Македонија е земја на парадокси. Од една страна, Кокино е еден од нашите најпрепознатливи археоастрономски локалитети и симбол на древното набљудување на небото. Од друга страна, современа Македонија сè уште нема национална астрономска опсерваторија – научна инфраструктура што би им овозможила на истражувачите, студентите, учениците и граѓаните да учествуваат во современата астрономија. Но, ова не е текст за жалење по минатото. Ова е текст за нов обид.
Граѓанско-научната космичка агенција (ГНКА), платформа што обединува луѓе од научниот, образовниот и граѓанскиот сектор со цел развој и популаризација на космичките науки во Македонија, официјално ја започнува иницијативата за основање на национална Македонска астрономска опсерваторија. Ова е 14-ти документиран обид Македонија конечно да добие астрономска опсерваторија од национален карактер.
Зошто зборуваме за ова токму сега?
Идејата за астрономска опсерваторија во Македонија не е нова. За оваа тема во Арно.мк и во Емитер сме пишувале многу пати. Таа се појавува уште во периодот околу Светската геофизичка година, а првиот конкретен обид е поврзан со изградбата на астрофизичка опсерваторија на Зајчев Рид во Скопје. Објектот бил изграден, но катастрофалниот земјотрес од 1963 година го прекинал проектот пред тој воопшто да почне со работа.
Во пресрет на 70-годишнината од првата иницијатива (1957-2027), Македонија има шанса конечно да ја затвори оваа долга недовршена приказна.
Во децениите што следувале, различни професори, научни институции, астрономски друштва, граѓански организации и ентузијасти повторно и повторно ја отворале истата идеја. Се менувале локации, модели, институции, генерации и политички околности – но крајниот резултат останал ист: Македонија сè уште нема национална астрономска опсерваторија.
Затоа оваа иницијатива на ГНКА е важна. Таа не почнува од нула, туку се надоврзува на долга историја на обиди, идеи, проекти и неуспешни реализации.
Што предвидува новата иницијатива?
Новиот концепт на ГНКА предвидува современа роботизирана и далечински управувана астрономска опсерваторија, достапна преку интернет. Тоа значи дека опсерваторијата би можела да се користи од истражувачи, универзитети, училишта, студенти, ученици и заинтересирани граѓани, без потреба од постојано физичко присуство на локацијата.
Ваквиот модел е во согласност со современите тенденции во астрономијата: автоматизирано набљудување, далечинско управување, обработка на податоци, образовни програми и меѓународна научна соработка. Опсерваторијата не би била само место со телескоп. Таа би била научно-образовна инфраструктура што може да поттикне развој на астрономијата, физиката, инженерството, информатиката, обработката на податоци и практичната наука во Македонија.
Новината во оваа иницијатива е што таа не е само апел или визија, туку конкретен проектен елаборат: со роботизиран модел, далечинско управување, образовен телескоп, предложени локации, буџет и рок за реализација. Со тоа опсерваторијата се поставува не само како астрономски објект, туку како национална инфраструктура за наука, образование, технологија и меѓународна соработка.
Времеплов на досегашните обиди
Во продолжение го пренесуваме и надополнуваме времепловот на досегашните иницијативи за изградба на астрономска опсерваторија во Македонија. Во претходна верзија на Арно.мк беа евидентирани 10 вакви обиди, но со дополнувањата на ГНКА – вклучително и иницијативата од 2022 година, во која учествуваше и Арно.мк – бројката се искачува на вкупно 14 документирани обиди. Тоа е неверојатна, но и помалку засрамувачка бројка за една држава која и во 2026 година сè уште нема национална астрономска опсерваторија.

1. 1957–1963: Астрофизичка опсерваторија на Зајчев Рид
Каде: Зајчев Рид, Скопје
Што: Во пресрет и по Светската геофизичка година се појавува иницијатива за изградба на астрофизичка опсерваторија во Скопје. Во 1961 година проф. Паскал Сотировски бил испратен на специјализација во Париз со цел да помогне во организирањето на работата на опсерваторијата.
Епилог: Објектот бил изграден, но бил срушен/оштетен во катастрофалниот земјотрес од 1963 година, пред опсерваторијата да почне со работа.
2. 1991–1993: Предлог-проект за опсерваторија на Водно
Каде: Водно, Скопје
Што: Во периодот на независноста, Институтот за физика и Македонското астрономско друштво подготвуваат предлог-проект за изградба на астрономска опсерваторија на Водно. Главен иницијатор бил проф. д-р Мијат Мијатовиќ, прв универзитетски професор по астрономија на ПМФ и основач на Македонското астрономско друштво.
Епилог: Иницијативата не била реализирана.
3. 1990-ти: Граѓанско-едукативна опсерваторија на Калето
Каде: Скопско Кале
Што: Скопското астрономско друштво, ПМФ и Планетариумот во МКЦ иницирале граѓанско-едукативна опсерваторија на Калето.
Епилог: Иницијативата била одбиена поради реставрацијата на Калето и поврзаните ограничувања.
4. 1990-ти: Научно-популарен комплекс на Водно
Каде: Водно, Скопје
Што: Скопското астрономско друштво и Собранието на Град Скопје иницирале научно-популарен комплекс на Водно.
Епилог: Иницијативата не била реализирана, а просторот подоцна се поврзува со изградбата на Милениумскиот крст и жичарницата.
