Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов – 17 јуни
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 17.06.2026 - 18:45

Во овој времеплов го славиме роденденот на Вилијам Крукс, но и на Статуата на Слободата. Ги одбележуваме подвизите на првата жена која прелета преку Атлантикот и поставувањето на темелите на гејминг индустријата...
 

17.6.1832 – Роден е Вилијам Крукс

Вилијам Крукс (William Crookes) е англиски хемичар најпознат по откривањето на елементот талиум.

Поранешниот учител на Крукс, Август фон Хофман, му испратил примерок од згура. Крукс само што го променил фокусот на неговите истражувања од органска хемија во проучување на соединенијата на селенот. Згурата била нуспроизвод од фабриката за сулфурна киселина во Тилкероде, Германија и содржела селен. Хофман сакал да се изнајде некој метод за екстракција на селенот од примерокот. Крукс направил спектрална анализа на примерокот и потврдил дека згурата содржи поголема количина селен. Но, истовремено тој забележал светлозелена линија што досега не ја видел. Понатамошната истрага покажала дека зелената линија во спектарот припаѓа на нов елемент којшто Крукс го именувал како талиум, според грчкиот збор талос што значи фиданка, според зелената линија што го довела до откритието.

Крукс е познат и по Круксовиот радиометар, кој денес се продава како сувенир и интересна играчка во многу музејски продавници и продавници за подароци. Крукс го измислил уредот, откако се обидел да измери хемиски примероци на чувствителна, делумно вакуумирана вага. Тој забележал дека вагата се придвижува под дејство на сончевата светлина. Со цел да го испита овој феномен Крукс го создал радиометарот. Уредот се состои од вакуумирана стаклена топка во којашто е сместено вретено на коешто се закачени три или четири лесни метални листови. Листовите се сјајни од едната страна и зацрнети од другата. Кога светлината ќе ги погоди леталните ливчиња, вретеното започнува да се врти како резултат на светлосен притисок.

Круксовиот радиометар

Притоа сјајните страни се движат кон светлината, а темните страни се одбиваат. Ако радиометарот се лади, тој ќе се врти во спротивната насока. Подоцна е откриено дека инфрацрвената светлина има најголем ефект врз уредот. Па така радиометарот може дури и да почне да се врти и во темница ако ги поставите рацете околу стаклената сфера. Топлината од вашата рака ќе произведе доволно инфрацрвено зрачење за листовите да почнат да се вртат. Денес радиометарот се користи во училниците за демонстрација на принципите на топлински мотор кој се напојува од светлина. Освен оваа намена, радиометарот е и интересен украс за секоја канцелариска работна маса, секако поневообичаен од математичко нишало ;) (Н. С.)

 

17.6.1928 – Амелија Ерхарт стана прва жена којашто го прелета Атлантикот

Првиот лет на Ерхарт преку Атлантскиот Океан е лет во којшто таа била дел од екипажот од тројца. Притоа, иако Ерхарт имала пилотска дозвола, таа не управувала со авионот, туку била задолжена за водење на дневникот на летот. Авионот од типот Fokker F.VII го пилотирал Вилмер Штулц, а копилот и механичар му бил Гордон Вест. Летот траел вкупно 20 часа и 40 минути.

За реализирање на првиот соло-лет на жена-пилот преку Атлантикот, Ерхарт ќе почека уште четири години. (Н. С.)

 

17.6.1885 – Во Њујорк пристига Статуата на Слободата

Статуата на Слободата ја донесе францускиот брод Изер (Isere). Стотици илјади граѓани ја пречекаа статуата којашто ќе стане симбол на градот Њујорк и еден од најпрепознатливите симболи на Америка.
Статуата претставува подарок на САД од народот на Франција. (Н. С.)

 

17.6.1980 – Видеоигрите Asteroids и Lunar Lander на Атаристанаа првите игри со заштитени авторски права

Играта Астероиди (Asteroids) беше пуштена во продажба во ноември 1979 година. Оваа аркадна векторски заснована видеоигра, наменета за двајца играчи кои со пукање и навигација требаше да поминат низ поле од астероиди при што постојано требаше да ги избегнуваат летечките чинии на вонземјаните:  Играта доживеа огромен комерцијален успех и заедно со Лунар лендер стана наслов што ги означи почетоците на гејминг индустријата

Lunar Lander (1979) беше пуштена во продажба пред Asteroids. Оваа игра бараше од играчите безбедно да маневрираат со виртуелниот лунарен модул, слетувајќи го на површината на Месечината

Обете игри беа успешно регистрирани како аудиовизуелни дела од страна на американското биро за авторски права(US Copyright Office), со што ефективно се заштити нивниот код и визуелниот приказ од неавторизирано копирање. Успехот на оваа регистрација му овозможи на Атари законски да го заштити дизајнот и ги постави основите за индустриски стандард во заштитата на видеоигрите како интелектуална сопственост.

Круксовиот радиометар

Круксовиот радиометар

Вилијам Крукс

Вилијам Крукс

Од поставувањето на Статуата на Слободата

Од поставувањето на Статуата на Слободата

Амелија Ерхарт

Амелија Ерхарт