Рубрика: Фототехника
Изложба на избор фотографии доставени на меѓународен отворен повик
Објавено на 10.07.2026 - 14:15

Вечерва, 10 јули, во изложбениот простор КИЦ во Скопје, во 21 часот се отвора изложбата на дела, избрани фотографии пријавени на отворениот меѓународен повик на фестивалот Зрно.

Фестивалот Зрно и оваа година ја продолжува својата мисија да создава простор за современа авторска фотографија, експериментални визуелни практики и меѓународна културна размена во Македонија.  Во контекст на локална сцена каде ваквите платформи на кое и да е поле се ретки, фестивалот претставува важна точка за поврзување на домашни и странски автори, публика и независни културни иницијативи.

Изложбата на селектираните дваесет автори од Отворениот повик ги обединува различните современи пристапи кон фотографијата — од документарни и интимни серии, до експериментални, концептуални и хибридни визуелни форми.

Селекцијата на дела е направена од осумчлено меѓународно жири во состав: Ева Шлегл (Eva Schlögl) – Виена, Драго Вејновиќ (Drago Vejnović) – Бања Лука, Ане-Мете С. Сомер-Келтер (Anne-Mette S. Sommer -Kelter) – Копенхаген, Жозеп Домингез Кастелс (Пеп Мингез) – Барселона,  Ивана Брезовац (Ivana Brezovac)  – Белград, Флоријан Копр (Florian Kopr) – Виена, Наташа Такач (Nataša Takač) – Осијек и Сашо Алушевски – Скопје.

Преку внимателно одбраните дела, изложбата отвора прашања за меморијата, пејзажот, телото, заедницата, екологијата и секојдневниот живот.

Селекцијата вклучува автори петнаесетина земји, создавајќи простор за дијалог помеѓу различни визуелни јазици и културни искуства. Особено значајно е што дел од претставените проекти се занимаваат со маргинални простори, локални приказни и теми кои ретко добиваат видливост во институционалниот културен контекст.

Изложбата ја нагласува фотографијата не само како документ, туку и како средство за истражување, лична архива и критичко размислување за современото општество.
Покрај изложбената програма, фестивалот продолжува да поттикнува едукација, соработка и активно учество на млади автори и локални заедници.

Настанот претставува можност публиката да се сретне со актуелни меѓународни фотографски практики во директен и достапен формат.

Изложбата на Отворениот повик е дел од програмата на Зрно 2026 и ќе биде отворена за посетители во рамки на фестивалот Скопско лето. Програмата на Зрно е делумно поддржана од Министерството за култура и туризам.

Клучни зборови:
Олга Матвеева – This Is Too Close

Олга Матвеева – This Is Too Close

Клаудиу Дунга – Unfolded portraits

Клаудиу Дунга – Unfolded portraits

AJr MOXON – SON 2025

AJr MOXON – SON 2025