Рубрика: Информатика
Како ќе изгледаат плаќањата во ерата на ВИ?
Автор: Ива Зафировска
Објавено на 20.07.2026 - 15:30

Токенизација, дигитални пари и нови безбедносни предизвици

Добар дел од граѓаните веќе користат вештачка интелигенција при купување – за споредување цени, пронаоѓање идеи за подароци или проверка на впечатоци и рецензии за производите, покажуваат истражувањата. Следниот чекор би можел да донесе уште поголема промена – вештачката интелигенција, со согласност на купувачот, да го пронајде производот, да резервира патување и да го изврши плаќањето.

За тоа како ќе изгледа светот во кој плаќањата ќе ги извршуваат алгоритми, а не луѓе, разговараа водечки финансиски и технолошки експерти на форумот на Виза за иднината на плаќањата, одржан во Париз.

Финансиската индустрија се подготвува за ера во која вештачката интелигенција ќе може да пронајде производ, да ги спореди понудите, да резервира патување и да ја изврши куповината, додека човекот ќе ја носи само конечната одлука за плаќањето.  Наместо долго пребарување и внесување податоци, ќе биде доволно корисникот да потврди дека го прифаќа предлогот на својот дигитален асистент. За ваквиот начин на купување да стане секојдневие, се менуваат и технологиите што стојат зад самиот процес на плаќање.

Еден од клучните технолошки трендови е токенизацијата. Наместо при секое купување да се користат вистинските податоци од платежната картичка, тие се заменуваат со единствен дигитален токен, со што се зголемува безбедноста и се поедноставува плаќањето. Посебен фокус е ставен на малите претпријатија. Наместо да купуваат посебни ПОС-уреди, трговците денес можат обичен паметен телефон да го претворат во терминал за бесконтактно плаќање со едноставно преземање на апликација. Но, најголемиот предизвик и натаму останува финансиската инклузија. Околу 1,3 милијарди луѓе во светот сè уште немаат пристап до банкарскиот систем“, истакнува Тарек Махмуд, претседател на компанијата Виза за регионот на Централна и Источна Европа, Блискиот Исток и Африка.

Како што вештачката интелигенција презема сè поголема улога во финансискиот сектор, од темел се менува и концептот на финансиската безбедност. 

Со децении се подразбираше дека од двете страни на секоја трансакција стои човек. Во иднина, сепак, сè повеќе одлуки ќе носи вештачката интелигенција, која ќе купува и ќе плаќа во име на корисникот. Поради тоа, повеќе нема да биде доволно да се заштити само трансакцијата – ќе биде неопходно да се проверат идентитетот, овластувањата и намерата на оној што ја извршува куповината.

Мислењата на луѓето во моментов се поделени. Кога станува збор за финансиски трансакции, довербата сè уште е ограничена. Само околу една четвртина од испитаниците изјавиле дека би ѝ дозволиле на вештачката интелигенција самостојно да изврши плаќање во нивно име. Истовремено, дури 80 проценти од граѓаните очекуваат токму вештачката интелигенција да им помогне во заштитата од измами при онлајн купување. Сè повеќе се испреплетуваат измамите, сајбер-криминалот и финансискиот криминал. Сајбер-безбедноста станува еден од клучните елементи за функционирањето на финансиските системи“, истакнува Чарлс Лобо, експерт за управување со ризици во компанијата Виза.

Вештачката интелигенција не е единствената промена што го очекува финансискиот сектор. Сè поголемо внимание привлекуваат и стејблкоините (stablecoins) – дигитални валути чија вредност е врзана за традиционални валути, како што се еврото или американскиот долар. Нивната улога не е да го заменат постојниот финансиски систем, туку да го поврзат светот на дигиталните средства со традиционалното банкарство, особено кога станува збор за меѓународните плаќања.

Од готовина, преку платежни картички и мобилни телефони, до вештачка интелигенција која ќе купува во наше име. Во Париз не се разговараше само за иднината на плаќањата, туку и за тоа како ќе изгледа односот меѓу човекот и технологијата во светот на финансиите. Зашто, во ерата на вештачката интелигенција, можеби најважната валута станува – довербата.

Клучни зборови: