Рубрика: Геологија
Најмалиот пустински пејзаж на светот
Објавено на 12.08.2026 - 19:15

Кога ќе помислиме на пустина, најверојатно замислуваме бескрајни пространства од песок, жештина и речиси никаква вегетација. Но, пустините можат да изгледаат и сосема поинаку. Еден од најнеобичните примери се наоѓа далеку на север – во Канада.

Во близина на градчето Каркрос, на територијата на Јукон, се протега пустината Каркрос, песочно пространство со површина од само 2,6 квадратни километри. Толку е мала што нејзините дини можат да се поминат пеш за десетина минути. И токму тука започнува необичната приказна: ова место всушност не е пустина во класичната смисла.

Каркрос добива околу 27 сантиметри врнежи годишно – малку повеќе од границата од 25 сантиметри што често се користи за дефинирање на пустинска клима. Главната причина за неговата сувост, сепак, не е количеството дожд, туку географијата.


Дел од пејзажот од пустината Каркрос во Канада фото: Викимедија

Околу областа се издигаат планини кои дејствуваат како природна бариера. Влажниот воздух што пристигнува од Тихиот Океан се принудува да се издигне над планинските масиви, при што голем дел од влагата се ослободува во форма на врнежи. Кога воздушните маси ќе стигнат до Каркрос, тие веќе се значително посуви.

Парадоксално, токму во периодот кога влажниот воздух би можел да донесе повеќе влага, ситуацијата дополнително ја усложнуваат суви воздушни струења што се спуштаат од правец на Алјаска. Тие ја намалуваат и онака скромната влажност што успева да помине преку планините.

Но од каде воопшто се појавил песокот во овој студен северен предел?

Одговорот лежи во далечното минато. Пред околу 10.000 години, по повлекувањето на ледниците, во регионот останале огромни количества ситен глацијален седимент. Со текот на времето, ветровите го пренесувале материјалот и го натрупувале во дини, создавајќи го денешниот необичен „пустински“ пејзаж.

Денес, песочните дини на Каркрос претставуваат редок природен феномен среде северната канадска пустелија. Наместо класична пустина создадена од екстремна суша, овде гледаме мала песочна енклава чиј изглед е резултат на сплет од геологија, ледено доба, ветер и планинска топографија.

А името Каркрос има уште една интересна приказна: потекнува од изразот „caribou crossing“, односно „премин на карибу“. И денес поширокиот регион е познат како место низ кое минуваат стада од овие северни елени.

Каркрос е добар потсетник дека природата не секогаш ги следи правилата што сме ги замислиле. Пa taka, за да пронајдеме пустина, не мора да одиме во најжешките делови на планетата – доволно е да погледнеме каде планините, ветерот и древниот мраз создале необична комбинација.

Клучни зборови: