Постојат небесни објекти што астрономите ги проучуваат со векови, а сепак успеваат повторно да ги изненадат. Таков објект е и Бетелгез – впечатлив црвен суперџин во соѕвездието Орион и една од најпрепознатливите ѕвезди на ноќното небо. Иако видлива со голо око и предмет на безброј набљудувања, дури сега, по речиси сто години претпоставки, научниците успеаја да обезбедат најсилен доказ дека Бетелгез не е ѕвезда самотник.
Меѓународниот тим предводен од астрономот Мигел Монтарже од Париската опсерваторија, користејќи го VLT телескопот на Европската јужна опсерваторија (ЕСО) сместен во чилеанската пустина Атакама, ја доби досега најјасната снимка од ѕвездата придружник, означена како Бетелгез Б. Резултатите се објавени во научното списание Astronomy & Astrophysics.
„Ова е завршница на една потрага што траеше цел век“, вели Монтарже. Според него, моментот кога на обработените снимки се појавил долгоочекуваниот придружник бил вистинско научно возбудување. „Скокнав од столчето кога ги видов резултатите“, признава тој.

Слики од Бетелгез и неговиот придружник направени со VLT Слика: ESO/M. Montargès et al. Заднина: N. Rissinger (skysurvey.org)
Идејата дека Бетелгез можеби има ѕвезда придружник не е нова. Таа беше предложена уште пред околу сто години како можен одговор на необичните промени во сјајот на ѕвездата. Сепак, сите претходни обиди за директно набљудување останаа безуспешни сѐ до 2024 година, кога во две независно објавени студии се предвиде дека во декември истата година придружникот ќе се најде во најповолна положба за набљудување, односно најдалеку од Бетелгез во својата орбита. Тоа им овозможи на истражувачите да ја искористат ретката можност.
Но, изненадувањето не заврши тука, со самото откритие. Претходните проценки укажувале дека Бетелгез B има маса слична на Сонцето. Новите набљудувања покажуваат дека таа е значително помасивна – помеѓу две и три сончеви маси. Тоа значи дека станува збор за многу посјајна и повпечатлива ѕвезда отколку што досега се мислеше, иако таа долго остана практично „невидлива“ поради силниот сјај на Бетелгез.
За ова откритие беше искористен инструментот SPHERE, првично развиен за откривање егзопланети. Благодарение на неговата исклучителна оптичка прецизност и современите техники за обработка на снимките, астрономите успеале директно да ја регистрираат светлината што доаѓа од самиот придружник. Иако научниците сакаат да го потврдат откритието со нови набљудувања кога ѕвездата ќе се најде на спротивната страна од својата орбита, тие сметаат дека речиси и да нема простор за сомнеж дека Бетелгез навистина има придружник.
Ова откритие отвора и нови прашања. Бетелгез е црвен суперџин кој се наоѓа во завршната фаза од својот животен циклус, па во следната фаза ќе експлодира како супернова. Пред неколку години таа нагло потемне, што предизвика шпекулации дека експлозијата е непосредна. Подоцнежните истражувања, исто така предводени од Монтаржес, покажаа дека затемнувањето било предизвикано од огромен облак од прашина што самата ѕвезда го исфрлила.
Сега вниманието се насочува кон новата мистерија – дали Бетелгез Б ќе влијае врз еволуцијата на суперџинот и неговата идна експлозија. Взаемното гравитациско дејство помеѓу двете ѕвезди би можело да влијае врз губитокот на материја, врз ротацијата, па дури и на начинот на кој Бетелгез еден ден ќе го заврши својот живот.
Бетелгез уште еднаш потсети дека Универзумот секогаш успева да зачува по некое изненадување – дури и во нашето космичко соседство.