5. 1995: Градска опсерваторија во Битола
Каде: Битола
Што: Битолското астрономско друштво, ентузијасти и едукативниот центар на Електро-машинскиот училишен центар „Ѓорѓи Наумов“ покренале иницијатива за градска опсерваторија.
Епилог: Проектот не бил реализиран поради недостиг на политичка волја и институционална поддршка на локално ниво.
Каде: Повеќе потенцијални локации во Македонија
Што: Во рамки на научноистражувачки проект, раководен од проф. д-р Доне Гершановски, биле истражувани најпогодните астроклиматски локации за изградба на астрономска опсерваторија.
Епилог: Истражувањата покажале дека Македонија има поволни услови – голем број сончеви денови, добра прозрачност на атмосферата и ниска релативна влажност – но проектот не довел до изградба на опсерваторија.
7. Почеток на 2000-ти: „Мала роботизирана астрономска опсерваторија“
Каде: Во рамки на академска иницијатива
Што: По истражувањата за астроклиматски локации бил подготвен елаборат за лабораторија „Мала роботизирана астрономска опсерваторија“, поддржан од ПМФ и доставен до Министерството за образование и наука.
Епилог: И оваа иницијатива не била реализирана.
8. 2001: Научно-популарен комплекс на Водно
Каде: Водно, Скопје
Што: Била покрената нова иницијатива за научно-популарен комплекс, со вклучување на претставници од ПМФ и Планетариумот, како и со најавени финансиски извори од државни, градски и приватни средства.
Епилог: Иницијативата не се реализирала поради конфликтот во 2001 година.
9. 2003: Иницијатива преку МИД и странски фондации
Каде: Повеќе можни локации
Што: Била покрената иницијатива за изградба на астрономска опсерваторија од Ѓоре Ценев и Македонското истражувачко друштво, со можност за поддршка од странски фондации.
Епилог: Предвидените локации и средства биле насочени кон проекти за подобрување на јавната инфраструктура.
10. 2008: Иницијатива за опсерваторија на Плачковица
Каде: Плачковица
Што: Македонското астрономско друштво испратило иницијатива до Владата за изградба на астрономска опсерваторија на Плачковица, заедно со иницијативата за геомагнетна опсерваторија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.
Епилог: Иако била изразена заинтересираност, проектот не бил реализиран.
11. 2010: Иницијатива на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип
Каде: Во рамки на проектот за геомагнетна опсерваторија
Што: Универзитетот „Гоце Делчев“ покренал иницијатива за астрономска опсерваторија во рамки на проектот за геомагнетна опсерваторија.
Епилог: Иницијативата не била прифатена.
12. 2012: Истражувачки центар и астрономска опсерваторија
Каде: Предлог на национално ниво
Што: Неколку факултети, Народна техника и списанието „Емитер“ покренале иницијатива за изградба на истражувачки центар и астрономска опсерваторија, поднесена пред претседателот на Република Македонија.
Епилог: Иницијативата не била реализирана.
13. 2022: Иницијатива за научна астрономска опсерваторија на Врвот Рамно
Каде: Врвот Рамно
Што: Групата „Астрономска опсерваторија на Македонија“ и медиумот Арно.мк покренаа иницијатива за научна астрономска опсерваторија.
Епилог: Иницијативата не успеа да добие доволна институционална и поширока јавна поддршка.
14. 2026: Нова иницијатива на ГНКА за Македонска астрономска опсерваторија
Каде: Потенцијалните локации се предмет на дополнителни анализи (две потенцијални локации во анализа – Рудине, Нова Брезница, во близина на Козјак, и Герман, Ранковце.)
Што: ГНКА, во соработка со астрономи, универзитетски професори и експерти од повеќе области, изработи сеопфатен проектен елаборат и започна иницијатива за основање на национална Македонска астрономска опсерваторија.
Епилог: Процесот е во тек. Формирана е Работна група, а јавноста е повикана да ја поддржи иницијативата.
Зошто е ова важно?
Астрономската опсерваторија не е само симболичен поглед кон ѕвездите. Таа е конкретна инфраструктура за наука, образование, технологија и меѓународна соработка.
Со современа роботизирана опсерваторија, учениците и студентите би можеле да работат со реални астрономски податоци. Универзитетите би добиле алатка за истражување и настава. Наставниците би добиле нови можности за практична наука. Инженерите, програмерите и младите истражувачи би имале простор за развој на дигитални, технички и аналитички вештини.
Во земја во која често зборуваме за „одлив на мозоци“, ваков проект е мала, но важна инвестиција во спротивната насока: создавање причини младите луѓе да останат, да истражуваат и да гледаат подалеку.
Повик за поддршка
ГНКА започнува процес на формирање Работна група за Македонската астрономска опсерваторија. Во неа можат да се вклучат астрономи, инженери, ИТ експерти, наставници, студенти, ученици, научници, членови на граѓански организации и сите заинтересирани граѓани кои сакаат да придонесат кон развојот на науката во Македонија.
Пријавување и поддршка
Заинтересираните лица можат да се приклучат на Работната група преку следниот формулар.
Поддршка за иницијативата може да се даде преку петицијата.
Дополнителни информации се достапни на веб-страницата на ГНКА.
Да не заборавиме дека:
Народ кој не може да ги види ѕвездите, не може да си го препознае минатото – и тешко може да ја замисли својата иднина.*
*Секој пат кога гледаме низ телескоп, гледаме во минатото - затоа што на светлината ѝ треба време да стигне до нас.Да не дозволиме и оваа иницијатива да стане само уште една светлина од минатото.