„Сите патишта водат кон Рим“ е една од најпознатите реченици поврзани со Римската Империја. Но, кога научниците конечно ја ставиле целата империјална патна мрежа на една дигитална карта и ја анализирале како единствен систем, излегло дека реалноста е значително посложена.
Меѓународен тим составен од истражувачи од Универзитетот во Архус, Универзитетот Квин Мери од Лондон и други институции, реконструирал 299 илјади и 171 километар од римските патишта низ Европа, Северна Африка и Блискиот Исток. Резултатите, објавени во списанието Nature Communications, ја претставуваат досега најдеталната квантитативна анализа на патната инфраструктура на Римската Империја.
Истражувачите користеле податоци од дигиталниот атлас Itiner-e, а потоа примениле методи од науката за мрежи – математички пристап со кој може да се измери колку одреден град или дел од патот е важен за поврзаноста на целата мрежа.
Резултатот е интересен. Рим бил исклучително важен град, но не бил најцентралниот посредник во копнената патна мрежа на Империјата.

Патот Виа Егнатија во близина на Кавала, Егејска Македонија Фото: Филип Филхофер виа Википедија
Особено поволна положба имале градови како Антиохија, Анкира, Коринт и Византион. Последниот, подоцна познат како Константинопол, имал особено стратешка позиција бидејќи се наоѓал на преминот помеѓу европскиот и азискиот дел од империјалната мрежа. Поврзувањето било овозможено и со премин преку Босфор.
Тоа не значи дека Рим бил неважен. Напротив, неговото значење во системот на империјата не може да се процени само преку копнените патишта. Рим бил тесно поврзан со речниот и поморскиот транспорт, а токму тие начини на превоз биле од огромно значење за долги растојанија.
Оттаму поговорката повеќе кажува за политичката симболика на Рим отколку за геометријата на римската патна мрежа.
Уште еден друг ‘мит’ којшто истражувањето го доведува во прашање е оној за совршено правите римски патишта. Имено, римските инженери навистина настојувале да градат директни траси кога условите го дозволувале тоа. Но, планините, долините, реките и другите природни пречки поставувале многу поцврсти граници од она што понекогаш го замислуваме.
Анализата покажува дека патиштата биле релативно прави во рамнините, но станувале позавиени во планинските области. Во просек, римските патишта сепак биле покривудави од современите главни патишта, бидејќи денешната механизација овозможува мошне пообилно менување на теренот. Наместо да ја покоруваат природата, Римјаните најчесто ја следеле. Ги користеле долините и планинските премини, а каде што тоа било неопходно граделе мостови, потпорни ѕидови, насипи и правеле засеци во карпите.

Карактеристики на патиштата што ги проучувале истражувачите: а) Максимален наклон. б) Ориентација на патот по покраини. Стрелките ги означуваат покраините каде што ориентацијата на патот ја следи ориентацијата на планините. в) Синуозност на римските патишта. г) Синуозност на современите патишта. д) Индекс на топографска положба (TPI) на римските патишта; негативните вредности означуваат долини, високите позитивни вредности означуваат гребени. ѓ) Матрица што ја сумира врската помеѓу топографските варијабли: долу лево: дијаграми на расејување со линеарен тренд, дијагонала: хистограми, горе десно: Пирсонови ρ вредности. Сите варијабли се мерени за сегменти од патот долги 1000 m. © Itiner-e
Можеби најинтересен аспект од новото истражување е промената на перспективата. Наместо патиштата да се проучуваат еден по еден, истражувачите ги третирале како единствена огромна мрежа. На овој начин станува видливо нешто што тешко се забележува од една поединечна археолошка локација – одредени градови и патни правци биле клучни затоа што низ нив минувале голем број врски меѓу различни делови од империјата.
Во оваа мрежа се издвојуваат и градови од Балканот. Меѓу значајните посредници се појавуваат Филипополис (Пловдив), Сердика (Софија), Наисус (Ниш) и Тесалоника (Солун), што ја покажува важноста на балканските коридори во поврзувањето на различни делови од империјата. Но, најнеочекуваниот дел од приказната можеби се наоѓа во сегашноста.
Истражувањето открива мерлива поврзаност помеѓу густината на римските патишта и трасите на значајните современи рути. Тоа не значи дека денешните патишта едноставно ги следат римските, ниту дека причината секогаш е директна. Географијата, местоположбата на градовите, реките и планинските премини често ги принудува различните цивилизации да ги избираат истите коридори.
Римските патишта биле инфраструктура низ која се движеле луѓе, стока, идеи и технологии. Тие помогнале да се поврзе огромен простор и оставиле траги што, во одредени региони, можат да се препознаат и речиси две илјади години подоцна.
Новата дигитална карта не покажува само каде оделе Римјаните, таа покажува нешто пошироко – како една инфраструктурна мрежа може со векови да го обликува начинот на кој луѓето се движат, градовите се развиваат и просторот се поврзува.

Карактеристики на патиштата што ги проучувале истражувачите: а) Максимален наклон. б) Ориентација на патот по покраини. Стрелките ги означуваат покраините каде што ориентацијата на патот ја следи ориентацијата на планините. в) Синуозност на римските патишта. г) Синуозност на современите патишта. д) Индекс на топографска положба (TPI) на римските патишта; негативните вредности означуваат долини, високите позитивни вредности означуваат гребени. ѓ) Матрица што ја сумира врската помеѓу топографските варијабли: долу лево: дијаграми на расејување со линеарен тренд, дијагонала: хистограми, горе десно: Пирсонови ρ вредности. Сите варијабли се мерени за сегменти од патот долги 1000 m. © Itiner-e