Рубрика: Биологија
Тајната за долговечен и здрав живот е запишана во гените?
Објавено на 24.06.2026 - 19:45

Дали некогаш сте се запрашале зошто некои луѓе успеваат да дочекаат длабока старост со неверојатна виталност, енергија и без сериозни здравствени маки? Долго време верувавме дека сè е во здравата исхрана, редовното вежбање и избегнувањето стрес. Но, најновите научни откритија укажуваат кон нешто поинакво. Се чини дека долговечноста е, пред сè, скапоцен „семеен подарок“ што се пренесува низ генерациите.

Новата студија презентирана на годишната конференција на Европското здружение за хумана генетика во Гетеборг, Шведска, фрла сосема ново светло на ова прашање. Научниците успеаја да ја мапираат ДНК-та на најдолговечните семејства и открија дека генетиката може да ја одложи појавата на хронични болести за неверојатни 13 години!

 

Прашање од милион долари: Како да старееме здрави?

Од средината на минатиот век, благодарение на медицината и подобрите животни услови, просечниот животен век постојано расте и денес изнесува околу 80 години. Меѓутоа, тука се појавува нов проблем – годините во кои живееме здрави не се зголемија со исто темпо. Светот старее, но луѓето поминуваат добар дел од староста борејќи се со болести, што е огромен товар за јавното здравство.

Додека претходните истражувања се фокусираа на поединци и нивниот начин на живот (образование, економски статус, навики), тим научници од Универзитетскиот медицински центар во Лајден, Холандија, реши да ја истражи „семејната врска“. Тие забележале дека средовечните луѓе кои потекнуваат од долговечни фамилии добиваат кардио-метаболички болести дури 13 години подоцна во споредба со нивните сопружници кои немаат такво педигре. Ова беше јасен знак дека отпорноста е наследна. Но, каде точно е скриена?

Од 20 000 гени до „величествените 12“

За да ја решат загатката, научниците ја анализирале ДНК-та на 212 групи долговечни браќа и сестри. Со стеснување на кругот, тие идентификувале 4 клучни региони во геномот каде се кријат гените на долговечноста. Наместо да лутаат низ океан од 20 000 гени, тие го фокусирале вниманието на 350, за на крајот да изолираат 12 генетски варијанти кои директно влијаат на здравиот животен век.

Како особено интересен се издвоил генот наречен CGAS. Овој ген во нашето тело работи како „аларм за пожар“: тој активира воспалителен одговор кога ќе открие ДНК таму каде што не треба (на пример, при напад од вируси или кога самата клетка е оштетена).

 

Тајната е во умереноста

Претераната активност на овој ген може да предизвика пресилно, хронично воспаление, кое буквално го уништува телото со текот на годините. Но, членовите на долговечните семејства имаат една специфична мутација.

Најверојатно, овие луѓе имаат само една активна копија од генот CGAS, наместо две, што го намалува воспалителниот одговор во нивниот организам“, објаснуваат истражувачите. Таа една копија е сосема доволна за борба против инфекции, но не дозволува телото да се „самозапали“ од воспаленија, со што ги штити органите и ткивата.

Сепак, науката бара трпение. Овие резултати засега се потврдени само во лабораторија („ин витро“), а претстојат истражувања на живи организми пред да се тестираат на луѓе. Патот до целосно откривање на тајните на долговечноста е долг, но крајната цел е фасцинантна: еден ден, овие генетски придобивки да станат достапни за сите нас, овозможувајќи ни подолг, поздрав и посреќен живот.

Клучни зборови: