Замената на термоелектраните на јаглен (РЕК Битола и РЕК Осломеј) со обновливи извори е сложен потфат бидејќи бара не само инсталирање на капацитет за производство, туку и масивно складирање на енергијата за да се одржи стабилноста на мрежата кога нема сонце или ветер. Потребниот капацитет на обновливите извори изнесува околу 2600–2800 MW и тоа само за замена на постојните термоцентрали, а не и за целосно ослободување од увоз.
ТЕЦ Битола и Осломеј имаат вкупен инсталиран капацитет од околу 824 MW. Во номинален режим би требало да произведуваат околу 3800–4000 GWh годишно, иако во стварност произведуваат далеку помалку. Во обновливите извори, поради факторот на расположливост (бидејќи сонцето не свети 24/7), треба да се инсталираат многу повеќе мегавати за да се произведе истата енергија.
Кај фотонапонските централи (солар) потребни се околу 2500–3000 MW, при фактор на расположливост од 15–18%. Од ветропаркови се потребни околу 1200 MW, при фактор на расположливост од 25–30%. За балансиран, комбиниран систем, Македонија треба да се стреми кон микс од околу 2000 MW солар и 600–800 MW ветер, како дополнување на постојните хидроцентрали.

Бидејќи јагленот е базна енергија којашто се произведува постојано, за негова целосна замена со солар и ветер е потребно складирање кое ќе ја покрие ноќната потрошувачка, како и дневните врвови на потрошувачката. Најправилно е да се користи хибриден систем за складирање од околу 90–95% реверзибилни хидроцентрали и 5–10% батериски системи. Потребниот капацитет за складирање на енергија во сегашни услови изнесува околу 2,5–3,5 GWh, за да се обезбедат 4 часа стабилно напојување за целата држава во критични периоди. Во иднина, доколку се изврши целосен премин на обновливи извори, како и поради зголемените потреби за електрична енергија, капацитетот за складирање би требало да се зголеми до 15–20 GWh. Моќноста на системот за складирање (реверзибилни хидроцентрали и батерии) треба да биде минимум 600–800 MW за моментална поддршка на мрежата.
Од овие причини е потребна итна изградба на една или две реверзибилни хидроцентрали, најдобро со горен резервоар во природна вдлабнатина над Езерото Козјак, на Сува Гора или меѓу акумулационите езера Чебрен и Галиште на Црна Река. Приближните инвестициски трошоци изнесуваат околу 3,6 милијарди денешни евра, од кои 1,3 милијарди евра за фотонапонски централи (2000 MW), 0,9 милијарди евра за ветропаркови (700 MW), до 1 милијарда евра (зависно од локацијата на резервоарот) за системи за складирање (3 GWh) и околу 0,4 милијарди евра за мрежна инфраструктура.

Горен резервоар на реверзибилната хидроцентрала Длухе Стране (Dlouhé stráně) во Чешка, трета најголема од овој вид во светот. Нашата би била изградена за мал дел од тие трошоци, благодарение на природна вдлабнатина на Сува Гора и постоечкото Езеро Козјак како долен резервоар.
Времето за изградба зависи од обновливиот извор. Најбрзата опција се фотонапонските централи (1–2 години), додека ветропарковите и системите за складирање, пред сè реверзибилните хидроцентрали, бараат најмалку 3–5 години. Целосна транзиција и замена на базната енергија од јаглен со стабилен систем на обновливи извори е возможна дури за 7 до 10 години, под услов да има политичка волја и брзи административни процедури.
Овие пресметки подразбираат дека Македонија ќе продолжи да увезува дел од енергијата или ќе користи гасни централи (како ТЕ-ТО) за балансирање, бидејќи целосно потпирање само на солар/ветер без инвестиции во огромни хидроакумулации е технички екстремно тешко и бара уште повеќе време.
Во овој процес на транзиција, од суштинско значење е државниот енергетски столб ЕСМ да биде главниот инвеститор во новите капацитети од обновливи извори. Наместо профитот и природниот монопол врз производството на енергија да им се препуштат на приватни инвеститори, државата мора преку сопствени вложувања да ја задржи контролата врз стратешкиот сектор. Само на тој начин бенефитот од зелената енергија ќе остане кај граѓаните, спречувајќи го целосното пазарно диктирање на цените од страна на приватниот капитал.
Наспроти планираните 3,5 милијарди евра за енергетска независност, средства кои би се вратиле преку профитабилно производство, власта ни ја наметнува изградбата на брзата пруга како нерентабилна и загубарска алтернатива. Со оглед на тоа што реалните трошоци за железницата веројатно ќе се изедначат со оние за обновливи извори, приоритетот на власта е погрешно поставен. Поради ваквата стратешка кратковидност, ризикуваме да останеме без енергетска транзиција за сметка на економски неоправдан проект.
Зелената транзиција кон обновливи извори во нашиот случај се поклопува со исцрпувањето на резервите на јаглен, така што Македонија веќе нема што да чека, а освен тоа презела и меѓународни обврски. Претходната влада уште во 2021 година презела обврска етапно да ги затвора сите термоелектрани на јаглен, започнувајќи со ТЕ Осломеј во 2024, ТЕ Битола 1 во 2026 и конечно ТЕ Битола 3 во 2030 година. Доколку претходната, но и сегашната власт се однесувале сериозно кон ова прашање, 9 години би биле сосема доволни за нашата зелена транзиција.
За жал, не гледаме знаци на политичка волја кај нашите власти, кои веќе изгубија 5 години и немаат намера воопшто да градат државни централи за обновлива енергија. Напротив, крајно неодговорно и ноншалантно продолжуваат да изјавуваат дека ќе продолжат со увоз на јаглен и со скапо и нееколошко производство на електрична енергија. Потполно ги игнорираат и јаглеродните царини кои ќе ги плаќаат македонските извозници за производите произведени од електрична енергија од јаглен.
Околните земји се наоѓаат во различна фаза на подготвеност за зелена транзиција, но сите се под притисок на правилата на ЕУ за декарбонизација. Грција е лидер во регионот и веќе затвора голем дел од капацитетите на лигнит, со план целосно да го исфрли јагленот до крајот на 2026 година. Бугарија и Србија се соочуваат со поголеми предизвици поради големата зависност од јаглен. Бугарија планира излез до 2038 година, додека Србија интензивно инвестира во солар и ветер за да ја намали зависноста до 2040 година. Албанија отсекогаш имала речиси 100% зелено производство благодарение на хидроцентралите, но сега инвестира во солар за да ја намали ранливоста од суши.
Зелената транзиција претставува ризик за работните места во РЕК Битола, но планот за таканаречена праведна транзиција предвидува нивно преквалификување за изградба и одржување на новите енергетски објекти. Наместо нагли отпуштања, процесот може да се менаџира преку природно пензионирање на постарите кадри и постепено префрлање на помладите во секторот за обновливи извори. Државата мора веднаш да започне со програми за преквалификација на постојните вработени за да избегне социјални тензии, но и за да фати чекор со зелената транзиција.