Овој месец на две различни олимпијади одржани во Кина, македонските математичари средношколци постигнаа одлични резултати, освојувајќи неколку медали и признанија
Македонската математичарска репрезентација постигна одлични резултати на ИМО 2026, глобално најпрестижниот математички натпревар којшто годинава се одржува во Шангај, Кина. На 67. Интернационална математичка олимпијада наштие средношколци освоија злато, три бронзи и пофалница за Македонија.

Екипата ја сочинуваа Дамјан Давков кој со освоени 33 поени се стекна со златен медал; Ивано Божиновски кој со освоени 18 поени се стекна со бронзен медал; Леонид Тодороски и Андреј Тасиќ кои со освоени 16 поени исто така освоија бронзени медали; Филип Калкашлиев со 14 поени доби пофалница и Марко Митевски со 13 поени).
Екипата ја предводи проф. д-р. Мирко Петрушевски, а заменик водач е Алексиј Тасиќ.
Македонските средношколци постигнаа извонредни резултати и на 9. Меѓународна економска олимпијада којашто во периодот од 12 до 20 јули 2026 година се одржа во Шенжен, Кина. Натпреварувањето се состоеше од три дела: економија и финансии – прашања со повеќе одговори и отворени прашања и изработка на бизнис план. Во конкуренција од 56 земји и над 260 натпреварувачи од целиот свет, нашите претставници освоија бронзен медал и второ место на IEOx Youth Talks!
Македонскиот тим го сочинуваа Теа Ангелова, ученичка во II година во Меѓународното училиште НОВА во Скопје; Ванеса Томова, ученичка во I година во ПСУ Јахја Кемал во Скопје; Оливера Џамбазова, ученичка во II година во СУГС Орце Николов во Скопје; Стефан Младеновски, ученик во III година во СОУ Јосиф Јосифовски во Гевгелија; и Георги Јаковлев, ученик во III година во ПСУ Јахја Кемал во Струга. Водичи на тимот беа проф. д-р Анета Гацовска Барандовска и ас. м-р Стево Ѓоргиев од Институтот за математика при Природно-математички факултет – Скопје.

Бронзен медал и второ место на IEOx Youth Talks освои Теа Ангелова, а со одличен настап Македонија ја претставија и Стефан Младеновски, Оливера Џамбазова, Георги Јаковлев и Ванеса Томова. Водичите на тимот ги поминаа квалификациите за жири, имаа предлози за прашања со повеќекратни одговори и отворени прашања од кои сите беа прифатени, а активно учествуваа и во евалуацијата на бизнис плановите во првата фаза.
Подготовките за овој натпревар беа реализирани од водичите на тимот во соработка со експерти од Народна банка на Република Северна Македонија, Државниот завод за статистика, Комисијата за хартии од вредност, Агенцијата за супервизија во осигурувањето, Македонската берза, ВФП Фонд Менаџмент и Македонија Осигурување Виена Иншуренс Груп.
Од редакцијата на ЕМИТЕР упатуваме честитки до сите и им посакуваме уште повеќе освоени медали и животни успеси на нашите математичари и математичарки