На 9 август, во четвртиот обид успешно го детектирав сигналот на водородната линија на 1420 MHz од самиот центар на нашата галаксија, Млечниот Пат, од правец на ѕвездата 3 Sagittarii на границата помеѓу соѕвездијата Стрелец (Sagittarius) и Шкорпија (Scorpius).
Иако е регистриран досега најслаб сооднос сигнал/шум, ова мерење во правец на 3 Sagittarii (во екваторијални J2000 координати: RA 17h 47min 33s, Dec -27° 49' 51") е особено вредно од две главни причини. Првата е географска (позицијата на приемната станица во јужна Европа), а другата е физичка (природата на самиот радио-извор).
Географската позиција на Асамати (41° N) е на границата на можностите за прием од Европа. Деклинацијата на 3 Sagittarii (-27° 49' 51") овозможува тој сектор од галактичкиот центар при транзит да достигне максимална елевација од околу 21° над хоризонтот. За радиоастроном-аматер од Германија оваа точка се искачува на максимум 11°, а во Шведска (Стокхолм) на одвај 3°. На тие ниски агли сигналот минува низ тројно подебел слој од атмосферата, а страничните снопови на параболичната антена директно ја фаќаат топлата Земја (со нејзините термички 290 K и локални радио-пречки) и го потопуваат сигналот. Затоа во Европа речиси и нема објавени аматерски спектри од оваа специфична насока, галактичкиот центар.

Пикот е регистриран на 1420,305 MHz, односно со Доплерово поместување од -100,75 kHz, што одговара на релативна брзина на оддалечување на овој водороден облак од нас од 21,3 km/s. Полево на графикот, на околу 1420,0 MHz, се забележува уште еден помал, секундарен пик со SNR = 0,04 dB, од друг галактички крак.
Во Австралија (на пример, во Сиднеј на 34° S), 3 Sagittarii и целиот Галактички центар минуваат речиси директно низ нивниот зенит на елевација од 85° до 90°. Таму дебелината на атмосферата е минимална и примениот термички шум од Земјата е речиси нула, па Австралијанците примаат многу посилен сигнал. Тоа што успеав да го извлечам овој сигнал од нашата географска ширина покажува колку добро е оптимизиран приемниот синџир со параболичен рефлектор од 90 cm, два предзасилувачи со NF = 0,6 dB, филтер пропусник на опсег за 1420 MHz, СДР-от Airspy Mini и дигиталното процесирање на сигналот со двојно усреднување во временски и фреквентен домен.
Заднинскиот шум од насока на Сагитариус беше за цели 4 dB повисок отколку при снимањето на Лебед (Cygnus), при транзит низ самиот зенит! Вистинско чудо е како сигналот сега успеал да се пробие низ толку силниот шум. Главниот сноп на антената одвај беше над површината на земјата, но помалите, странични лобови сепак примаа шум од топлата Земја.

На сликата јасно се гледа позицијата на 3 Sagittarii на небесната сфера точно во моментот на нејзиниот кулиминациски транзит јужно над хоризонтот во Битола. Галактичкиот диск на Млечниот Пат се гледа како облак на картата
Физичкиот аспект на оваа галактичка локација (галактичка должина l = 3.65°, галактичка ширина b = -1.95°) е многу специфичен.
Во самиот центар на овој галактички сектор се наоѓа и Sagittarius A*, супермасивната црна дупка околу која ротира целата наша галаксија, што дополнително ја прави оваа насока една од најфасцинантните за радиоастрономски истражувања. Бидејќи синхротронскиот фон е огромен и го подига шумот на системот, а апсорпцијата го намалува контрастот, детектирањето на овој пик е директен доказ за високата чувствителност на употребената опрема и математичките методи.
Сигналот е примен со сооднос сигнал/шум (signal-to-noise ratio - SNR) од само 0,01 dB, односно само 0,23% над фонот на шумот. Соодносот сигнал-шум е низок бидејќи иако самиот сигнал е моќен, заднинската синхротронска бучава е исто толку силна, па го маскира корисниот сигнал, слично како човек што вика гласно до нас, но веднаш до него работи компресор од кој не слушаме ништо.

Пикот е регистриран на 1420,305 MHz, односно со Доплерово поместување од -100,75 kHz, што одговара на релативна брзина на оддалечување на овој водороден облак од нас од 21,3 km/s. Полево на графикот, на околу 1420,0 MHz, се забележува уште еден помал, секундарен пик со SNR = 0,04 dB, од друг галактички крак.