Рубрика: Астрономија и астронаутика
Постои ли галаксија без ѕвезди?
Објавено на 14.09.2026 - 17:30

Кога ќе кажеме галаксија, пред очи веднаш имаме слика на море од ѕвезди – потенцијално вртелешка од спирални краци, блескави јата или огромни елиптични системи. Но, објектот детектиран во близина на галаксијата М94, на оддалеченост од околу 14 милиони светлосни години од Земјата, ѝ пркоси на оваа претстава. На прв поглед се чини дека астрономите ‘налетале’ на невозможна верзија на галаксија – огромен облак од гас без ниту една ѕвезда.

Објектот е наречен Cloud-9, во превод Облак-9 или Деветто небо, како милувате. Првично бил забележан при набљудувања со радиотелескопи, благодарение на зрачењето од неутралниот водород – атомскиот водород, познат како H I. Понатамошните набљудувања покажале дека станува збор за компактен облак со маса од околу милион Сонца во форма на неутрален водород. Но, останало едно клучно прашање – дали гасот можеби крие исклучително слаба џуџеста галаксија?

За да го дознаат одговорот, истражувачите го насочиле вселенскиот телескоп Хабл кон Облак-9. Чувствителноста на овој телескоп им овозможила потенцијално да 'видат' и многу слаби ѕвезди, коишто би биле незабележливи за телескопите од Земјата. Но, резултатот бил изненадувачки.

НИШТО! Во облакот не биле пронајдени ѕвезди. Објектите што се гледаат во оваа област се галаксии што се наоѓаат далеку зад Облак-9. Анализата го исклучува присуството на нормална ѕвездена компонента со маса поголема од околу 10 000 Сонца.

Но, приказната тука не завршува. Во јуни 2026 година, Облак-9 бил подложен на уште една независна проверка, овојпат со еден од најголемите оптички телескопи во светот – Големиот Канарски телескоп, опремен со инструментот HiPERCAM. Истражувачите направиле ултрадлабоки снимки во пет различни филтри, со цел да проверат дали можеби постои исклучително слаба дифузна ѕвездена компонента што претходните набљудувања не успеале да ја откријат.

И повторно – НИШТО. Новите снимки достигнуваат површинска светлосна граница до околу 31,4 магнитуди по квадратна лачна секунда во g-филтерот. И покрај оваа огромна чувствителност, во централниот дел на Облак-9 не е откриена никаква ѕвездена светлина. Истражувачите поставиле горна граница од само околу 16 000 маси на Сонцето за вкупната ѕвездена маса. Тоа е особено значајно затоа што ова ограничување е добиено со независен метод – преку пребарување на интегрирана, дифузна светлина, а не само преку броење поединечни разрешени ѕвезди.

Имено, според космолошкиот модел познат како ΛCDM, во раниот универзум се формирале огромен број ореоли од темна материја. Во доволно масивните ореоли, гасот можел да се собере, да се олади и на крајот да започне со формирање на ѕвезди. Но, не сите ореоли биле доволно масивни за тоа. А Облак-9 можеби е пример за токму таков 'неуспешен' обид.

Истражувачите го класифицираат како можен Reionization-Limited H I Cloud – RELHIC, односно облак од неутрален водород ограничен од процесот на рејонизација. Идејата е дека во релативно мал ореол од темна материја гасот останал заробен, но никогаш не успеал да се згусне доволно за да стартува формирањето на ѕвезди. Улогата на космичкото ултравиолетово зрачење по епохата на рејонизација дополнително го отежнувала ладењето и колапсот на гасот.

Облак-9 има уште една необична особина. Иако самиот облак од водород е релативно мал – околу 4 900 светлосни години во дијаметар – неговата динамика укажува дека зад него се крие многу поголема маса. Ако гасот навистина е во гравитациска рамнотежа, пресметките упатуваат на ореол од темна материја со маса од околу пет милијарди Сонца.

Ова укажува дека Облак-9 можеби е своевиден космички 'фантом'. Во објектот нема ни трага од она што е вообичаено за една галаксија – ѕвезди – туку само потенцијалната основа за нејзиниот развој: гас и темна материја. Но, оваа слика не е ниту целосна ниту едноставна. Новите истражувања предлагаат дека Облак-9 сепак не е сосем изолиран. Неговата структура можеби е изменета од интеракцијата со околината на М94, при што надворешниот дел од гасот можеби бил отстранет од движењето низ жешкиот гас околу галаксијата.

Случајот Облак-9 е вистинска космичка мистерија. Дали навистина гледаме во галаксија што никогаш не успеала да изнедри ѕвезди, или во необична гасовита структура создадена од динамиката на галактичкото опкружување?

Одговорот сè уште не е конечен иако секое ново набљудување го стеснува просторот за можни објаснувања. Ако се покаже дека Облак-9 е навистина галаксија без ѕвезди, тогаш астрономите добиваат редок поглед кон една фаза од галактичката еволуција која обично останува скриена – објект што ги има гравитациските темели и материјалот за галаксија, но никогаш не стигнал до најпрепознатливиот чекор раѓањето на првата ѕвезда.

Клучни зборови: