На овие пеколни горештини скопјани не можат да се освежат и да пливаат бидејќи нема градски плажи, а малиот број базени се далеку од задоволување на потребите на граѓаните. Низ градот тече реката Вардар, најголемата река во Република Македонија, но таа е премногу загадена. Центарот за јавно здравје има донесено забрана граѓаните да ја користат водата во Вардар за пливање, риболов и наводнување.
Не само во Скопје, туку вдолж целото течение на реката Вардар се исфрлаат фекалии од градовите и селата, отпадни води со разни хемикалии од индустријата, разновидно ѓубре, коритото се оштетува со ископи на песок ... Кога ќе заврне обилен дожд, во реката пливаат пластични шишиња и други предмети. Живиот свет во реката е речиси исчезнат, риби нема или има многу малку што не се за јадење. Веќе не гледам ниту рибари на брегот.
Водата од реката Вардар се употребува за наводнување на дел од земјоделските површини со што се загадуваат земјоделските производи, а тоа влијае на здравјето на луѓето што ги консумираат.
Согледувајќи ги потребите на Скопје, со самопридонес на граѓаните во 1978 година како спортско-рекреативен центар беше изградено Езеро Треска и тоа беше добро решение за плажа на скопјани. Имаше соодветна инфраструктура: јавни тоалети, кабини за преслекување, ресторан, паркинг. Водата се обновуваше од реката Треска. Но, и таа вода стана загадена и се заклучи дека треба да се стави филтер пред да влезе во езерото. Тоа не се направи и оттогаш беше забрането капење во него и целиот проект за плажа на скопјани пропадна по 20 години.

Течението на реката Вардар низ Скопје. Фотографирано од мостот во билизна на Паркот во правец на мост Гоце Делчев и централното градско јадро. Фото: Невенка Стојановска
Но, да се вратам на периодот до земјотресот во Скопје (до 1963 г.), во моите детски години живеев во населбата Пролет (ја викаа Пролеќе) и со другите деца од маалото редовно одевме на плажа на реката Вардар кај железничкиот мост. Иако имаше и други плажи (Градска плажа, Руска плажа) кај градскиот парк, “мојата“ плажа за мене беше најдобра бидејќи на брегот имаше ситен песок и ми беше најблиску. Немаше кабини за преслекување, но имавме специјални гаќи за капење (купаќи) со врвки на едната страна и можевме да ги преслекуваме без да ги соблечеме панталоните. Таа плажа беше масовно посетувана од луѓе од Маџир Маало, Ново Маало, нас. Пролет, Мичурин (егејско маало) и др. Таму научив и да пливам на седум години.
Се сеќавам, пред влезот на плажата имаше јаз (голема бразда) низ кој течеше загадена вода, а преку него ставена широка талпа како мост по кој поминувавме. По повеќе години во случаен разговор со мој школски другар (Благоја) дознав дека тој јаз бил плански направен како колектор за отпадни води. Значи во тоа време колку-толку се внимавало реката да биде помалку загадена. Има и друг факт во прилог на помало загадување на Вардар, а тоа е што поголемиот број на куќи не беа приклучени на градска канализација, туку имаа свои септички јами во дворовите што се празнеа повремено со цистерни од “Комуналец“ и потоа фекалиите ги исфрлаа во реката на излез од градот. Како доказ дека водата во Вардар беше релативно чиста беше големиот број рибари на бреговите во самиот град. Уловените риби ги ставаа на прачки од врба и како низи ги продаваа приквечер кај Камениот мост.

Градска плажа во старо Скопје
Заради големата поплава во 1962 година на Вардар во Скопје направен е голем зафат за регулација на речното корито во должина од 14 км, а од двете страни се направени насипи за заштита од поплави. Изградбата на новото корито траеше од 1967 до 1975 година. За жал, не беше предвиден проект за пречистување на отпадните води, а во следниот период состојбата многу се влошуваше заради интензивната експанзија на градот со ново население и изградбата на индустриски објекти.
Радува фактот што во тек е изградба на пречистителна станица за отпадните води во Скопје, лоцирана во Трубарево со капацитет за околу 600 000 жители. Околу 40% од градежните работи се веќе завршени, а се очекува да биде готова до 2028 година и да биде пуштена во пробна работа до 2030 година кога ќе биде целосно во функција. Ќе се врши примарен и секундарен третман со помош на современа технологија и опрема за биолошки третман на отпадни води. Се разбира дека треба да се преземат мерки за незагадување и пречистување на водата по целото течение на Вардар од Вруток до Гевгелија.
Реката Сена во Париз беше многу загадена во минатото така што пливањето во неа било забрането од 1923 година. Но, последниве години е направен голем зафат со инсталирање на големи пречистителни станици и од 2025 година е дозволено пливање во реката на одредени плажи по повеќе од 100 години. Значи проблемот со загадена вода од 11 милиони жители на градот Париз е успешно надминат.
Вардар е еден од симболите на Македонија, а меѓу другото, тоа име е испеано во голем број легендарни песни. Во една од нив се вели “Ој Вардаре македонски ти ја красиш Македонија ...“. А денес загадениот Вардар е показател на неодговорноста на целото општество: индустријата, политиката, многу несовесни граѓани ...!
Да се надеваме дека проектот со пречистителната станица во Скопје ќе се реализира успешно и евентуално реката ќе може да се користи за капење. На крај да ве “освежам“ со оптимистички предлог: Ако може плажа на Сена во Париз, зошто не на Вардар во Скопје?
Ристо Цицонков, Жител на Скопје