Рубрика: Историја и археологија
Една коска, една камила и една голема историска приказна
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 02.07.2026 - 15:15

Првите физички докази за присуството на камили во централниот и западниот дел од Балканот откриваат изненадувачки врски меѓу империите, трговците и војските од минатото.

Белградската тврдина се наоѓа на местото каде што се спојуваат Сава и Дунав, на раскрсница што со милениуми ги поврзувала Средна Европа, Балканот и Блискиот Исток. Во текот на повеќе од две илјади години таа била римски воен логор, престолнина на српски владетели и важен османлиски гарнизон. Не е изненадување што токму тука археолозите откриваат траги од различни култури и начини на живот.

При ископувањата кај источната порта на Долниот град од тврдината спроведени од група археолози од Институтот за археологија во Белград биле пронајдени вкупно 271 животинска коска од римскиот период и од доцниот среден век.


Панорамски приказ на Белградската тврдина Фото: Википедија

Анализата на животинските коски пронајдени при ископувањата покажала интересна промена во односот на луѓето кон домашните животни. Во римско време доминирале говедата, овците, козите и свињите, а многу животни биле колени уште млади, што укажува дека главната цел била производството на месо. Неколку века подоцна сликата изгледала поинаку.

Во слоевите од периодот меѓу XV и XVII век доминирале овците и козите, а животните почесто доживувале зрела возраст, што укажува дека биле ценети и поради волната, млекото, како и помошта при работа и транспорт. Особено впечатливо е целосното отсуство на свински коски, што истражувачите го поврзуваат со исхраната во времето на османлиската власт и исламските забрани за консумирање свинско месо.

Но, овие слоеви криеле и нешто сосема неочекувано. Најголемото изненадување биле неколкуте коски од нога и стапало на камила – први физички докази за средновековни камили во централниот и западниот дел на Балканот.

Поглед кон Долниот град на Белградската тврдина​​​​​​​

Историските извори сведочат дека камили користеле и српските и унгарските владетели, а Османлиите ги применувале за пренос на воена опрема и снабдување. Сепак, досега недостасувале директни археолошки докази дека тие навистина биле присутни во овој дел од Балканот во средниот век. Новото откритие ја пополнува токму таа празнина.

Со помош на современа метода наречена ZooMS, која ги идентификува животните преку анализа на колагенските протеини зачувани во коските, научниците откриле дека не станува збор ниту за едногрба дромедарска камила ниту за двогрба бактриска камила. Животното било хибрид – намерно одгледуван вкрстен вид што ја комбинирал силата на бактриската камила со издржливоста на дромедарот. Таквите животни биле особено ценети како товарни животни при долгите патувања.

Откритието отвора и ново прашање: дали археолозите досега несвесно ги пропуштале хибридните камили на други локалитети? Истражувачите забележуваат дека протеинската анализа понекогаш дава поинакви резултати од традиционалното препознавање според обликот на коските, што значи дека вакви животни можеби биле почести отколку што се мислело.

Неколку коски сами по себе не можат да ја раскажат целата историја на Балканот. Но, тие покажуваат дека средновековниот Белград бил многу повеќе од погранична тврдина. Тој бил дел од широка мрежа на трговија, комуникација и движење на луѓе и стоки која се протегала од европските рамнини до далечните источни земји. Понекогаш е доволна само една камила за да нè потсети колку бил поврзан светот и пред неколку стотици години.

Резултатите од истражувањето се објавени неодамна во Journal of Archaeological Science: Reports.

Клучни зборови:
Панорамски приказ на Белградската тврдина

Панорамски приказ на Белградската тврдина Фото: Википедија

Поглед кон Долниот град

Поглед кон Долниот град на Белградската тврдина