Од 26 до 28 јуни 2026 година во Фридрисхафен, Германија, се одржа меѓународниот радиоаматерски саем HAM RADIO, најголемата радиоаматерска изложба во Европа. На саемот учествуваа околу 380 изложувачи, радиоаматерски организации и учесници на радио-бувљакот од повеќе од 30 земји, додека изложбата ја посетија над 10 000 посетители од повеќе од 50 држави.
Во текот на трите саемски дена беа организирани повеќе од 100 предавања, работилници и други придружни активности.


Плакат за саемот и саемска хала со изложувачи

Саемска хала - радиоаматерски "бувљак"
Во рамките на официјалната програма, Владимир Ковачески – Z35M ја одржа презентацијата „Guerrilla Portable – Ultralight Outdoor Amateur Radio“, на која го претстави концептот Герила портабл како современ пристап кон ултралесните радиоаматерски активности во природа. Присутните имаа можност да се запознаат со основните принципи на концептот, а по предавањето и да ја набават неговата книга „Guerrilla Portable – A Guide to Ultralight Outdoor Amateur Radio“.

Презентација на тема Герила портабл
На саемот беше одржана свечената церемонија за доделување награди на победниците во IARU VHF+ натпреварите за 2025 година. Меѓу наградените беше и македонската натпреварувачка станица Z3A, која го освои првото место во категоријата 50 MHz Multi Operator. Тимот го сочинуваа Тодор – Z31RM, Златко – Z30A, Благој – Z35F и Милош – YT3M од Србија, а наградата во нивно име ја прими Златко Андонов – Z30A.
Свој штанд имаше и Радиоаматерскиот сојуз на Македонија – РСМ, претставуван од претседателот Ѓоко Ѓорѓевиќ – Z35U и група македонски радиоаматери. Беа остварени бројни неформални средби со радиоаматери од повеќе земји, како и со претставници на национални радиоаматерски организации, при што беа разменети искуства и идеи за понатамошна соработка.


Штандот на Радиоаматерскиот сојуз на Македонија и Дел од македонскиот камп на радиоаматерскиот саем во Германија
На саемот присуствуваа 14 македонски радиоаматери од кои дел беа сместени во традиционалниот HAMCamp, непосредно до саемскиот простор, што овозможи дружење и размена на искуства со радиоаматери од различни земји и дополнително придонесе за меѓународната промоција на македонското радиоаматерство.
Во слободното време македонските радиоаматери реализираа и неколку кусобранови портабл активности од Германија, Австрија, Швајцарија и Лихтенштајн, со што дополнително ја промовираа Македонија во етерот.