Суперкомпјутерот ги урна американските блокади и ја редефинира вештачката интелигенција
Кинезите го претставија нивниот нов суперкомпјутер наречен LineShine, сместен во Националниот суперкомпјутерски центар во Шенжен, Кина. Компјутерот кој може да изврши повеќе од два квинтилиони (две милијарди милијарди!) пресметки во само една секунда официјално се искачи на првото место на престижната светска листа TOP500, станувајќи најбрзиот компјутер на планетата.
Ова е првпат по речиси една деценија кинески систем се најде на врвот од листата. Последен пат ова му појде од рака на суперкомпјутерот Sunway TaihuLight во 2017 година. Но, oна што го прави LineShine вистинска технолошка сензација не е само неговата брутална брзина, туку неговиот револуционерен и тврдоглав дизајн.
Во светот на суперкомпјутерите, вештачката интелигенција вообичаено се потпира на моќни графички процесори (GPU), област во која доминираат американските компании. Поради грижи за националната безбедност, САД го ограничија извозот на овие чипови во Кина. Но, наместо да забави, Кина одговори со иновација.

Националниот суперкомпјутерски центар во Шенжен, Кина
Така LineShine воопшто не користи графички процесори (GPUs). Наместо тоа, неговата моќ доаѓа од речиси 14 милиони процесорски јадра (cores) засновани врз прилагоден дизајн на процесори од британската фирма Arm Holdings, но со вметнати клучни домашно развиени решенија. Имено, кинеските инженери успеаја да ги надградат самите процесорски чипови вметнувајќи во нив специјализирани елементи, налик на графички процесори (GPU), кои го забрзуваат умножувањето на матриците и мноштвото мемориски чипови, кои се поставени блиску до процесорското јадро, што значително ја зголемува брзината со која јадрата ги примаат податоците и последователно резултура со забрзување на пресметките во целост.
На овој начин „границата помеѓу класичниот процесор (CPU) и графичкиот процесор (GPU) станува сè побледа“, објаснува Џек Донгара, компјутерски научник вклучен во креирањето на листата TOP500 суперкомпјутери.
Перформансите на овие дигитални чудовишта се мерат преку таканаречениот Linpack метрички систем, индустриски стандард кој ја тестира брзината при решавање на комплексен систем од линеарни равенки. Еве како LineShine се позиционира наспроти својот најголем ривал:
| Суперкомпјутер | Локација | Брзина | Предност |
|---|---|---|---|
| LineShine | Шенжен, Кина | 2.19 exaflops | +22% побрз од второпласираниот |
| El Capitan | Калифорнија, САД | 1.79 exaflops | Претходен лидер |
| Забелешка: Иако технолошките гиганти како Google и Meta поседуваат екстремно брзи системи за нивните AI потреби, тие ретко учествуваат на TOP500 тестирањата бидејќи нивните машини се дизајнирани за помалку прецизни математички операции | |||
Кинеското “чудо” не е само за соборување рекорди, компјутерот веќе решава реални, комплексни проблеми. Традиционално, научниците мораа да бираат: или ќе користат компјутер за класични физички симулации (како движење на атмосферата) или за пресметки со вештачка интелигенција. LineShine ги прави обете истовремено, на ист чип.
Имено, Хаохуан Фу, истражувач од Универзитетот Цингхуа, веќе го искористи LineShine за да ги спои класичните физички модели за времето со AI со цел да се подобри предвидувањето на врнежите во Источна Азија.
Успехот е неверојатен – неговиот тим успеал да симулира и тестира временски прогнози за период од цели 9 години (помеѓу 2016 и 2025 година) за само 14,6 часа! За обичен компјутерски кластер, оваа комбинација на обем, брзина и комплексност е чиста научна фантастика. Освен за временска прогноза, научниците веќе го користат овој суперкомпјутер за симулирање на магнетни материјали на атомско ниво, што може да доведе до револуција во електрониката.

Од Националниот суперкомпјутерски центар во Кина со гордост истакнуваат дека овој успех претставува „историски скок напред, пробивање на странските технолошки блокади и градење на независен софтверски и хардверски систем“.
LineShine е жив доказ за тоа како пазарните и политичките ограничувања често можат да бидат најголемиот катализатор за иновации. Идната генерација на научни компјутери официјално започна, а нејзиниот пресметковен центар во моментов зборува кинески.