Во центарот е модулот за повторен влез, кој ги содржи сите потребни системи за напојување и комуникација и ќе го врати собраниот примерок од Фобос на Земјата. Десно е модулот за истражување, во кој се сместени опремата за слетување и собирање примероци, како и многу од научните инструменти.