Извршниот директор на OpenAI, Сем Алтман, смета дека човештвото веќе влегло во ерата на таканаречената технолошка сингуларност – момент кога вештачката интелигенција почнува да ги надминува човечките интелектуални способности. Според него, овој процес веќе е во тек и претставува позитивен чекор за иднината.
Што значи технолошка сингуларност?
Технолошката сингуларност е концепт што ја опишува точката пресвртница по која системите со вештачка интелигенција би можеле да станат поинтелигентни од најспособните човечки умови. Во такво сценарио, значителен дел од научните откритија, иновациите и технолошкиот напредок би биле резултат на работата на интелигентни машини, наместо на луѓе.

Сем Алтман на ТЕД конференција 2025 година фото: Стив Џавертсон/Викимедија CC BY 2.0
Во едно неодамнешно гостување во поткаст, Алтман изјавил дека светот веќе се наоѓа во сингуларност. Притоа тој нагласил дека не станува збор за нешто што ќе се случи во далечна иднина, туку дека процесот веќе започнал. Според него, ова е „неверојатно позитивен момент за светот“, бидејќи вештачката интелигенција може значително да го забрза развојот на науката, медицината и технологијата.
Но, Алтман не е единствениот технолошки лидер кој смета дека човештвото влегува во нова ера. Илон Маск има слично мислење, но предупредува на ризиците. Имено, тој претходно напиша на X дека „веќе сме влегле во сингуларност“. Маск истовремено е и еден од најгласните критичари на неконтролираниот развој на вештачката интелигенција. Тој повеќепати предупредува дека ВИ би можела да претставува поголема опасност од нуклеарното оружје доколку не постојат соодветни механизми за контрола и безбедност.

Илон Маск на демонстрацијата на уредот Невролинк во 2020 година фото: Стив Џавертсон/Викимедија CC BY 2.0
Концептот на технолошката сингуларност датира уште од 60-тите години на минатиот век. Британскиот математичар Ирвинг Џон Гуд претпоставил дека еден ден ќе биде создадена „ултраинтелигентна машина“ способна самостојно постојано да ја подобрува сопствената интелигенција.
Подоцна, идејата дополнително ја развил математичарот и писател Вернор Винџ, додека футуристот Реј Курцвејл процени дека сингуларноста би можела да настапи околу 2045 година. Од друга страна, директорот на Anthropic, Дарио Амодеи, смета дека тоа може да се случи многу порано – веќе во 2027 година.
Дали навистина сме стигнале до таа точка?
Иако денешните ВИ истеми, како моделите што го придвижуваат ChatGPT, постигнуваат извонредни резултати во многу задачи, тие сè уште не функционираат целосно самостојно. Потребен им е човечки надзор и не можат независно да создаваат нови научни дисциплини или бескрајно сами да се усовршуваат.
Затоа, според традиционалното сфаќање, вистинската технолошка сингуларност сè уште не е достигната. Сепак, Алтман смета дека таа нема да се случи како еден драматичен настан, туку како постепен процес што веќе започнал и ќе стане поочигледен со текот на времето.
Како што вештачката интелигенција станува сè поспособна за анализа на податоци, формулирање хипотези, автоматизација на сложени процеси и помош при научни истражувања, нејзиното влијание врз секојдневниот живот и економијата ќе продолжи да расте – ВИ ќе презема сè повеќе интелектуални задачи.
Според Алтман, вистинските размери на оваа трансформација ќе можат целосно да се согледаат дури по одреден временски период, кога ќе стане јасно колку длабоко ВИ го променила начинот на којшто луѓето работат, создаваат и откриваат нови знаења.