Рубрика: Медицина
Колку LED светилките влијаат врз здравјето
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 20.08.2026 - 18:30

Цел ден работите во канцеларија во која нема прозорци. Над вас светат LED светилки, компјутерот е вклучен, а природна сончева светлина речиси и да нема. За многумина ова е нормално секојдневие. Но, според едно истражувачко гледиште што го развива професорот Глен Џефери од Универзитетскиот колеџ во Лондон (UCL), можеби на ваквото осветлување му недостига нешто што нашите клетки го добивале со милиони години – поширокиот спектар на сончевата светлина.

Сонцето не свети само во боите што ги гледа нашето око. Во неговата светлина има огромен спектар – од ултравиолетово, преку видливо светло, па сè до црвено и блиску инфрацрвено зрачење. Но кога ќе влеземе во современа канцеларија, стан или продавница, тој спектар одеднаш станува многу потесен. Најчесто нè осветлуваат LED светилки чија светлина е концентрирана главно во видливиот дел од спектарот, со изразена компонента на пократки, сини бранови должини. Токму тука професорот Џефери гледа потенцијален проблем.

Во јануари 2026 година, Глен Џефери и Едвард Барет ги објавија во Scientific Reports резултатите од нивното истражување во кое испитувале што се случува со човечката визуелна функција кога луѓето работат под типично LED осветлување. Современите бели LED-светилки воглавно работат во видливиот дел од спектарот, со изразен врв околу 420 до 450 нанометри, додека имаат многу малку зрачење во спектарот над 700 nm, односно во инфрацрвеното подрачје.

Џефери и неговите соработници сметаат дека митохондриите („електраните“ на клетката) се чувствителни на светлина и дека различните бранови должини можат различно да влијаат врз нивната функција. Тој го користи изразот „инфрацрвено изгладнување“ за ситуацијата во која современиот човек поминува голем дел од денот под светлина што речиси не содржи црвени и блиску инфрацрвени бранови должини – компоненти што природно ги добиваме од сончевата светлина. Идејата не е дека клетките буквално „јадат“ инфрацрвена светлина, туку дека митохондриите, клеточните структури задолжени за производство на енергија, можат да реагираат на одредени бранови должини. Имено, во моделот на Џефери и Барет, особено значајни се подолгите бранови должини, од црвената светлина до блиску инфрацрвеното подрачје. Тие можат да влијаат врз митохондријалната функција, поттикнувајќи ја и со тоа директно влијаејќи на начинот на кој клетките ја користат енергијата. LED-светилката, пак, може да биде многу ефикасна за осветлување на просторот, но од спектрален аспект е далеку од сончевата светлина. Па ваквата осветленост со пократки бранови може да има спротивен ефект.

Но, што покажал експериментот со луѓе?

За да испитаат што се случува со човечкиот вид кога луѓето подолг период работат во простор без дневна светлина, истражувачите најнапред работеле во простор осветлен исклучиво со LED-светилки. Потоа во истиот простор додале обични 60-ватни сијалици со вжарено влакно, кои имаат значително поширок спектар и содржат и инфрацрвено зрачење. По две недели била измерена подобра способност за препознавање на контрастите во боите. Подобрувањето било за околу 25% и било забележливо и во обата испитувани визуелни опсези.

Зошто би било тоа важно за митохондриите?

Една од можните врски се гледа во друго истражување на тимот. Во трудот објавен во Scientific Reports во 2025 година тимот на Џефери покажал дека инфрацрвената светлина од сонцето може да помине низ човечкото тело. Кога испитаниците биле изложени на светлина од околу 830–860 nm, визуелната функција им се подобрила и во случаи кога очите биле заштитени од светлината.
Постои и уште еден интересен експеримент. Во 2024 година, Мајкл Пауер и Џефери изложиле 30 здрави испитаници на 15 минути светлина со бранова должина од 670 nm. Во експеримент со 670-нанометарска црвена светлина, кратка изложеност довела до помал пораст на гликозата во крвта по внесување шеќери. Имено, по изложувањето на оваа светлина, порастот на гликозата во крвта на испитаниците за време на тестот за толеранција на гликоза бил за 27,7% помал во споредба со контролната група. Вкупната изложеност на гликоза била намалена за околу 7,3%. Оттаму истражувачите сметаат дека црвената светлина може да влијае врз митохондриите и нивната способност да користат гликоза и кислород за производство на енергија.

Ова поставува едно многу поширокото прашање: ако одредени бранови должини можат да влијаат врз митохондриите, дали хроничното отсуство на тие бранови должини од нашето секојдневно осветлување може да има цена? Џефери смета дека треба сериозно да го испитаме тоа. Тој состојбата ја споредува дури со „азбест на нашето време“, односно со потенцијален јавноздравствен проблем чии последици би можеле да станат очигледни дури по долг период. Споредбата не значи дека е докажано оти LED-светилките се опасни на ист начин како азбестот. Таа е предупредување дека една технологија што масовно сме ја вовеле поради нејзината енергетска ефикасност можеби има физиолошки аспекти што не биле доволно земени предвид.

Но, треба да се повлече важна граница. Науката сè уште не покажала дека нормалното користење LED-светилки предизвикува дијабетес, инсулинска резистенција или забрзано стареење. Досегашните експерименти покажуваат дека спектарот на светлината може да влијае врз визуелната функција и дека одредени црвени бранови должини можат да влијаат врз метаболизмот на глукозата. Дали долгорочното изложување на тесноспектарно вештачко светло навистина создава системски метаболички проблеми кај луѓето, допрва треба да се утврди.

Токму затоа терминот „инфрацрвено гладување“ треба да се сфати како опис на истражувачката хипотеза, а не како воспоставена медицинска дијагноза. Уште помалку може да се каже дека LED-светилките се „нов азбест“. Самата споредба, која Џефери ја користи за да го нагласи потенцијалниот јавноздравствен проблем, е предупредување, а не научно утврдена класификација на ризикот.

Што можеме да направиме во меѓувреме? Наједноставно е да не го поминуваме целиот ден под вештачко осветлување. Дневната светлина има исклучително широк спектар, па престојот надвор во текот на денот е најприродниот начин да се изложиме на него. За внатрешните простории, пак, истражувањето отвора интересно прашање дали идните светилки треба да произведуваат поширок спектар, наместо да бидат оптимизирани само за видливата светлина и за енергетската ефикасност.

Можеби иднината на осветлувањето нема да биде едноставно LED или не LED, туку ќе се развие во насока за вклучување на поширок дел до природниот спектар во просторот во кој живееме.

Клучни зборови: