Начинот на кој мажите мократ ретко е тема на научни расправи. Тоа е една од оние секојдневни активности што изгледаат толку рутински што речиси никој не помислува дека би можеле да бидат предмет на сериозни истражувања. Но, последниве години уролози, епидемиолози, па дури и физичари почнаа да го проучуваат токму ова прашање. Она што открија се интересни врски помеѓу хигиената, здравјето и човечкото однесување.
Дел од приказната започнува во лабораторија која на прв поглед нема никаква врска со тоалетите – Splash Lab при Utah State University. Истражувачите во лабораторијата се занимаваат со проучување на динамиката на течностите користејќи високобрзински камери способни да ги снимат процесите што траат едвај делови од секундата. Меѓу нивните необични експерименти се вбројува и анализата на тоа што се случува кога млаз течност удира во водена површина.
Снимките (види видео подолу) покажуваат дека ударот не создава едноставен бран. Се формира сложена каскада од микроскопски вдлабнатини, меурчиња и ситни капки кои можат да се распрснат во околината. Колку е поголема висината од која доаѓа млазот и колку е поголема неговата енергија, толку е поголема веројатноста за создавање микрокапки надвор од школката.
>
Од перспектива на физиката, седечката положба ја намалува оддалеченоста и ја менува геометријата на ударот, што во многу случаи резултира со помалку прскање. А токму оваа практична страна на приказната ја истакнува и истражувањето спроведено во Tokyo Metropolitan Bokutoh Hospital.
Имено, кога научниците при ова истрашување ги прашале мажите зошто избираат да мократ седнати, најчесто наведувана причина не била здравјето, туку хигиената. Голем дел од испитаниците изјавиле дека седечката положба им помага полесно да ја одржуваат бањата чиста и да го избегнат непотребното прскање околу школката. Наодот е интересен бидејќи покажува дека изборот на положба честопати е воден од практични, а не од медицински причини.
Една друга јапонска студија Japan Community Health Survey, објавена во списанието International Journal of Urology, ја разгледала оваа навика од поширока општествена перспектива. Анализирајќи ги навиките на илјадници мажи, истражувачите откриле значајна поврзаност помеѓу брачниот статус и изборот на положба при мокрење во домашни услови. Имено, мажите кои биле во брак почесто пријавувале дека мократ седнати, дури и кога биле земени предвид возраста и други фактори. Но, авторите нагласуваат дека станува збор за статистичка поврзаност, а не за доказ дека бракот ја предизвикува оваа навика.
Како и да е, резултатите укажуваат дека кога бањата е заеднички простор, хигиената и удобноста на сите членови од домаќинството можат да влијаат врз секојдневното однесување.

Истата студија открила и уште еден интересен тренд што ги предизвикува традиционалните претпоставки. Наместо постарите мажи, седечка положба најчесто избирале помладите генерации. Околу 69% од испитаниците на возраст од 20 до 29 години и 66% од оние помеѓу 30 и 39 години изјавиле дека дома претпочитаат да мократ седнати. Со зголемувањето на возраста, оваа навика станувала поретка. Можно објаснување е дека помладите генерации пораснале во средина каде ова однесување е поприфатено, но и дека посилниот уринарен млаз кај младите мажи создава повеќе прскање, што ја прави седечката положба попрактичен избор.
Од медицинска гледна точка, најважното прашање е дали положбата влијае врз функционирањето на уринарниот систем.
Кај здрави мажи, досегашните истражувања не покажуваат значајни клинички разлики помеѓу стоечката и седечката положба. Мочниот меур се празни подеднакво ефикасно во обата случаи, што значи дека изборот воглавно се сведува на навика, удобност и хигиена.
Сликата е нешто поинаква кај мажите кои имаат симптоми врзани со долниот уринарен тракт – слаб млаз, често мокрење, чувство на нецелосно празнење на мочниот меур или бенигно зголемување на простатата.
Мета-анализа која опфатила 11 претходни студии покажала дека кај овие пациенти мокрењето во седечка положба е поврзано со значително намалување на количината преостаната урина во мочниот меур по завршувањето на мокрењето. Ова не значи дека седењето претставува третман, но укажува дека кај одредени пациенти може да помогне за поцелосно празнење на мочниот меур.
Дополнителен увид нуди истражувањето објавено во Neurourology and Urodynamics од научниците University of California San Francisco. Во студијата биле опфатени 195 мажи, а оние кои претпочитале да мократ седнати почесто пријавувале уринарни симптоми и одредени физички ограничувања. Најчесто наведувани причини за изборот на оваа положба биле удобноста, подобрата контрола и намалувањето на прскањето. Според авторите, навиката сама по себе не е показател за здравствен проблем, но може да им даде на лекарите дополнителни информации за состојбата и потребите на пациентите.
Кога сите овие истражувања ќе се разгледаат заедно, се појавува појасна слика. Не постои единствен „правилен“ начин на мокрење, ниту пак науката прогласува победник меѓу стоењето и седењето. За здравите мажи разликите се минимални, но за луѓето со уринарни тегоби седечката положба може да понуди одредени предности, особено во поглед на поцелосното празнење на мочниот меур. Во меѓувреме, физиката на течностите и студиите за хигиената покажуваат дека изборот на положба има и сосема практични последици за чистотата на бањата.
Понекогаш токму ваквите секојдневни навики потсетуваат дека науката не се занимава само со далечни галаксии, квантни честички или нови лекови. Таа може да открие нешто интересно и за најобичните работи што ги правиме секој ден – дури и за оние за кои речиси никогаш не зборуваме.