По силен политички и научен притисок, администрацијата на Трамп го стопира демонтирањето на системот Ocean Observatories Initiative, којшто обезбедува важни податоци за климата, екосистемите и временските прогнози.
Во време кога климатските промени сè почесто носат екстремни временски појави, а океаните апсорбираат огромен дел од вишокот топлина создадена од човековите активности, научниците зависат од една невидлива мрежа инструменти распоредени низ морските длабочини. Токму затоа неодамнешната одлука на американската администрација да се откаже од планот за нејзино демонтирање беше пречекана со големо олеснување во научните кругови.
Станува збор за Ocean Observatories Initiative (OOI) – систем вреден 368 милиони долари, составен од стотици подводни сензори, пловки и мерни платформи поставени во различни делови на Пацификот и Атлантикот. Последната деценија тие непрекинато собираат податоци за температурата на океаните, морските струи, брановите, хемискиот состав на водата и многу други параметри важни за разбирањето на климатските процеси.

Фото: Dee Emrich © WHOI
Но, во мај годинава Националната фондација за наука (NSF) објави дека ќе започне со постепено повлекување на голем дел од опремата. Планот предвидуваше бродови да ги отстранат инструментите поставени покрај бреговите на Орегон, Вашингтон, Алјаска, Северна Каролина и во Ирмингеровото Море меѓу Гренланд и Исланд. Главната причина беше финансиска. Имено, администрацијата на Доналд Трамп веќе неколку години се обидуваше да ги намали средствата за програмата, сметајќи дека тие пари можат да се насочат кон други приоритети. Според проценките на NSF, укинувањето на програмата би заштедило околу 48 милиони долари годишно за оперативни трошоци.
Сепак, одлуката наиде на неочекувано силен отпор. Научници, метеоролози, рибарски организации и политичари од двете партии предупредија дека демонтирањето на системот би значело губење на еден од најважните извори на информации за состојбата на океаните.
Податоците од OOI не се користат само за научни истражувања. Метеоролозите ги вклучуваат во модели за подобрување на прогнозите за урагани, цунами и други природни катастрофи. Рибарските заедници ги следат информациите за брановите, ветровите и температурата на морето пред да испловат. Воедно, токму преку оваа мрежа научниците добиваат увид во тоа како океаните апсорбираат јаглероден диоксид и топлина, како морските топлотни бранови влијаат врз екосистемите и како се менуваат клучните океански струи што ја регулираат климата на планетата. Критичарите посочија и дека демонтирањето на систем кој чинел стотици милиони долари би претставувало лошо искористување на веќе вложените јавни средства. Дополнително, Конгресот претходно двапати ги обнови средствата за програмата откако администрацијата се обиде да ги скрати.
Притисокот конечно вроди со плод. Американскиот Сенат усвои мерка со која се спречува понатамошно демонтирање на системот, а NSF соопшти дека веднаш ги запира сите активности за негово намалување. Наместо тоа, ќе биде формирана експертска комисија која ќе ја процени иднината на програмата.
Дел од инструментите веќе биле извадени од водите кај Орегон и Вашингтон, но агенцијата најави дека работи на нивно сервисирање и повторно поставување. Процесот нема да биде брз, бидејќи ангажирањето истражувачки бродови и поставувањето на опремата бара внимателно планирање.
Така, по неколку недели неизвесност, океанската опсерваторија доби нова шанса. Наместо да исчезне од морските длабочини, таа најверојатно ќе продолжи да испраќа драгоцени податоци за состојбата на океаните – информации што стануваат сè поважни во свет кој забрзано се менува.