Астрономите успеаја да го забележат еден од најраните моменти во животот на една супернова – кога ударниот бран од експлозијата избил низ површината од ѕвездата
Што се случува во последните моменти од животот на една масивна ѕвезда? Ова прашање ги “мачи” астрономите подолго време, бидејќи директен одговор е речиси невозможно да се добие. Причината е едноставна – најраната фаза од експлозијата на една супернова трае мошне кратко, понекогаш само неколку секунди или минути. Но, се чини дека на астрономите конечно “им се посреќи”.
Во март оваа година вселенската опсерваторија Einstein Probe забележала краток блесок на меки Х-зраци од објект оддалечен околу 500 милиони светлосни години. Настанот бил означен како EP260321a.
Блесокот веднаш го привлекол вниманието на астрономите. Телескопи од различни делови на светот биле насочени кон истиот извор и започнале да го следат неговото однесување. Наскоро станало јасно дека светлината нагло се засилува. Пред нив, очигледно, се случувала експлозија на ѕвезда.

Настанот го добил името SN 2026gzf, а две истражувачки групи започнале детално да го набљудуваат. Обете групи, независно една од друга, дошле до ист заклучок: првичниот блесок забележан во Х-зрачното подрачје бил таканаречен пробив на ударниот бран (shock breakout).
Имено, при колапсот на една масивна низ неа се движи огромен ударен бран. Тој патува кон површината и во еден момент избива од ѕвездата. Токму тогаш се ослободува првата светлина од експлозијата – светлина што може да стигне до нашите телескопи.
Овој настан се очекува кај суперновите, но неговото директно набљудување е исклучително тешко. Пробивот на ударниот бран може да трае од само неколку секунди до неколку часа. Затоа досега астрономите успеале да потврдат само неколку вакви случаи.
Суперновата SN 2026gzf, пак, имала уште една необична карактеристика. Имено, истражувањата покажале дека станува збор за супернова од тип Ic-BL, односно експлозија со исклучително широки спектрални линии. Овој тип супернови често се поврзува со гама-блесоците и со моќните млазови од материја што се движат со брзини блиски до брзината на светлината. Но, кај SN 2026gzf немало ништо од тоа.
И покрај внимателното набљудување со чувствителни телескопи, астрономите не пронашле никакви знаци на гама-блесок, релативистички млаз или последователно зрачење што вообичаено ги придружува овие настани. Можно објаснување е дека млазот едноставно не успеал да излезе од ѕвездата. Можеби бил „задушен“ во нејзините надворешни слоеви или во густиот материјал што ја опкружувал ѕвездата.
За да ја откријат целата приказна, астрономите не се потпреле само на еден телескоп. Во истражувањето биле вклучени повеќе опсерватории, меѓу кои DESI, опсерваторијата Vera C. Rubin, камерата DECam, опсерваторијата Chandra и радио-телескопскиот систем Very Large Array.
Со комбинирање на податоците од сите овие опсерватории астрономите добиле можност за следење на суперновата во различни бранови должини и можност да видат како нејзиното зрачење се менувало со текот на времето.
Резултатите упатуваат дека SN 2026gzf најверојатно потекнува од Волф-Рајеова ѕвезда, тип којшто е околу 20 пати помасивен од Сонцето. Таквите ѕвезди се исклучително масивни и нестабилни и можат да изгубат огромни количества материја пред конечно да колабираат.
Се чини дека ова се случило и сега. Ѕвездата пред експлозијата не ја изгубила материјата во еден голем настан, туку низ повеќе неправилни епизоди. Така, околу неа се создале повеќе обвивки од исфрлен материјал. Кога конечно дошло до експлозијата, ударниот бран наишол на овие обвивки. Една од нив можела да биде одговорна за првичниот Х-зрачен блесок, додека друга била осветлена подоцна, кога суперновата станала видлива и во оптичкиот дел од спектарот.
Научниците со тоа добиле нешто што е исклучително тешко да се набљудува – слика на непосредната околина на една масивна ѕвезда пред нејзината смрт.
Ова откритие не е важно само поради необичната супернова. Тоа покажува и колку е значајно телескопите ширум светот да можат брзо да реагираат на краткотрајни космички настани.
Einstein Probe го забележал првиот, краток блесок. Потоа десетици инструменти го презеле набљудувањето. Благодарение на координираната соработка астрономите можеле да го следат настанот речиси од самиот почеток.