"Кога човек ќе побара медицинска помош, најчесто размислува за лекарот што ќе го прегледа, за дијагнозата што ќе ја добие и за лекувањето што му претстои. Ретко размислува за одлуките што биле донесени многу порано: кој ја организирал здравствената служба, кој одлучувал за набавката на опремата, кој ги определил приоритетите и кој е одговорен за условите во кои работат здравствените работници. А сепак, токму тие невидливи одлуки во позадина, често ја кројат судбината на нашето лекување и го одредуваат квалитетот на грижата што ќе ја добиеме!"
Член 4: Мерит-систем и професионална одговорност
„Управувањето се темели на мерит-систем и професионална одговорност.“
Од грижата за човекот до одговорноста на институциите
Во претходните три члена од нашиот „Здравствен устав“ зборувавме за вредностите врз кои треба да почива здравствениот систем: здравјето како национален стратешки интерес, правичноста во здравствената заштита и човекот како средиште на системот. Сега, време е да го одговориме клучното прашање: како овие вредности да ги преточиме во нашето секојдневие?
Кога човек ќе побара медицинска помош, најчесто размислува за лекарот што ќе го прегледа, за дијагнозата што ќе ја добие и за лекувањето што му претстои. Ретко размислува за одлуките што биле донесени многу порано: кој ја организирал здравствената служба, кој одлучувал за набавката на опремата, кој ги определил приоритетите и кој е одговорен за условите во кои работат здравствените работници.
А сепак, токму тие невидливи одлуки во позадина, често ја кројат судбината на нашето лекување и го одредуваат квалитетот на грижата што ќе ја добиеме!
Грижата за човекот не започнува во ординацијата, туку многу порано — таму каде што се кројат политиките и каде што се одлучува како ќе функционира здравствениот систем.

Две нивоа на една одговорност
За да разбереме како функционира здравствениот систем, потребно е да разграничиме два поима што во јавноста често се употребуваат како синоними: управување и раководење.
Управувањето (governance) се однесува на правилата според кои функционира системот, на распределбата на надлежностите, определувањето на приоритетите, механизмите на одлучување и контролата врз остварувањето на јавниот интерес.
Раководењето (management) се однесува на секојдневното организирање на работата, користењето на ресурсите и остварувањето на поставените цели во здравствените установи.
Овие две нивоа се неразделно поврзани. Одлуките донесени на ниво на здравствена политика ги определуваат условите во кои работат здравствените установи. Искуствата од секојдневната практика, пак, треба да придонесуваат за преиспитување и подобрување на политиките.
И на двете нивоа неопходни се компетентност, професионална одговорност и интегритет. Мерит-системот треба да ги опфати сите професионални и стручни функции во здравствениот систем, од подготовката на здравствените политики до раководењето со установите и надзорот врз нивното работење!
Политичките носители на функции имаат демократски легитимитет да ги определуваат јавните приоритети. Но, нивните одлуки во здравството никако не смеат да бидат резултат на лични желби, туку мора да се потпираат врз стручно знаење, проверливи докази и транспарентни постапки!
Така, демократската одговорност и професионалната компетентност стануваат меѓусебно поврзани делови на доброто управување.
Мерит-системот како култура на компетентност
Системот на заслуги, или мерит-системот, подразбира дека луѓето треба да се избираат и да напредуваат исклучиво врз основа на нивното знаење, способности, професионални успеси и интегритет. Неговата суштина е едноставна — одговорните функции треба да им се доверуваат на луѓе што имаат докажана способност успешно да ги извршуваат.

Во здравството ова има особено значење. Раководењето со здравствена установа бара компетенции што соодветствуваат на природата на доверената функција.
Медицинскиот директор треба да поседува висока медицинска стручност, значително професионално искуство и способност да ја организира и унапредува здравствената дејност. Во универзитетските клиники, особено значење имаат и академското искуство и научниот авторитет.
Економскиот директор (ако е предвиден), пак, треба да располага со знаења и способности за финансиско управување, организација и планирање, како и со добро познавање на специфичностите на здравствениот систем.
