Рубрика: Астрономија и астронаутика
Приказната од еден астрофотограф за целосното затемнување на Сонцето
Автор: Боби Кузманоски
Објавено на 18.08.2026 - 16:15

Како што веќе известивме, на почетокот од овој месец експедиција од Скопското астрономско друштво отпатува во Шпанија од каде на 12 август, во доцните попладневни часови, можеше да се проследи целосно затемнување на Сонцето. Заедно со нив беше и еден од најдобрите македонски астрофотографи – Боби Кузманоски, кој по обработката споделува неколку од своите најдобри фотографии од настанот, придружени со патеписна приказна како тие настанале и со коментар за секоја од нив, за сите ние да знаеме што всушност гледаме :)

Во продолжение ви ја пренесуваме во целост неговата приказна за шпанското искуство.

Поминаа цели две години откако за првпат ми се роди идејата да заминам за Шпанија и со сопствени очи да го доживеам и фотографирам најголемиот космички спектакл — целосното затемнување на Сонцето. Имав доволно време да се подготвам, да ги проучам сите детали и да видам како колегите астрофотографи од целиот свет се справуваат со оваа трка со времето. Но, главната лекција што ја научив пред да дојде тој судбоносен момент беше дека мораш да уживаш во глетката со сопствените очи, а не да го поминеш целиот тоталитет заклештен зад екранот.

Токму затоа, започнав потрага по софтвер за автоматизација кој ќе го преземе раководењето со камерата. Сонцето не чека никого и непрекинато се движи по небото, па ми беше потребен и прецизен тракер. Дополнително, сакав втора камера да ја улови драматичноста на пејзажот во преден план, а тука беа и куп батерии, филтри, кабли и статив, лаптоп ...

Еден месец пред полетувањето, ја склопив сета опрема и се качив на покривот од мојата зграда за генерална проба. Пресметав кога заоѓа Сонцето и точно 1 час и 45 минути порано започнав со симулацијата. Тоа беше драгоцено искуство што ми ги отвори очите, имено не земав предвид колку густата атмосфера при заоѓањето ја ослабнува светлината во споредба со тоа кога Сонцето е високо на небото. Ги коригирав сите параметри во софтверот и конечно бев спремен за главната битка.

Екипата на Скопското астрономско друштво допатува во Шпанија неколку дена пред настанот. Поголемиот дел од тимот се смести во Мадрид, додека помала група замина за Леон. Како наша примарна цел и дестинација за набљудување и фотографирање ја избравме убавата средновековна тврдина Гормаз во областа Сорија. Уште во 15 часот, паркингот пред тврдината беше преплавен со над 100 автомобили. Колку се собраа подоцна, до самиот почеток на затемнувањето, немам точна информација, но претпоставувам барем уште толку, ако не и многу повеќе. Но, мојата замислена позиција беше поинаква, па се сместивме на 1.2 километри подалеку. Магијата на телефото-објективот на толкаво растојание прави илузија каде Сонцето изгледа гигантско над силуетата на тврдината. Откако ја одредивме идеалната точка, се повлековме во длабока сенка покрај блиската река за да ги сочуваме силите.
Времето одбројуваше. Иако почетокот беше закажан за 19 часот и 35 минути, со Радан уште во 18 часот и половина тргнавме кон позицијата, за да ја поставиме опремата и да ги направиме последните финални нагодувања.
И тука започна вистинската драма! Од трите ранци почнав трескавично да вадам опрема: составување, зашрафување, стегање, мрежа од УСБ-кабли, батерии, павер-банки, лаптоп... А надвор пеколни 1000°C! Потта ти лее од сите страни, капа на глава, се поливаш со вода за да преживееш... и во тој критичен момент, лаптопот одбива да се вклучи! #$%&@*!? 
Пулсот отиде во плафон. Цели десет мачни минути се борев да го стартувам. Без компјутерот целата автоматизација паѓа во вода, што значи рачно фотографирање во паника, фатални грешки и, најстрашно од сè, целосно пропуштање на феноменот!
Некако, како по чудо, системот конечно оживеа! Но, на тоа пеколно Сонце и заслепувачка светлина, воопшто не можев да забележам дека лаптопот всушност цело време се подигал и си работи сосема нормално. Осветленоста (brightness) на екранот била намалена на минимум! Дури кога го однесов во сенка сфатив што всушност се случува... 

Брзо го отворив софтверот, го активирав тракерот и застанавме во исчекување на 19 часот и 45 минути.Кога започна затемнувањето, сè работеше како совршено подмачкана машина. Резултат: преку 2500 сурови кадри кои чекаат на обработка!

