На прв поглед, фотографијата подолу изгледа како едноставна сцена од историското патување до Месечината. Mал вселенски брод лебди над сивата лунарна површина, а далеку зад него се гледа Земјата. Но, оваа фотографија крие еден необичен факт – речиси секое живо суштество што во тој момент постоело на Земјата било ‘кадросано’ на неа. Со еден исклучок.
Фотографијата е направена на 21 јули 1969 година, во последните часови од мисијата Аполо 11. Додека Нил Армстронг и Едвин Баз Олдрин се враќале од површината на Месечината со лунарниот модул Орел, нивниот колега Мајкл Колинс во командниот модул Колумбија, кружел околу Месечината на височина од околу 97 километри над нејзината површина.

Колинс бил сам. Не само поради тоа што физички изолиран од своите колеги, останатите два члена од екипажот, туку во одредени моменти од мисијата тој бил и единствениот човек кој не можел да ја види Земјата. Имено, додека командниот модул Колумбија минувал отаде Месечината, радиоврската со Земјата била прекината. Армстронг и Олдрин биле долу, на површината, а Колинс кружел сам околу небесното тело.
Затоа подоцна бил нарекуван и 'најосамениот човек во светот'.
Но во моментите кога Орелот се отиснал од месечевата површина и започнал да се приближува кон Колумбија, Колинс го подигнал својот фотоапарат Hasselblad и го направил кадарот познат како AS11-44-6642. Во него се гледа лунарниот модул, Месечината и малата, половично осветлена Земја во далечината.
Оваа фотографија е заеднички портрет на човештвото со еден исклучок. Имено, сите луѓе во тој момент се наоѓале во кадарот, освен човекот што го направил. Армстронг и Олдрин биле во месечевиот модул, на Земјата биле сите останати луѓе (родени до тој датум), вклучувајќи го и нашиот уредник и повозрасните соработници на Емитер :). А Колинс? Toj бил зад камерата, сам во огромниот простор меѓу нив.
Фотографијата не е само документ за едно од најголемите патувања во историјата. Таа е и редок поглед кон човештвото однадвор – мала Земја, двајца луѓе што ѝ се враќаат и трет човек кој, барем за еден миг, бил единственото живо суштество надвор од неа.