Дали е откриен начин за надминување на Земјината гравитација?
Замислете вселенско летало кое не носи гориво, нема резервоари, ниту млазници што исфрлаат гасови, а сепак се движи низ вселената. Овој сон со децении е инспирација за научниците, инженерите и љубителите на научната фантастика. Но, според законите на физиката што денес ги познаваме, ваквата визија се чини речиси невозможна.
А сепак, американскиот инженер Чарлс Бјулер поранешен експерт за електростатика во NASA и еден од основачите на компанијата Exodus Propulsion Technologies, тврди дека развил токму такво нешто. Имено, како што тој тврди неговиот тим открил досега непозната сила којашто овозможува создавање потисок само со помош на електрични полиња, без исфрлање маса или гориво. Доколку ваквото тврдење се покаже како точно, последиците би биле револуционерни.

Денешните ракети функционираат според принципот на акција и реакција – за да се придвижат напред, тие мора да исфрлат материја наназад. Овој принцип, познат уште од Њутновите закони, е еден од темелите на модерната физика. Уред којшто би создавал потисок без реакциона маса би довел со сериозно преиспитување на нашето разбирање на природните закони.
Но, ова не е првпат некој да излезе со слични тврдења и ветувања.
На почетокот од овој век големо внимание привлече таканаречениот EmDrive, мотор за кој се тврдеше дека може да создава потисок без гориво. Некои рани експерименти дури покажаа наизглед позитивни резултати, што предизвика вистинска сензација. Сепак, подоцнежните и многу попрецизни тестови покажаа дека измерените сили биле резултат на експериментални грешки, а не на нов физички феномен. До 2021 година научната заедница воглавно го отфрли EmDrive концептот како неуспешен.
Но, според она што го пишува Popular Mechanics, Бјулер тврди дека неговиот пристап е различен. Според него, уредот користи асиметрични електростатички полиња што создаваат мала, но мерлива сила. Тој дури изјавува дека најновите верзии на системот генерирале доволно потисок за да ја надминат тежината на сопствената конструкција, односно да се спротивстават на Земјината гравитација.
Звучи спектакуларно, но тука доаѓа најважниот дел од приказната – засега нема независна потврда на овие резултати.
Научните откритија не стануваат прифатени само затоа што некој ги објавил. Тие мора да бидат повторени од други лаборатории, со различна опрема и независни истражувачи. Токму тоа недостига во овој случај. Резултатите на Exodus досега главно биле претставувани на специјализирани конференции посветени на алтернативни погонски технологии, но не поминале низ процесот на широка научна верификација.
Историјата на науката покажува дека извонредните тврдења понекогаш навистина водат до големи откритија. Но, исто така покажува дека многу „револуционерни“ идеи исчезнуваат кога ќе бидат подложени на строга проверка. Токму затоа поголемиот дел од научниците денес пристапуваат со голема доза скептицизам кон ваквите најави.
Засега, моторот на Бјулер останува интригантна можност, но не и докажана револуција. Ако независните тестови ги потврдат неговите резултати, би можеле да бидеме сведоци на едно од најголемите откритија во историјата на вселенските летови. Ако не, ова ќе биде уште едно поглавје во долгата историја на човечката потрага по начин да се надмине гравитацијата и да се стигне подалеку меѓу ѕвездите.