Уште еден одличен и успешно реализиран проект на Боби Кузманоски. Тој ја помина целата ноќ покрај фотоапаратот на еден од покривите во Скопје, во обид да го забележи најкраткиот пат на полната Месечина низ небото во текот на годината.
Едноставно уживајте!
На 21 јуни Сонцето патуваше по најдолгата патека на небото. Тогаш тоа изгреа најдалеку на североисток, се искачи највисоко и зајде најдалеку на северозапад. Но, дали знаете што се случува со Месечината во јуни?

Полната Месечина секогаш е на спротивната страна од Сонцето. Затоа, во јуни, кога Сонцето го прави својот најголем лак на небото, таа го прави најмалиот. Изгрева на југоисток, заоѓа на југозапад и се движи извонредно ниско над хоризонтот.
Оваа композитна фотографија е создадена од 460-те фотографии направени во тајмлапс видео, снимени на секои 60 секунди. Од нив е одбрана секоја десетта фотографија за да се прикаже континуираната патека на Месечината од нејзиното изгревање до нејзиното заоѓање над Скопје.
Од сите слики што беа направени Боби Кузманоски состави и видео кое го прикажува движењето на Месечината по нејзината најниска патека низ небото во текот на годината.
Тајмлапс видеото на Боби Кузманоски изработено од фотографии снимени на секои 60 секунди