Нивните компетенции се различни, но меѓусебно се надополнуваат. Успешното раководење бара усогласување на медицинските потреби со расположливите ресурси, при што квалитетот и безбедноста на здравствената заштита остануваат основен критериум за донесување одлуки.
Затоа, за секоја одговорна функција треба однапред да бидат определени јасни и проверливи критериуми. И изборот не смее да се прави зад затворени врати; тој мора да биде јавен, транспарентен и заснован на објективна процена на квалитетите на кандидатот!
Мерит-системот има и поширока смисла. Тој создава средина во која знаењето има вредност, професионалниот развој се поттикнува, а луѓето имаат доверба дека нивниот труд ќе биде правично оценет. Со текот на времето, токму таквата средина го раѓа она што најмногу ни недостига: култура на компетентност.
Имено, култура во која стручноста станува единствениот критериум за доверување одговорност!
Кога компетентноста ќе остане без совест
Меѓутоа, знаењето и стручноста сами по себе не гарантираат одговорно постапување!
Можно е една институција да располага со високообразовани луѓе, со импресивни професионални биографии и формално добро поставени процедури, а сепак да функционира спротивно на јавниот интерес. Тоа се случува кога стручните луѓе свесно премолчуваат злоупотреби, прифаќаат неправилности или дозволуваат нивното знаење да служи за оправдување одлуки што им нанесуваат штета на граѓаните.
Таквата состојба би можеле да ја наречеме ТЕХНОКРАТСКИ ЦИНИЗАМ!
Стручноста тогаш станува средство за одржување на постојните односи на моќ, наместо да претставува основа за нивно одговорно преиспитување. Како тоа може да се превенира?
Така што мерит-системот мора да биде придружен со професионална одговорност и интегритет!
Да се биде професионално одговорен значи совесно да си ги извршуваш доверените обврски, да ги почитуваш професионалните стандарди и да бидеш отчетен за своите одлуки. Интегритетот, пак, ја додава онаа клучна, етичка димензија: тоа е подготвеноста човек да постапи во согласност со професионалните и моралните начела и тогаш кога тоа не му носи лична корист.
На нашето здравство повеќе од сè му се потребни луѓе кои знаат како да донесат правилни одлуки и кои ја имаат онаа ретка, професионална и морална храброст цврсто да застанат и да ги бранат тие одлуки!
Кога добрите намери не се доволни
Постои и обратна состојба, подеднакво важна за разбирање на нашиот здравствен систем.
Замислете лекар кој совесно ја извршува својата работа. Има знаење, искуство, чувство за професионална должност и искрена грижа за луѓето што ги лекува. Но, во неговата установа недостасуваат неопходни лекови. Дијагностичкиот апарат со недели не работи. Нема доволно медицински сестри. Набавките доцнат, организацијата е нарушена, а одлуките што треба да ги решат проблемите постојано се одложуваат. Колку и да е посветен, тој лекар не може сам да ги надомести институционалните недостатоци!
Неговото знаење и совесност остануваат ограничени од условите во кои работи.
Тука станува јасно дека професионалната одговорност е обврска не само на оние што непосредно го лекуваат човекот, туку и на оние што одлучуваат во какви услови ќе се одвива лекувањето. А на крајот, човекот кој со часови чека во ходникот за преглед, за дијагноза или за терапија, директно на свој грб ги чувствува последиците од тој хаос.
Одговорноста за здравствената грижа се протега низ целиот систем: почнувајќи од оние што ги определуваат политиките и ги распределуваат ресурсите, преку оние што раководат со установите, до здравствените работници што непосредно ја обезбедуваат здравствената заштита.
Секој има различна улога, но сите учествуваат во остварувањето на истата цел.
Одговорност и за одлуките, и за нивните последици
Професионалната одговорност не смее да биде само „мртво слово на хартија“. Таа има вистинска смисла само тогаш кога постојат кристално јасни правила според кои секој може да види дали се исполнуваат доверените обврски. Затоа, секоја одговорна функција во здравствениот систем треба да биде поврзана со определени цели, надлежности и механизми на отчетност пред јавноста.
На ниво на управување, тоа значи транспарентност на одлуките, јасно образложување на здравствените приоритети, следење на нивното остварување и јавна отчетност за резултатите. На ниво на раководење, тоа подразбира редовна проценка на работењето на здравствените установи според однапред утврдени показатели.
Успехот треба да се оценува според повеќе димензии: финансиските резултати, обемот на извршените услуги, квалитетот и безбедноста на здравствената заштита, достапноста на услугите, условите за работа, професионалниот развој на вработените и искуството на пациентите.
Но, одговорноста не завршува со донесувањето на една одлука. Кога денес погрешно ќе се определат приоритетите, кога недоволно ќе се вложува во превенцијата или кога ќе се занемари медицинскиот кадар, цената не се плаќа веднаш. Последиците стануваат видливи дури по неколку години!
Затоа, доброто управување бара и способност за долгорочно согледување на последиците, следење на резултатите и навремено преиспитување на донесените одлуки.
Оценувањето на професионалната одговорност треба да биде правично и да ги зема предвид реалните услови во кои работат институциите. Кога ќе се утврдат одредени пропусти, треба да се испитаат нивните причини, да се преземат корективни мерки и да се утврди одговорноста таму каде што таа навистина постои.
Особено е важно да се разликуваат грешките што произлегуваат од системски недостатоци од оние што се последица на несовесно постапување, злоупотреба или намерно прекршување на правилата. Само така професионалната одговорност може да стане средство за подобрување на системот, наместо извор на страв и прикривање на проблемите.

Институциите како организирана грижа
На нашиот здравствен систем му се потребни институции што ќе создадат услови за добрите практики да бидат правило, а не исклучок кој зависи од ентузијазмот на поединци!
За да го постигнеме тоа, ни требаат јасни правила, стабилни процедури, стручна слобода на лекарите и континуитет во работењето кој нема да се руши со секои нови избори или персонални промени.
Кога институциите функционираат на овој начин, здравствените работници конечно можат да се посветат на својата основна професионална задача. Тогаш тие точно знаат што се очекува од нив, пред кого одговараат и на каква поддршка можат да сметаат во секој миг.
Од друга страна, граѓаните конечно ќе ја добијат онаа одамна изгубена сигурност дека нивното здравје нема да зависи од чиста среќа, од врски, лични познанства или од добрата волја на поединци. Токму во тоа се крие подлабоката смисла на институционалната грижа!
Таа грижа живее во навремената набавка на лекови, во исправната медицинска опрема, во добрата организација на работата, во правичната распределба на ресурсите и во секоја одлука што создава услови човекот да ја добие потребната помош.
Кога сè функционира како што треба, оваа институционална грижа често останува невидлива. Но, кога ја нема — нејзиното отсуство се чувствува веднаш!
Затоа, мерит-системот и професионалната одговорност не се само суви административни правила за тоа како да се изберат раководители или како да се оцени нивната работа. Тие се темел врз кој градиме систем во кој знаењето конечно има вредност, каде што совесноста има поддршка, а доверената одговорност се оправдува со резултати.
И колку е поголемо влијанието на нечија одлука врз животот и здравјето на луѓето, толку е поголема и неговата обврска да постапува компетентно, совесно и во јавен интерес!
Конечно, човекот што влегува во здравствена установа и не мора да знае како е организирано управувањето, кој ги донел одлуките и според кои критериуми биле избрани раководителите. Но, тој има апсолутно право да ги почувствува резултатите од доброто управување: да добие навремена помош, да добие квалитетно лекување, да добие достоинствен однос и да стекне сигурност дека системот е тука за него!
_____________
За потребата од Здравствен устав прочитајте повеќе во Време е за 'Здравствен устав'
„Преамбулата“ од циклусот „Кон здравствен устав“ е достапна тука, а потоа следат Член 1 – Здравјето како национален стратешки интерес, Член 2 – Правичност во здравствената заштита, Кон здравствен устав (3): Член 3 – човекот во средиштето на здравствениот систем