Рубрика: Астрономија и астронаутика
НАСА се обидува да спаси еден од своите најважни телескопи
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 29.06.2026 - 18:00

По лансирањето LINK ќе го стигне телескопот Свифт, пред да се ‘закачи’ за него и да го подигне во повисока орбита

Еден мал американски стартап треба да изведе подвиг што досега никогаш не бил изведен во американската вселенска програма. Нивното роботизирано летало треба да стигне до телескоп стар повеќе од две децении, да го „улови“ во орбитата и да го оттурне на повисока и побезбедна височина за да му обезбеди уште најмалку пет години научна работа.

Станува збор за еден од најважните инструменти на НАСА, вселенската опсерваторија Swift којашто служи за следење на краткотрајни и екстремно енергетски настани во универзумот. Од своето лансирање во 2004 година, телескопот е задолжен за набљудување на гама-блесоците – колосални експлозии што за неколку секунди можат да ослободат повеќе енергија отколку Сонцето во текот на целиот свој животен век.

Swift денес се наоѓа во трка со времето. Поради засилената сончева активност во последниве години, горните слоеви од Земјината атмосфера се проширија, зголемувајќи го отпорот за сателитите стационирани во ниска орбита. Како резултат на тоа, орбитата на Swift се спушта побрзо од очекуваното. Телескопот беше лансиран на височина од околу 600 километри, но денес се наоѓа на само околу 360 километри над Земјата и продолжува постепено да губи височина.


Уметнички приказ на начинот на којшто леталото LINK ќе се приближи и ќе се закачи за вселенската опсерваторија Свифт за да ја однесе во повисока орбита Слика: Katalyst

За да го спречи тоа, минатата година НАСА склучи договор вреден 30 милиони американски долари со компанијата Katalyst Space Technologies којашто треба помогне во подигање на Свифт во повисока орбита. Всушност, ова треба да го изврши автономното сервисно летало на Katalyst Space Technologies наречено Lift. По последните успешно завршени тестови во мај, леталото деновиве треба да биде лансирано со ракета Pegasus XL од атолот Кваџалеин на Маршалските Острови во Тихиот Океан. Интересно е што ова ќе биде последното лансирање на легендарната ракета Pegasus, која наместо од лансирна рампа полетува од специјално модифициран авион во лет.

Самата мисија е исклучително амбициозна. Леталото Lift, опремено со три роботски раце, автономни навигациски системи и сопствен погон, ќе помине околу еден месец приближувајќи се до Swift. Откако ќе воспостави контакт, ќе започне бавно и внимателно подигнување на орбитата. Целиот процес би можел да трае уште два месеци, а крајната цел е телескопот повторно да се најде на околу 600 километри над Земјата, каде што атмосферскиот отпор е значително помал. Прозорецот за лансирање на Lift е отворен и мисијата би можела да започне уште утре, 30 јуни.


Katalyst Space Technologies го изработи LINK во рок од само 7 месеци, нешто што досега не се случило за една мисија на НАСА. Во април годинава, техничарите  го тестираа сателитот во вибрациона комора Фото: Скот Визинџер/НАСА

Успехот на мисијата би бил историски. Досега само Кина има изведено слична операција, кога во 2022 година успешно подигна сателит на повисока таканаречена „гробишна орбита“ (graveyard orbit). За САД, ова би била прва ваква демонстрација на роботско сервисирање и спасување на активен научен сателит.

А причината зошто овој потфат вреди трудот (а богами и парите) е големата научна важност на Swift. Имено, иако вселенскиот телескоп Hubble Space Telescope може да снима многу подетални фотографии, нему му се потребни и до два дена за да се насочи кон нова цел. Swift може да реагира за само неколку минути. Токму затоа астрономите често го нарекуваат „прв дојавувач“ (first responser) на НАСА. Кога некаде во универзумот ќе се случи експлозија, судир на неутронски ѕвезди или друг ненадеен космички настан, Swift вообичаено е првиот инструмент што тоа го забележува и ги известува останатите опсерватории.

Во текот на својата кариера телескопот помогна да се потврди дека многу од најтешките елементи во универзумот, вклучувајќи ги златото и платината, настануваат во катастрофални космички експлозии и судири. Во 2022 година тој го регистрираше и прочуениот гама-блесок GRB 221009A, толку моќен што научниците му го дадоа прекарот BOAT (the brightest of all time) – „најсјајниот на сите времиња“.

Но, можеби најважното наследство на оваа мисија не е самиот Swift. Доколку Lift успее, НАСА ќе добие ново оружје во борбата против стареењето на своите вселенски опсерватории. Следен кандидат би можел да биде дури и Хабл, кој исто така постепено ја губи својата височина поради зголемената сончева активност.

Клучни зборови:
По лансирањето LINK ќе го стигне телескопот Свифт, пред да се ‘закачи’ за него и да го подигне во повисока орбита

По лансирањето LINK (лево на сликата) ќе го стигне телескопот Свифт (десно), пред да се ‘закачи’ за него и да го подигне во повисока орбита слика: Katalyst

Katalyst Space Technologies го изработи LINK во рок од само 7 месеци, нешто што досега не се случило за една мисија на НАСА.

Katalyst Space Technologies го изработи LINK во рок од само 7 месеци, нешто што досега не се случило за една мисија на НАСА. Во април годинава, техничарите го тестираа сателитот во вибрациона комора Фото: Скот Визинџер/НАСА

Уметнички приказ на начинот на којшто леталото LINK ќе се приближи и ќе се закачи за вселенската опсерваторија Свифт за да ја однесе во повисока орбита

Уметнички приказ на начинот на којшто леталото LINK ќе се приближи и ќе се закачи за вселенската опсерваторија Свифт за да ја однесе во повисока орбита Слика: Katalyst