Рубрика: Информатика
Nvidia претстави нов ВИ чип за персонални компјутери
Автор: Ива Зафировска
Објавено на 02.07.2026 - 22:30

Понеделникот на Волстрит, индексот S&P 500 достигна ново рекордно ниво, исто како и Nasdaq. Ова се случи најмногу благодарение на растот на цените на акциите во технолошкиот сектор. Најголем раст забележа Nvidia поради претставувањето на нивниот нов AI чип наменет за персонални компјутери. Но, што го чини посебен чипот на Nvidia за да нивните акции скокнат за повеќе од шест проценти веднаш по претставувањето на иновацијата?

Чипот го носи можностите на вештачката интелигенција директно во персоналните компјутери. Според зборовите на извршниот директор на Nvidia, Џенсен Хуанг, кој го претстави чипот RTX Spark, се работи за „реинвенција на компјутерот” и “подеднакво голема работа како што беше реинвенцијата на телефонот во она што денес го познаваме како паметен телефон“. Хуанг ја даде изјавата за време на воведниот говор пред отворањето на технолошкиот саем Computex во Тајпеј, Тајван.

RTX Spark е „нов суперчип за ерата на лични ВИ агенти, кој носи нова генерација компјутери што преминуваат од улога на алатка во улога на соработник“, соопшти Nvidia на својата интернет-страница.

ВИ агентите се програми засновани на вештачка интелигенција кои можат да извршуваат посложени задачи со минимални човечки насоки. На пример, ако добијат задача да го пронајдат најевтиниот лет од Скопје за Лондон, тие можат самостојно да пребаруваат на интернет, да ги споредат понудите, да ги филтрираат според зададени критериуми и да ја предложат најсоодветната опција.

Независно од претставувањето на RTX Spark, Соединетите Американски Држави во неделата дополнително ги заострија правилата за продажба на најнапредните чипови на Nvidia за кинеските компании.

Чипот RTX Spark е резултат на тригодишното партнерство со Microsoft, поради што акциите и на овој софтверски гигант пораснаа за повеќе од два проценти.

Чипот ќе биде вграден во новата генерација Windows компјутери на производителите Lenovo, HP, Dell, Microsoft Surface, Asus и MSI, кои се очекува да се појават на пазарот наесен. Подоцна ќе следуваат и моделите на Acer и Gigabyte.

Овој потег претставува сериозен предизвик за големите имиња на пазарот на персонални компјутери, како Apple и Intel.

Клучни зборови: