Рубрика: Астрономија и астронаутика
Фото на неделата: Кумовата слама распослана над Зовиќ, Мариово
Објавено на 19.07.2026 - 14:45

Оваа недела повторно имаме чест да известиме и да ви пренесеме уште една фото мајсторија на Боби Кузманоски од Скопското астрономско друштво. Фотографијата ја прикажува живописната мариовска природа околу селото Зовиќ со познатиот мост и дел од Млечниот Пат на небото над оваа локација. Подолу ви ја пренесуваме и приказната на Боби Кузманоски за тоа како настанала оваа прекрасна фотографија на Кумовата слама, како што народски се нарекува Млечниот Пат.

По повеќе години силна желба да отидам до с. Зовиќ, Мариово и да го фотографирам познатиот мост, овој вторник конечно успеав да стигнам таму. Заедно со Радан, Христијан и Роберт [од Скопското астрономско друштво] тргнавме натаму со цел да ја разгледаме локацијата и да провериме колку ноќното небо е навистина темно и погодно за астрофотографија. Планираните три часа возење во еден правец, поради една глупава грешка на навигацијата, се претворија во цели пет часа. Сепак, стигнавме навреме, иако за жал ги изгубивме планираните часови за одмор и за прошетка низ селото.

Кумовата слама распослана над Зовиќ, Мариово, видена низ објективот на Боби Кузманоски

Првото нешто што го направивме беше да земам само апарат и да се спуштиме до местото од каде што сакав да го сликам мостот, со цел да направам тест кадри за потоа да се симнам со потребната опрема и да ја направам вистинската фотка. Веќе беше 20 часот и 30 минути, сонцето беше зајдено и полека се стемнуваше. Сфатив дека спуштањето до реката со целата тешка опрема, а потоа и повторното качување нагоре во тотален мрак само со челна лампа би било прилично ризично. Затоа, решив да применам поинаков пристап и да го фотографирам мостот и реката додека сè уште имаше пријатен полумрак, а ѕвездите да ги сликнам малку подоцна од локацијата каде што планиравме да се поставиме со телескопите.

Инаку, за оние што не знаат, во астрофотографијата, кога се фотографира Млечниот Пат заедно со некој објект во преден план, како во овој случај мостот и реката, секогаш се прават две посебни фотографии. Едната се прави за предниот план, а другата се прави со помош на тракер за самиот Млечен Пат за да се добијат остри ѕвезди и да се извлечат што повеќе детали во структурата на галаксијата, за подоцна двете да се спојат во Фотошоп и да се создаде т.н. композитна фотографија.

Ја затворив блендата до крај, ја спуштив ISO-чувствителноста на 50 со цел да симулирам мрак и направив неколку кадри со долга експозиција за да добијам убав, мазен ефект на заматеност на водата. Потоа, со помош на апликација за астрономија која има опција за виртуелна реалност, точно можев да видам каде ќе биде позициониран Млечниот Пат во мојот кадар за подоцна да го сликам со тракерот и прецизно да го вклопам во финалната слика.

Се вративме на локацијата предвидена за поставување на опремата. Откако се позициониравме, најпрво ја направив фотографијата од Млечниот Пат, а потоа продолжив со фотографирање на други астрономски објекти сè до 3 часот и 30 минути, кога и официјално завршува астрономската ноќ. Ги направивме калибрациските фрејмови, се спакувавме и некаде околу 5 часот се упативме назад кон дома.

Клучни зборови: