Рубрика: Медицина
Разобличување на еден стар мит поврзан со мачката како милениче
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 22.06.2026 - 20:00

Алергијата на мачки често се наведува како потенцијален фактор што може да ги влоши симптомите кај децата со астма. Но, едно ново истражување на научниците од Каролинска институтот во Шведска укажува кон тоа дека врската помеѓу мачките и астмата можеби не е толку едноставна како што тоа долго време се веруваше.

Студијата, објавена во научното списание Frontiers in Allergy, опфатила 30 277 шведски деца на возраст од 4 до 17 години со дијагностицирана астма и алергиски заболувања. Истражувачите сакале да утврдат дали живеењето со мачка е поврзано со потешка астма и почести здравствени проблеми кај оваа група деца.

Резултатите биле изненадувачки. Иако алергијата на мачки е една од најчестите алергии поврзани со домашни миленици, анализата не покажала статистички значајна поврзаност помеѓу присуството на мачка во домот и влошувањето на астмата.

Од вкупниот број испитаници, околу 9,4 проценти живееле во домаќинство со најмалку една мачка. Истражувачите ги споредувале нивните здравствени податоци со оние на децата кои немале мачка во домот, следејќи различни показатели како астматични влошувања, потреба од медицинска интервенција, контрола на симптомите и белодробна функција.

Во ниту една од анализите не била забележана значајна разлика меѓу двете групи. Децата кои живееле со мачка немале повеќе астматични напади, ниту покажале полоша контрола на болеста во споредба со нивните врсници без мачка во домот.

Научниците анализирале и дополнителни фактори кои би можеле да влијаат врз резултатите. Било проверено дали бројот на мачки во домаќинството има некакво значење, како и дали возраста или полот на животното можат да играат улога. Но ниту тука не биле пронајдени докази за поврзаност со потешки симптоми на астма.

Овие резултати не значат дека алергијата на мачки не постои или дека секое дете со астма може без проблем да живее со мачка. Познато е дека мачките произведуваат алергени, особено протеинот Fel d 1, кој се наоѓа во плунката, кожата и лојните жлезди. Кај чувствителни лица овие супстанции можат да предизвикаат алергиски реакции како кивање, солзење на очите, чешање или отежнато дишење.

Сепак, новата студија покажува дека присуството на мачка во домот не е нужно поврзано со полош тек на астмата кај децата кои веќе живеат со ова заболување. Според авторите, резултатите укажуваат дека препораките поврзани со домашните миленици треба да се темелат на индивидуална проценка на секој пациент, а не само на општи претпоставки.

Истражувачите нагласуваат дека се потребни дополнителни студии за подобро да се разбере сложената врска меѓу изложеноста на алергени од домашни миленици, развојот на имунолошкиот систем и текот на астмата. Но засега нивните резултати претставуваат силен аргумент против широко распространетото верување дека самото живеење со мачка неизбежно води кон потешка астма.

Клучни зборови: