Пред десетина дена, на 28 септември, Старшип (Starship) за првпат стигна во орбитата. Она што следи би можело да го промени начинот на кој размислуваме за тоа каде луѓето можат да живеат.
На 28 септември бевме сведоци на важен момент во развојот на Старшип. За време на 14-тиот лет, Ship 41 за првпат влезе во Земјината орбита и таму распореди 26 оперативни сателити Старлинк В3 (Starlink V3). Претходните тринаесет летови следеа суборбитални траектории. Овој пат Старшип за првпат го направи она за што беше развиен целиот систем од самиот почеток: стигна во орбитата и таму достави вистински товар. И најинтересното за мене е што всушност ова значи на долги патеки.
Старшип не е замислен како уште една голема ракета. Денешната верзија на целиот систем е висока околу 124 метри, а само горниот степен е висок околу 52 метра. Од Спејс Екс (SpaceX) наведуваат дека бродот има носивост од повеќе од 100 тони во ниска Земјина орбита при целосно реупотреблива конфигурација. Уште поважна е можноста за дополнување на горивото во орбита. Доколку системот проработи онака како што е замислен, СпејсЕкс смета на превоз од неколку стотици тони товар во еден вселенски брод до Марс.

Ракетата Старшип на СпејсЕкс за првпат полета за да достигне орбита на 28 септември 2026 година. Фото: СпејсЕкс
Тука се менува целата логика на вселенските мисии.
Месечината ќе биде еден од првите големи тестови. НАСА и СпејсЕкс развиваат специјална лунарна верзија, Старшип HLS, висока приближно 50 метри. Артемида III закажана во 2027 година, треба во земјината орбита да тестира комерцијални системи за слетување, додека НАСА во моментов го планира првото враќање на човекот на Месечината со Артемида IV на почетокот од 2028 година. Кој комерцијален лендер тогаш ќе ги однесе астронаутите до површината ќе зависи од подготвеноста на системот.
Но, Марс е причината зошто сметам дека Старшип е мошне поинтересен од самата приказна за Месечината. Ако еден ден сакаме да имаме трајна човечка населба на Марс, таму не треба прво да испраќаме знаме и неколку астронаути. Ќе треба да се испратат огромна количина работи.
Енергетски системи. Возила. Резервни делови. Комуникациска опрема. Машини за ископување и поместување на почва. Системи за добивање вода и кислород. Опрема за производство на гориво. Материјал за живеалишта. Храна. Лаборатории. Алат.
СпејсЕкс веќе јавно зборува за товарни летови кон Марс уште во 2028 година, додека долгорочниот план вклучува милиони тони товар потребен за трајно присуство на другата планета. Засега се збори за цели, не за загарантирани рокови, но насоката на развој е мошне јасна.

Горниот степен на леталото Старшип ги распоредува сателитите Старлинк V3 за време на својот прв орбитален лет на 28 септември 2026 година. Фото: СпејсЕкс
И мислам дека една од најинтересните сцени во историјата на истражувањето на вселената ќе се случи пред човекот да стапне на Марс за прв пат.
Можно е прво дека најнапред ќе гледаме машини.
Старшип би можел да спушти десетици тони опрема на површината, а потоа роботите би поминале месеци или години подготвувајќи го теренот за луѓе. Тие би можеле да постават енергетски системи, да испитуваат локации за идните слетувања, да преместуваат реголит, да бараат ресурси и да ја проверуваат инфраструктурата.
Со ваквите машини нема да можеме да управуваме како со багер на далечинско управување од контролна соба на Земјата. Во зависност од положбата на двете планети, радиосигналот помеѓу Земјата и Марс патува приближно од 3 до 23 минути во еден правец. НАСА веќе истакна дека идните мисии до Марс ќе мора да имаат многу повисоко ниво на автономија.
Додека ваквите машини навистина започнат со работа на Марс, сосема извесно е тие да користат системи што штотуку се појавуваат денес: комбинација од компјутерски вид, автономна роботика, планирање и потомци на денешните мултимодални модели со ВИ.
Не постои објавен план за тоа како некој LLM би управувал булдожер на Марс. Но, машина оддалечена десетици милиони километри од Земјата ќе мора самостојно да ја разбере околината, да го процени проблемот и да донесе голем број одлуки без да чека наредби од Земјата.
Можеби првите вистински чекори кон населба ќе изгледаат вака:
Старшип слетува без луѓе.
Од него излегуваат машини.
Започнуваат со производство на енергија. Го истражуваат теренот. Го подготвуваат местото за следното слетување. Проверуваат каде има вода. Воспоставуваат комуникации. Складираат резерви.
Потоа доаѓа вториот Старшип.
Па, третиот.
И дури откако на површината има доволно опрема, резервни системи, енергија и ресурси, за дефектот на едно нешто да не значи крај на целата мисија, таму пристигнуваат луѓето.
Тоа ми е многу поинтересно од класичната слика на астронаут кој излегува од вселенски брод и забива знаме во тлото.
Првата населба на Марс веројатно нема да започне со човек. Ќе започне со логистика. Машини. Со товар. Енергија. Инфраструктура.
Старшип сè уште го чекаат огромен број работи за да се докаже. Целосна и брза повторна употреба на системот. Безбедна орбитална дополна на гориво. Повеќемесечни летови низ длабоката вселена. Безбедно слетување на огромен вселенски брод на Месечината и на Марс. Сигурност потребна за превоз на луѓе.
Сепак, една голема работа беше чекирана на таа листа.
Старшип стана орбитално возило. И она што особено ми се допаѓа во сето ова е фактот што развојот не го гледаме отпосле, во документарец.
Го гледаме во живо.
Гледавме како експлодираат прототипови. Науспешни слетувања. Мотори што не се рестартираа. Летала што не го завршија летот. Па, првите успешни враќања. Првите распоредувања на тест товари. А сега и првото вистинско влегување во орбита.
Ако Старшип еден ден навистина стане систем преку кој луѓето ќе изградат трајно присуство на Месечината или прва населба на Марс, овие слики денес ќе изгледаат сосема поинаку.
Тоа ќе бидат снимки од времето кога сè уште бевме на почетокот. А ние имаме доволно среќа за да го следиме почетокот додека тој се случува.
Иван Петричевиќ e основач на порталот Kozmos.hr и новинар специјализиран за теми од науката, историјата и технологијата