Кога од далечниот космос ќе пристигне необичен радиосигнал, првото прашање што природно ни паѓа на ум е дали некој се обидува да ни се јави? Во овој случај, одговорот е не.
Меѓународен тим астрономи, користејќи го радиотелескопскиот систем MeerKAT во Јужна Африка, регистрирал радиозрачење за кое потврдиле дека не само што доаѓа од далечен планетарен систем, туку и прецизно го лоцирале неговото потекло – планетата Beta Pictoris b. Се работи за огромен млад гасовит џин со маса околу 10–12 пати поголема од онаа на Јупитер, сместен на оддалеченост од околу 63 светлосни години од Земјата.
Радиосигнали од планетарни системи биле забележувани и порано, но научниците тешко можеле да утврдат дали нивниот извор е планетата или ѕвездата околу која таа орбитира. Кај Beta Pictoris, ситуацијата била поповолна бидејќи матичната ѕвезда е релативно мирна магнетно. Со повеќекратни набљудувања, истражувачите успеале да ја усогласат положбата на радиоизворот со орбитирачката планета, а не со ѕвездата или со другите познати планети во системот.

Уметничка визија за тоа како би можела да изгледа планетата во орбита на Бета Пикторис (ESO/L. Sidewalk)
Но, што произведува радиобранови на една планета оддалечена десетици светлосни години? Најверојатниот одговор се аурорите.
На Земјата, поларната светлина се појавува кога енергетски наелектризирани честички комуницираат со магнетното поле и атмосферата. Слични процеси се случуваат и кај гигантските планети во Сончевиот систем. Јупитер, на пример, е најмоќниот природен извор на аурорално радиозрачење во нашиот планетарен систем.
Кај Beta Pictoris b, истражувачите регистрирале брзи, повторливи и силно кружно поларизирани радиоизблици, во опсег од околу 0,85 до 3,5 GHz. Нивните карактеристики одговараат на механизам познат како електронска циклотронска масерска нестабилност – процес при кој брзи електрони се движат по магнетните линии и создаваат силно насочено радиозрачење.
Највисоката регистрирана фреквенција покажува дека магнетното поле во регионот каде што се создава зрачењето е најмалку 1250 гауси, односно околу 0,125 тесла. Тоа е илјадници пати посилно од магнетното поле на Земјата. Истовремено, резултатот се вклопува во теоретските очекувања за млади и масивни гасовити планети.
Зошто воопшто ни е важно магнетното поле на некоја далечна гасовита планета?

Иако дијаметарот на Јупитер е десет пати поголем од оној на Земјата, оваа илустрација ги прикажува сличностите меѓу двата вида поларна светлина
Затоа што магнетното поле може да биде еден од клучните фактори што одредуваат колку долго планетата ќе може да ја задржи својата атмосфера. Моќните ѕвездени ветрови можат постепено да ги „оддуваат“ атмосферските честички, додека магнетосферата може да обезбеди значајна заштита.
Beta Pictoris b сама по себе не е кандидат за живот каков што го познаваме – таа е огромен гасовит џин. Но, нејзиниот радио-сигнал отвора нов метод за проучување на планетарниот магнетизам. Доколку идните, уште почувствителни радиотелескопи успеат да регистрираат слични сигнали од други егзопланети, астрономите би можеле да добијат нов начин за испитување на нивните магнетни полиња, атмосфери и интеракцијата со матичните ѕвезди.
А кога ќе дојде ред на малите, карпести планети во погодна орбита, оваа техника би можела да стане уште поважна. Не затоа што радио-сигналите ќе ни кажат дали таму има некој што ни се јавува. Туку затоа што би можеле да ни покажат кои далечни светови имаат услови да останат погодни за живот.
Деталите за ова откритите може да го најдете во научниот труд објавен на предпринт серверот на arXiv