За почеток, ви ја претставувам фотографијата од самиот момент на тоталитетот. На неа јасно се гледа Сончевата корона во целиот нејзин сјај, односно ерупции на плазма (протуберанции) по работ, како и комплексните линиски структури на магнетното поле од кои се формира соларниот ветар. Фотографијата е изработена со техниката на висок динамички опсег (HDR), добиена со комбинирање податоци од 15 поединечни експозиции со времетраење од 1/4000 дел од секунда до 4 секунди.


Фотографија од самиот момент на тоталитетот фото: Боби Кузманоски, Скопско астрономско друштво

Ако тоталитетот е круната на ова космичко шоу, овие неколку секунди пред и по него се дефинитивно најдраматичниот дел!

Станува збор за Дијамантскиот прстен (Diamond Ring) и Бејлиевите бисери (Baily's Beads). Тоа се оние магични, супер брзи моменти кога Сонцето ги испраќа своите последни зраци пред целосно да исчезне или кога ја најавува својата повторна победа над темнината.


Композитна слика, со прстенот и бејлиевите бисери фото: Боби Кузманоски, Скопско астрономско друштво

Пред самиот тоталитет, прво се појавува дијамантскиот прстен кога последната силна точка светлина блеснува покрај Сончевата корона. Бидејќи Месечината не е совршено мазна топка, во моментот кога нејзиниот диск речиси целосно го покрива Сонцето, последните зраци светлина се кршат низ нејзините кратери, планини и долини, создавајќи ја таа низа од сјајни бисери. Покрај нив, на самиот раб од Сончевата хромосфера блеснуваат и протуберанците, односно моќни ерупции на плазма. Имавме вистинска среќа што овојпат на левата страна од Сончевиот диск се појави една огромна, спектакуларна протуберанца, за разлика од десната страна каде што беа значително помали. По тоталитетот, редоследот е обратен, па прво се појавуваат бисерите низ релјефот, а веднаш по нив блеснува вториот дијамантски прстен.

За нас фотографите, ова е дефинитивно најнапрегнатиот дел од целата сесија. Додека самиот тоталитет во Шпанија траеше околу минута и пол, па имаш време на раат да ја повториш целата фотографска секвенца неколку пати, со прстенот и бисерите нема никаква можност за грешка. Имаш прозорец од едвај две до три секунди каде што експозицијата мора да биде исклучително брза за да не се преекспонира тој последен агресивен зрак, а во исто време да го уловиш финиот детаљ од релјефот на Месечината.
Иако кај мене окинувањето на апаратот се одвиваше автоматски преку софтвер специјално дизајниран за таа намена, во тие моменти стоев залепен до камерата само за да го слушам затворачот како штрака. Во тие неколку секунди пред и по тоталитетот, брзината беше толку голема што звукот наликуваше на старата машина за шиење Сингерица!

И како што е ред следуваат и композитните фотографии од фазите на затемнувањето!


Композитна фотографија од фазите на затемнувањето фото: Боби Кузманоски, Скопско астрономско друштво

Според претходниот план, Сонцето го следев со прецизен тракер и фотографирав автоматски на секои 30 секунди. На крајот, кога тоа почна бавно да заоѓа позади ридот, го извадив заштитниот соларен филтер за да направам кадри од самиот пејзаж со 500mm и 100mm, кои подоцна ги искористив за колажите.


Композитна фотографија од фазите на затемнувањето фото: Боби Кузманоски, Скопско астрономско друштво


Композитна фотографија од фазите на затемнувањето фото: Боби Кузманоски, Скопско астрономско друштво

Во исто време, втората камера беше фиксно поставена на истиот статив, од десната страна, со фокална должина од 70mm и во вертикална ориентација. Оваа камера окинуваше на секоја минута, а за финалната композитна фотографија го искористив секој трет фрејм со цел да нема преклопување на Сончевите дискови и патеката да биде совршено чиста.

И секако, тука е и наједноставната, но секогаш впечатлива композитна фотографија од фазите поставени на чиста, црна позадина!


Композитна фотографија од фазите на затемнувањето фото: Боби Кузманоски, Скопско астрономско друштво

И за сам крај на целата оваа приказна, ви ја претставувам видео анимацијата (подолу) составена од комплетниот материјал! Во неа е сплотен целиот тој космички процес, од самиот почеток на затемнувањето, преку магичниот тоталитет, па сѐ до моментот кога Сонцето конечно замина зад хоризонтот...

Целосно затемнување на Сонцето видено од Гормас Шпанија, автор: Боби Кузманоски
Клучни зборови:

фото: Боби Кузманоски, Скопско астрономско друштво

фото: Боби Кузманоски, Скопско астрономско друштво

фото: Боби Кузманоски, Скопско астрономско друштво

фото: Боби Кузманоски, Скопско астрономско друштво

фото: Боби Кузманоски, Скопско астрономско друштво

фото: Боби Кузманоски, Скопско астрономско друштво