Како што веќе пишавме оваа година во Белград, Србија, се одржува 10-то издание на eSecurity конференцијата посветена на прашања од областа на кибер безбедноста и кибер криминалот, заштитата на податоци и, секако, едукација како на корисниците и професионалците. Оваа година во фокусот на конференцијата е вештачката интелигенција и промените што таа ги носи во ова мошне чувствително поле од двете страни на теренот. На покана од тимот на eSecurity оваа година ЕМИТЕР, како медиумски партнер, има уникатна можност директно од настанот да ве известува за случувањата на конференцијата.
Десеттата eSecurity конференција го поставува кибер-просторот онаму каде што навистина се наоѓа денес – на граница меѓу технологијата, човекот и бизнис-ризикот. Бидејќи во современиот дигитален свет прашањето веќе не е дали организацијата ќе биде цел на обид за напад, туку колку добро е подготвена да го препознае, ограничи и преживее.
Кибер-безбедноста одамна престана да биде само прашање за систем-администраторите и ИТ-одделите. Денес, еден успешен кибер-напад може да запре производство, да блокира критични податоци, да предизвика финансиски загуби или да го наруши работењето на цела организација. А со развојот на вештачката интелигенција, трката меѓу напаѓачите и оние што ги бранат системите добива нова, многу посложена димензија.
Токму овие предизвици се во фокусот на десеттата Меѓународна eSecurity конференција, која повторно на едно место собира експерти и професионалци од областа на информациската безбедност.

Една од централните теми ќе биде примената на вештачката интелигенција во кибер-одбраната. Прашањето веќе не е само како да се користи ВИ за откривање на нападите, туку и како да се заштитат системите од напади во чие создавање и изведување учествува токму вештачката интелигенција. Автоматизираното препознавање на аномалии и раното откривање закани отвораат нови можности за одбраната, но истовремено напаѓачите добиваат алатки за создавање пософистицирани и потешко препознатливи напади.
Посебно внимание ќе биде посветено на ransomware нападите и напредните перзистентни закани (APT) – сценарија во кои напаѓачите не се задоволуваат само со еднократен упад, туку се обидуваат подолго време да останат незабележани во системот и да стигнат до највредните податоци.
Но, најсложениот безбедносен систем може да биде компромитиран преку наједноставната алатка – човекот. Затоа на конференцијата значајно место ќе имаат социјалниот инженеринг и напредниот phishing, со анализа на техниките со кои напаѓачите ја искористуваат човечката доверба, невнимание или недоволна информираност.
Темите ќе опфатат и усогласување со сè построгите регулативи и стандарди за заштита на податоците и информациската безбедност, како и специфичните предизвици со кои се соочуваат финансиските институции и системите за дигитални плаќања.
А кибер-безбедноста не завршува кога нападот ќе биде откриен. Затоа дел од програмата е посветен на дигиталната форензика, реакцијата при инциденти, обновувањето по катастрофи и паметните стратегии за резервни копии – односно на она што се случува „по проблемот“.
Покрај предавањата, конференцијата предвидува практични работилници и обуки во кои инженерите и техничките експерти ќе можат непосредно да се запознаат со начинот на функционирање на одбранбените системи, дигиталната форензика и примената на ВИ. Особено интересен аспект е можноста да се види и спротивната страна – како напаѓачите можат да ја користат вештачката интелигенција.
Дене имавме само мала увертира за она што нè очекува – тренинг сесии ориентирани кон професионацлите, фокусирани кон тоа како тие да начат да ги откријат скриените закани, да ги анализираат компромитираните Линукс системи и како да ја унапредат заштитаат на модерната инфраструктура. А како што ветивме, се пишуваме и гледаме утре – од првиот официјален ден на eSecurity10 во Белград, Србија.