Во етерот постојат моменти кои ја надминуваат обичната радиодифузија и стануваат чиста историја. Еден таков момент се случи ноќеска, 27.6.2026 година на полноќ, кога по речиси еден век континуирано емитување, легендарниот предавател „Droitwich BBC“ на фреквенција од 198 kHz замина во вечен молк. Со неговото исклучување, згасна BBC Radio 4 на долги бранови, институција која со децении не само што беше извор на вести, туку и суштински дел од британскиот идентитет и последната безбедносна алка на оваа нуклеарна сила.
Вчера околу 2 часот по полноќ, седнат пред моите уреди во Асамати, успеав да уловам и да снимам 30 секунди од таа програма, во последните часови пред нејзиното гаснење. Зад тие 30 секунди аудио-запис се крие приказна за една технолошка ера која дефинитивно замина во историјата, за воена доктрина и за еден отмен јазик што веќе не се зборува на улиците.

За Велика Британија, BBC Radio 4 на долги бранови значеше многу повеќе од обична радио-станица. Таа беше столбот на националната свест и директен доказ дека државата постои и функционира. Поради специфичната фреквенција на долгите бранови, која има моќ да продре дури и низ неколку метри под површината на солената морска вода, ова радио имаше улога која излегуваше надвор од рамките на цивилното општество. Тоа беше клучниот елемент во британската воена доктрина за нуклеарно одвраќање, позната како „Letters of Last Resort“ (Писма за крајна нужда), пандан на рускиот автоматизиран систем „Периметр“, во јавноста познат како „Мртва рака“.
Секој нов британски премиер, веднаш по стапувањето на должност, со сопствена рака пишува четири идентични писма со тајни наредби. Овие писма се заклучуваат во сефовите на четирите британски нуклеарни подморници од класата Vanguard, кои во секој момент патролираат неоткриени во длабочините на океаните. Доколку подморницата ги изгуби сите воени врски со командата во Лондон, капетанот има наредба со денови да го слуша сигналот на BBC Radio 4 на 198 kHz.
Ако радио-програмата целосно замолкне во тек на неколку дена, ако ја снема временската прогноза за бродови, вестите и карактеристичниот говор, тоа би бил де факто доказ дека Велика Британија доживеала тотален, уништувачки нуклеарен напад и дека Лондон повеќе не постои. Во тој момент, капетанот добива овластување да го отвори сефот, да го прочита писмото на премиерот и да ја изврши последната наредба (дали да возврати со нуклеарен удар, да се стави под команда на сојузниците како САД/Австралија или да дејствува по сопствено убедување). Гаснењето на предавателот денеска значеше дека британската армија мораше комплетно да го промени овој децениски протокол од времето на Студената војна.

Главниот 198 kHz-ен предавател на ББЦ во Дројтвич
Покрај стратешкото значење, ова радио беше јазичен куриозитет. Спикерите во програмата го негуваа т.н. BBC English или Received Pronunciation. Тоа беше стандардот за висок, софистициран англиски јазик што се учеше во училиштата ширум светот и на кој се држеше Би-Би-Си како догма. Денес, дури и во самиот Лондон или на модерните ТВ канали, тој чист, одмерен и артикулиран изговор е речиси мртов. На улиците владее урбаниот „Estuary“ англиски или мултикултурниот лондонски сленг (MLE). Радио 4 на 198 kHz беше како временска капсула каде што тој јазик беше конзервиран и жив до последната секунда на емитувањето.
На оваа фреквенција немаше место за евтина поп-музика, обични топ-листи и врескави комерцијални реклами. Тоа беше интелектуално место на сериозни политички дебати, радио-драми и научни емисии, кое остана верно на својот стил до последната секунда.
Во последната одјава на долги бранови, спикерите на BBC останаа верни на својот препознатлив, ладнокрвен и достоинствен британски стил. Немаше патетика, туку кратка, емотивна почит кон историјата.
Тие нагласија дека „ова е крај на едно патување на долги бранови кое поврзуваше генерации слушатели, од рибарите во разбрануваните мориња, до домовите ширум нацијата“, по што срдечно им се заблагодарија на сите што ги следеле на 198 kHz во изминатите децении и ги повикаа да продолжат да ги слушаат на FM и дигиталните платформи. Веднаш по одјавата, предавателот замина во вечен молк.
BBC Radio 4 не замолкна затоа што Велика Британија пропадна, туку едноставно зaтоа што времето незапирливо го прегази, а електронските ламби за неговиот предавател не се произведуваа веќе со децении.
За да го зачувам ова парче историја за мојата лична радиоаматерска архива, не се задоволив со обична аудио-снимка. Сакав да го замрзнам самиот етер и физичките карактеристики на бранот во тој неповторлив момент. Снимката ја направив со помош на софтверот HDSDR, што ми овозможи да ги зачувам комплетните IQ податоци од спектралната ширина на тој дел од опсегот. Тоа значи дека во иднина, кога и да го пуштам овој фајл, можам повторно да го визуелизирам водопадот (waterfall), да ги менувам филтрите за пропусен опсег или да го декомпресирам сигналот преку синхроно АМ или странични опсези.
Приемот на сигналот на 198 kHz од предавателот оддалечен илјадници километри го реализирав со следнава техничка конфигурација:
• Приемник: Airspy HF+, уред со исклучителен динамички опсег и висока отпорност на интермодулација, што е клучно за извлекување слаби сигнали од ниските опсези во услови на силен атмосферски шум.
• Антена и предзасилувач: Користев надворешна активна е-сонда (антена која реагира на електричното поле во просторот), опремена со специјално дизајниран предзасилувач со легендарниот dual-gate MOSFET транзистор BF-998. Овој транзистор овозможува екстремно висок влезен отпор за е-сондата и многу низок сопствен шум, оневозможувајќи приемникот да влезе во заситување од посилните локални среднобранови станици.
• Програма HDSDR за демодулација, дигитализација и дигитално филтрирање и снимање на примениот сигнал. Користено е дигитално намалување на шумот (noise reduction), без чија помош квалитетот и разбирливоста би биле многу полоши.
Поради силното невреме и летните бури кои беснееја над Европа во тие моменти, сигналот пристигна со силно амплитудно „кркорење“, односно карактеристични атмосферски празнења типични за амплитудната модулација на овие фреквенции. Но, токму тој природен шум, во комбинација со кристално чистиот глас на спикерот кој зборуваше со стариот добар британски акцент, ѝ даде на снимката автентична патина. Овој IQ фајл сега останува во мојата архива како дигитална временска капсула од денот кога згасна една империја на долгите бранови.
Еве го и транскриптот на македонски јазик од примениот хумористичен сегмент од емисијата, кој најдобро го отсликува духот на станицата:
[00:00 - Жена]: ...in particular, think they know. (...посебно, мислат дека знаат.)
[00:02 - Маж]: Have you ever worked with people who are not as good as they think? (Дали некогаш сте работеле со луѓе кои не се толку добри колку што мислат дека се?)
[00:07 - Публика]: (Смеење во позадина)
[00:09 - Маж]: I know this will surprise you, but statistically, they are more likely to be male than female. (Знам дека ова ќе ве изненади, но статистички, поголема е веројатноста тие да бидат мажи отколку жени.)
[00:13 - Публика]: (Гласно смеење и одобрување)
[00:16 - Маж]: That's right. Men are typically more deceived about their talents than women are. (Така е. Мажите обично се повеќе во заблуда за своите таленти отколку што се жените.)
[00:21 - Жена]: Someone wrote a book on it: "The Talent Delusion". (Некој напиша и книга за тоа: „Заблуда за талентот“.)
[00:26 - Маж (со забавен/променет глас)]: We still assume that when we look at somebody, we can tell... (Ние сè уште претпоставуваме дека кога ќе погледнеме некого, можеме да кажеме...)