Долго време, речиси до крајот на 20-ти век, климатизација на просториите не беше навистина потребна во поголемиот дел од еврпските земји поради умерената клима без многу жешки лета. Но, со интензивирање на климатските промени ситуацијата забележително се менува. Вакви топлински бранови со температури над 40ºС немало во минатото. Исто така, и температурите во ноќниот период се доста повисоки така што со проветрување не може доволно да се оладат просториите за бидат со удобни услови за следниот ден.
Во многу земји на западна Европа инсталирањето на клима-уреди на фасадите е регулирано со многу рестриктивни прописи и мора да се добие дозвола за нивно поставување. На пример, во Париз нема шанси да се стават клима уреди на фасади од згради сместени во заштитено урбано подрачје или на оние што имаат врска со културното и историското минато. Во некои градови има прописи и за дозволена максимална бучава на клима-уредите, а овој проблем го истакнуваат и сé повеќе граѓани од Скопје, во деловите со густа изграденост.
Во градовите во Република Македонија гледаме индивидуални клима-уреди на фасадите од многу згради. За станбените згради тоа можеби е наједноставно решение, но има многу згради од државен, јавен и комерцијален карактер со такво решение кое треба (и мора) да се спречи. Постојат решенија со централни системи за климатизација коишто треба да се предвидат уште во фазата на проектирање на објектот. Во Скопје има и негативни примери каде што во минатото се инсталирани централни системи за климатизација, но заради несовесно одржување некои од нив не се во функција, а наместо нив дополнително се поставени индивидуални клима-уреди коишто се гледаат на фасадите.
Со системите за климатизација се јавуваат и други придружни појави што мора да се земат предвид во периодите со повисоки надворешни температури. Во тие моменти тие работат со максимален капацитет при што има и максимална потрошувачка на електрична енергија која го преоптоварува електроенергетскиот систем и може да предизвика пад (исклучување) на целиот систем. Ова е најнесаканата појава во функционирањето на сите активности на населението и индустријата. Значи, треба внимателно да се следи состојбата кога се појавуваат пикови во потрошувачката на електрична енергија и во летниот период.

Потребата од климатизација може значително да се намали или да ја нема ако зградата е направена да има голема енергетска ефикасност. За таа цел во 2002 година ЕУ донесе Директива за енергетска карактеристика на зградите, а Македонија направи сообразност на тој документ и во 2013 година донесе Правилник за енергетска карактеристика на зградите што може да се преземе преку интернет од Министерството за енергетика. Поентата во тој документ се однесува на добра топлинска изолација на ѕидовите и квалитетни прозорци, но и контрола на системите за греење и ладење. Од овластено стручно лице се издава сертификат за годишна потрошувачка на енергија за 1 m² корисна површина во текот на една година, и од тоа се одредува енергетска класа на зградата (А+, А, В, ..., F).
Бројот на згради од енергетска А класа во Европа е релативно мал, но интензивно се работи на реновирање со цел до 2050 година (и порано) речиси сите згради да бидат со речиси нула (потребна) енергија. Во Македонија состојбата е уште полоша. Преку 95% од зградите не ги исполнуваат критериумите од правилникот за енергетска карактеристика. Тоа значи дека во тие згради треба да се инсталираат системи (уреди) за климатизација.
Во голем број случаи кај инвеститорите постои практика прво да ја направат зградата за потоа да преземаат мерки за инсталирање на системи за греење и климатизација. Некои ставиле опрема за греење, а потоа размислуваат за ладење. Оваа практика треба да се прекине. Најдобро е системите за греење, ладење и санитарна топла вода да се предвидат уште во фазата на проектирање на објектот. Се препорачува тоа да го прават фирми специјализирани за греење и ладење, а не да се купуваат клима-уреди во продавниците за разни електрични апарати за домаќинствата (пегли, фенови, вентилатори и др.).
Потрошувачката на електрична енергија од клима-уредите треба да биде што помала, а тоа зависи пред сé од енергетската ефикасност на опремата. На пример, при купувањето на клима-уреди пожелно е да се купат оние со висока енергетска класа (А+,...), која е означена на самиот производ во склад со правилникот на Република Македонија, заснован на сличен документ од ЕУ.
Во многу градови, а тоа го има и во Скопје, лошо планираната урбанизација со густо изградени згради уште повеќе ја зголемува жештината. Во поедини делови од градот се јавуваат т.н. топлински острови каде температурата на воздухот е 3º до 7º С повисока.
Не само кај домаќинствата, жешкото време неповолно влијае и на неудобните услови на работните места во фирмите и институциите така што тоа се одразува и на рентабилноста и успешноста во нивната работа.
На крај уште еднаш да истакнам дека главната причина за екстремните и чести топлински бранови се климатските промени. Бидејќи трендот на емисиите на СО2 продолжува да расте, условите за живот на луѓето стануваат неодржливи, а тоа се однесува и на опстанокот на целиот жив свет. Во такви услови потребата за климатизација на просториите станува сé поголема.
Многу информации за клима-уредите, за разните можни решенија, за принципот на работа, за опремата и друго може да се најдат во книгата “Енергија – Како да се заштеди“ во издaние на Енергија доо.
Д-р Ристо Цицонков e редовен професор на Машинскиот факултет во Скопје и почесен член на Меѓународниот институт за ладење (IIR), како и член на ASHRAE од 2002 г.