Настаните понекогаш нè потсетуваат на постоење на некои вредности што во секојдневието лесно ги земаме здраво за готово. Здравјето на населението е една од нив. Од него зависат квалитетот на животот, човечкиот потенцијал, економската и социјалната стабилност и способноста на општеството да се развива.
Преамбулата ја постави вредносната рамка на овој здравствен устав. Член 1 сега ја преточува таа рамка во неговата прва темелна одредба – го определува местото што здравјето на населението треба трајно да го има во државата и во општеството.
Член 1
„Здравјето на населението е национален стратешки интерес и трајна јавна вредност. Неговото зачувување и унапредување претставува заедничка одговорност на државата, институциите и општеството.“
Зад овие зборови всушност стои секојдневниот живот на луѓето. Тука е содржана нивната секојдневна способност да учат, да создаваат нови вредности, со задоволство да работат, со љубов да се грижат за своите семејства и на крајот, достоинствено и спокојно да стареат. Токму од мозаикот на сите тие поединечни човечки приказни и судбини се создава и вистинската здравствена слика на една држава.
Токму затоа, здравјето со право има значење што во целост го опфаќа целиот простор на јавните политики.
Прогласувањето на здравјето за национален стратешки интерес со себе носи и една сосема практична обврска, а тоа е здравствените последици да бидат еден од основните критериуми при креирањето на секоја јавна политика!
Одлуките во економијата, образованието, социјалната политика, заштитата на животната средина и урбаниот развој секојдневно и силно влијаат врз условите во кои луѓето се раѓаат, живеат, творат и стареат. Понекогаш ова влијание го забележуваме веднаш, а понекогаш, дури по многу години.
Од оваа силна меѓусебна поврзаност природно произлегува фундаменталниот принцип „Здравје во сите политики“. Неговата суштина е извонредно едноставна и логична, а тоа е дека секогаш кога државата носи каква било важна одлука, таа мора претходно прецизно да знае како таа одлука може да се одрази врз здравјето и благосостојбата на луѓето.
Здравјето како развоен ресурс
Кога зборуваме за здравјето како стратешки интерес, сосема е лесно разговорот да остане заробен во светот на големите, апстрактни поими. Нивната вистинска смисла најубаво се гледа во едноставниот, секојдневен живот на секој од нас.
Дете што расте здраво има далеку поголема можност во иднина целосно да го развие својот потенцијал и талент. Исто така, здравиот возрасен човек може многу подолго и попродуктивно да работи, да создава нови вредности и да биде спокоен. На крајот, повозрасниот човек што успешно го зачувал своето здравје, може многу подолго да остане самостоен, витален и активен дел од своето семејство и од целата заедница.
Токму тие поединечни, исполнети човечки животи всушност го создаваат вистинскиот човечки и општествен капитал на една држава.

Поради тоа, паметното вложување во здравјето создава трајна вредност што природно се пренесува низ сите пори на општеството. Помалата преваленција на болестите, намалувањето на инвалидноста и спречувањето на предвремената смрт значат многу подобар живот за луѓето, поголема работоспособност на нацијата и значително помал притисок врз здравствениот и социјалниот систем.
Токму во овој дел превенцијата го добива своето вистинско и незаменливо стратешко место. Обезбедувањето безбедна животна средина, контролата на ризиците во околината, раното откривање на болестите и квалитетното здравствено образование се столбови кои бараат континуитет и долгорочна политика.
Плодот на таквите мудри политики понекогаш го гледаме дури по години или децении. Токму затоа, здравството има огромна потреба од институционална меморија, доследност во чекорите и редовно, транспарентно мерење на постигнатото, бидејќи секоја одлука донесена денес, директно (може да) влијае врз здравјето на генерацијата што допрва расте.
Здравјето како споделена одговорност
Чија е, тогаш, одговорноста здравјето навистина да стане национален стратешки интерес?
Првиот круг на одговорност во целост ѝ припаѓа на државата! Таа е должна да ја создаде рамката во која здравјето реално се зачувува и се унапредува, што вклучува обезбедување достапна, правична и одржлива здравствена заштита, квалитетно образование, економска и социјална сигурност кај граѓаните, безбедни услови за домување и работа, како и здрава животна средина.
Институциите се оние кои ја претвораат таа правна рамка во секојдневно дејствување. За успешно исполнување на оваа задача, во институционалното работење се неопходни стручност, јасни правила, силна меѓусебна координација и постојана отчетност. Конечно, секој граѓанин ја доживува и ја оценува државата токму преку квалитетот на институциите со кои секојдневно се среќава.
Во овој сложен систем, здравствените професионалци носат посебна одговорност. Нивната стручна автономија во одлучувањето секогаш (треба да) оди рака под рака со високиот професионален интегритет, безрезервното почитување на достоинството на пациентот и одговорноста за квалитетот и безбедноста на здравствената грижа.
Секако, во овој голем круг свое место имаат и самите граѓани. Нивната лична информираност, разумното и домаќинско користење на заедничките ресурси, активното учество во превентивните здравствени програми и одговорното однесување во секојдневието се клучен дел од таа улога во општеството.
На овој начин, одговорноста во државата добива една јасна структура во која државата ја создава рамката, институциите ја спроведуваат, професионалците ја обезбедуваат здравствената грижа, а граѓаните активно учествуваат во зачувувањето на сопственото и заедничкото здравје.
Дури кога секој чинител (ќе) го знае својот дел од одговорноста, здравјето навистина станува заедничка, јавна вредност.
Македонскиот контекст
Кога во Македонија зборуваме за здравството, разговорот речиси неизбежно и веднаш започнува од оние проблеми што граѓаните болно ги чувствуваат секој ден на сопствената кожа. Тука се мисли на термините што тешко се добиваат, долгите и исцрпувачки чекања за обичен преглед или сложена интервенција, постојаниот недостиг од стручен медицински кадар, просторните услови во јавните здравствени установи, како и високите приватни трошоци за лекување што сериозно го оптоваруваат секој семеен буџет.
Сето тоа е наша реалност која бара итни и конкретни решенија.
Зад овие јасно видливи и секојдневни проблеми всушност стои едно многу подлабоко и стратешко прашање:
Кон што навистина сакаме да се движи македонското здравство во следните десет или дваесет години?
Давањето точен одговор на ова прашање бара воведување на долгорочна рамка, која во себе ќе содржи јасни национални цели, мерливи показатели за успех и силни институции способни доследно да ги спроведуваат политиките и постојано да учат од нивните резултати.
Ваквиот пристап подразбира воведување стабилно и предвидливо финансирање на секторот, со јасно и заштитено место за превенцијата и јавното здравје во буџетот. Тој исто така бара долгорочно планирање на идниот здравствен кадар, обезбедување регионална правичност во пристапот до здравствена заштита во секој град, како и посебно внимание и заштита за ранливите групи граѓани.
Покрај ова, неопходно е воведување редовна проценка на здравственото влијание при носењето на сите значајни јавни политики, функционална меѓусекторска координација, како и редовно и разбирливо објавување на остварените здравствени резултати пред јавноста.
Министерството за здравство, Фондот за здравствено осигурување, Институтот за јавно здравје, професионалните комори и локалната самоуправа имаат различни улоги и секојдневни надлежности во општеството. Сепак, нивната главна заедничка точка и водилка во секојдневието мора да бидат токму овие јасно дефинирани национални здравствени цели.
Дури тогаш, системот ќе почне да се движи во иста насока.
Здравјето како мерило на јавните политики
Ако здравјето е национален стратешки интерес, природно следува едно прашање: како ќе знаеме дали навистина го унапредуваме?
Одговорот мора да го бараме во резултатите.
Колку долго живеат луѓето? Колку од предвремените смртни случаи можеле да бидат спречени со превенција, а колку избегнати со навремена и квалитетна здравствена грижа?
Колкави се здравствените разлики меѓу различните социјални групи и различните делови на земјата? Колку лесно граѓанинот стигнува до примарна здравствена заштита?
Дали превентивните програми стигнуваат до оние за кои се наменети — и дали даваат резултат? Колку семејствата се финансиски заштитени кога ќе се појави болест?
Тоа се прашања што можат да се мерат.
Овие бројки добиваат своја вистинска вредност за општеството дури тогаш кога сме подготвени искрено да учиме од нив, бидејќи тие реално ни покажуваат каде точно напредуваме, на кои места сериозно заостануваме и во кои сегменти мора итно да ја промениме државната политика.
Токму преку ваквиот пристап се создава она што го нарекуваме „систем што учи“, односно здравствен систем кој континуирано ги следи сопствените резултати, ги препознава своите слабости и брзо го приспособува своето дејствување врз основа на докази.
Оваа способност за постојана самокорекција претставува едно од најважните мерила за институционална зрелост.
Практично значење и критериум за оценување
Што би значело сето ова во практиката?
Здравјето како национален стратешки интерес треба да биде видливо во начинот на кој државата ги планира демографските, економските, образовните, социјалните и еколошките политики.
Сите значајни јавни одлуки мора задолжително да се проценуваат и според нивните директни здравствени последици врз заедницата. Исто така, инвестициите во здравствениот сектор по својата природа бараат долгорочна перспектива, додека превенцијата налага стабилно, заштитено и целосно предвидливо место во јавните политики, како и во нивното буџетско финансирање.
Покрај ова, реалните резултати од секојдневното работење на институциите треба редовно, транспарентно и без исклучок да бидат достапни за јавноста, а здравствените нееднаквости меѓу граѓаните мора систематски да се мерат и континуирано да се намалуваат во општеството.
Дури кога ќе ги исполниме овие услови, здравјето на граѓаните навистина ќе прерасне во заедничко и праведно мерило за квалитетот на сите јавни политики.
Токму преку овој пристап доаѓаме до едно извонредно едноставно и логично прашање, кое во секој момент може да се постави пред секоја здравствена политика, секоја јавна институција и секоја власт.
Прашањето гласи: Во која мера одлуките на државата и секојдневното дејствување на институциите придонесуваат за зачувување и унапредување на здравјето на населението?
Одговорот на ова прашање се гради исклучиво врз основа на верификуваните податоци на терен, на целосната јавна отчетност на службите и на остварените резултати што можат да се споредуваат низ времето.
Заклучок
На крајот, целиот Член 1 може да се сведе на една едноставна идеја: прифаќањето на здравјето на населението како трајна државна вредност создава обврска на секоја генерација кон онаа што доаѓа по неа!
Исполнувањето на една ваква историска обврска во реалноста бара долгорочна визија, радикално усогласени јавни политики на сите нивоа и институции способни доследно да учат од сопствените резултати во текот на годините.
Токму од оваа темелна вредност понатаму природно и логично произлегуваат принципите на правичност, солидарност, добро управување, одговорност и одржливост на системот.
Секој од нив ќе добие свое место во следните текстови од циклусот.
Здравјето на населението е едно од најјасните и непогрешливи мерила за вистинската развојна зрелост на една држава, како и за нејзината способност организирано и долгорочно да се грижи за човекот и за заедницата.
(продолжува)
Д-р Драган Даниловски
__________________________
За потребата од Здравствен устав прочитајте повеќе тука, додека „Преамбулата“ од циклусот „Кон здравствен устав“ е достапна тука