Рубрика: Астрономија и астронаутика
Одбројување до судир – утре остатоци од ракета на SpaceX ќе удрат во Месечината
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 04.08.2026 - 15:00

Степенот од ракетата Фалкон 9 на пат кон Месечината – уметничка визија.

Научниците очекуваат ударот да создаде нов кратер и облак од прашина, додека вселенските сонди ќе се обидат да ги документираат последиците.

Утре, 5 август 2026 година, Месечината ќе биде сведок на необичен настан. Горниот степен од ракетата Falcon 9 на компанијата SpaceX, кој повеќе од една година неконтролирано патува низ просторот помеѓу Земјата и Месечината, речиси сигурно ќе го заврши своето талкање со удар во површината на нашиот најголем природен сателит.

Настанот не претставува никаква опасност по Земјата, но се очекува тој да им понуди на научниците ретка можност за тестирање на моделите за удари со голема брзина во Месечината, при што тие ќе научат повеќе за однесувањето на отпадот во т.н. цислунарен простор или, попросто кажано, во регионот помеѓу Земјата и Месечината.

Ракетниот степен, долг околу 14 метри, беше лансиран на 15 јануари 2025 година за испраќање ба леталата Blue Ghost 1 и Hakuto-R Mission 2 кон Месечината. Откако ја заврши својата задача, степенот не беше насочен кон контролирано уништување туку остана во вселената, заземајќи мошне издолжена орбита околу Земјата. Со текот на времето, гравитацијата на Месечината и Сонцето, како и слабиот, но постојан притисок од сончевата светлина, постепено ја изменија патеката носејќи го во правец на неизбежниот судир со Месечината.


Симулациите предвидуваат кратер широк до 30 метри и облак од реголит што би можел да се издигне десетици километри. Слика: ЕМИТЕР

Според најновите пресметки на астрономот Бил Греј, кој раководи со независниот проект Project Pluto, се очекува ударот да се случи утре, на 5 август во 8 часот 35 минути и 37 секунди по македонско време. Степенот од ракетата ќе удри во површината со брзина од околу 2,4 километри во секунда, односно со приближно 8700 километри на час. Позната е и приближната локацијата. Се очекува степенот да падне во близина на кратерот Ајнштајн, на далечната западна страна од Месечината.

Иако времето на ударот сега е познато со точност од само неколку секунди, предвидувањата за местото на удар сè уште може да отстапуваат за неколку километри. Причина за ова е тоа е што никој не знае со апсолутна сигурност како точно се врти ракетниот степен, а токму тоа влијае врз силата со која сончевата светлина ја менува неговата траекторија.

Според симулациите на меѓународен тим научници предводен од Бенџамин Фернандо, ударот би можел да создаде кратер со пречник од некаде помеѓу 20 и 30 метри. Истовремено се очекува ударот да создаде краткотраен светлосен блесок и облак од прашина и карпест материјал исфрлен од површината. Во најекстремните модели, централниот столб од исфрлен материјал би можел да достигне височина и до 100 километри.

Но, постојат мали шанси самиот блесок да може да се забележи од Земјата. Професионалните опсерватории од просторите на Северна и Јужна Америка сепак ќе се обидат да го регистрираат користејќи исклучително чувствителни камери и телескопи.

Научниците предупредуваат дека добиените бројки не се сигурна прогноза. Конечниот изглед на облакот ќе зависи од повеќе фактори – аголот на ударот, положбата на ракетниот степен во моментот на судирот, како и составот и конфигурацијата на теренот.


Иако станува збор за неконтролиран удар, настанот ќе им овозможи на истражувачите подобро да ги разберат судирите на површината на нашиот природен сателит Слика: ЕМИТЕР

При набљудувањето особено важна улога се очекува да одигра Lunar Reconnaissance Orbiter (LRO) на НАСА. Иако орбитерот најверојатно нема директно да го сними моментот на ударот, тој треба да ја фотографира областа пред и по настанот. Со споредување на снимките, научниците ќе можат прецизно да го пронајдат новоформираниот кратер, да ги измерaт неговите димензии и да анализираат колку материјал бил исфрлен.

Во близина ќе се наоѓа и јужнокорејскиот орбитер Danuri, но засега нема потврда дека тој ќе врши специјални набљудувања на самиот судир.

Овој необичен настан повторно го отвори прашањето за следењето на вселенскиот отпад во просторот помеѓу Земјата и Месечината. За разлика од објектите во ниската орбита околу Земјата, ваквите остатоци многу потешко се откриваат и следат, а нивното движење често го пресметуваат независни астрономи и опсерватории.

Експертите сметаат  дека поради сè поголемиот број мисии кон Месечината во блиска иднина мора да бидат допрецизирани меѓународните правила околу тоа што да се прави со горните степени на ракетите по завршување на нивната мисија.

Клучни зборови:
Степенот од ракетата Фалкон 9 на пат кон Месечината – уметничка визија.

Степенот од ракетата Фалкон 9 на пат кон Месечината – уметничка визија. Слика: ЕМИТЕР

Симулациите предвидуваат кратер широк до 30 метри и облак од реголит што би можел да се издигне десетици километри

Симулациите предвидуваат кратер широк до 30 метри и облак од реголит што би можел да се издигне десетици километри. Слика: ЕМИТЕР

Иако станува збор за неконтролиран удар, настанот ќе им овозможи на истражувачите подобро да ги разберат судирите на површината на нашиот природен сателит

Иако станува збор за неконтролиран удар, настанот ќе им овозможи на истражувачите подобро да ги разберат судирите на површината на нашиот природен сателит Слика: ЕМИТЕР