Рубрика: Колумна
Македонски енергетски форум 2026. За кого?
Автор: Ристо Цицонков
Објавено на 11.06.2026 - 16:30

Од 1 до 2 јуни 2026 г. се одржа 9-то издание на Македонскиот енергетски форум - MEФ 26 претставен на веб-страницата https://mef.mk/. Наслов (тема) на форумот: Унапредување на енергетската транзиција и отпорноста на климатските промени. Беше најавуван како значаен настан за енергетската транзиција на регионот.

МЕФ беше организиран од Институтот ZIP (https://www.zipinstitute.mk) во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање на Република Македонија (РМ) и Делегацијата на ЕУ во РМ.

Во соопштение на организаторот стои: “Како еден од водечките форуми во Западен Балкан посветен на обновливата енергија, одржливоста и иднината на енергетскиот сектор, МЕФ ги обединува креаторите на политики, лидерите во индустријата, инвеститорите, инженерите и професионалците во подем. Учесниците ќе истражуваат иновативни решенија, стратешки соработки и можности за инвестирање за активно обликување на чиста, правична и отпорна енергетска иднина за регионот.

На веб-страницата на форумот се дадени следниве бројки: над 475 говорници, 3600 учесници од 28 земји. Бројките се импресивни, а меѓу учесниците биле и премиерот на Република Македонија, министри, амбасадори, извршни директори на фирми итн. Значи мошне високо ниво на учесниците и јас му честитам на ораганизаторот во тој поглед. Но, од друга страна имам неколку забелешки, што според мене, се многу битни за корисноста и успешноста на овој собир.

Според агендата на форумот, работата се одвивала во шест панели (цитирани подолу):

Панел 1: Размена на лидерски искуства на високо ниво „Од реформа до реализација: Градење конкурентна и отпорна енергетска иднина“.

Панел 2: Патот до COP31: Министерски дијалог меѓу Турција и Западен Балкан.

Панел 3: Од закрепнување до отпорност “Обновување на критични суровини и одржливи синџири на снабдување за транзиција кон чиста енергија“.

Панел 4: Адаптација и отпорност на климатските промени за енергетска безбедност и енергетска транзиција.

Панел 5: Праведна транзиција и социјална инклузија.

Панел 6: Капиталот и инфраструктурата: Зголемување на обновливите извори на енергија и складирањето.

Во агендата се дадени и имињата на панелистите (5 до 6 лица во еден панел) и од каде доаѓаат.

Моите главни забелешки се однесуваат на следново:

• Нема никави материјали во врска со дискусиите и презентациите, притоа не мислам на научни трудови, туку (PDF) документи од тоа што кажале панелистите, какви прашања и одговори имало. На веб-страницата на форумот пишува: “Учесниците ќе истражуваат иновативни решенија, стратешки соработки и можности за инвестирање за активно обликување на чиста, правична и отпорна енергетска иднина за регионот“. Дали биле прикажани и кои се тие иновативни решенија, стратешки соработки и можности за инвестирање? Не само за мене, овие информации се интересни за поширока јавност.

• Има многу имиња меѓу панелистите на високи политички и професионални позиции, и тоа е многу добро. Но, не гледам учесници од енергетската струка. Јас работев во енергетиката повеќе од 45 години (сега сум во пензија) и знам многу енергетичари. Нема ниту претставници од Машински факултет – Скопје, ниту од Електротехнички факултет (ФЕИТ), ниту од други технички факултети каде се учи и истражува во енергетиката.

• Постои Здружение на енергетичарите на Македонија (ЗЕМАК), не гледам никаква воспоставена врска со тоа здружение со што работата на МЕФ може да биде збогатена.

Организатор на форумот е Институтот ZIP, а на неговата веб страница https://www.zipinstitute.mk/ пишува (на ангиски јазик): Институтот ZIP е водечка тинк-тенк и истражувачка организација со седиште во Северна Македонија, посветена на промовирање на одржлив развој, добро управување и иновации во политиките преку ригорозни истражувачки, застапнички иницијативи и образовни иницијативи. Значи, може да се заклучи дека овој институт не работи во енергетската струка.

Директорот на овој институт Агим Селами магистрирал на тема “јавна политика и децентрализирано управување“, а во тимот има уште шест лица и тоа за: компјутерски науки, надворешен сметководител, менаџер на проекти и настани, менаџер на канцеларија и финансии, асистент на проекти. Се гледа дека професионалниот профил на тимот не е соодветен за работи во областа на енергетиката.

Јас не присиуствував на овој настан, случајно дознав за него на вести на една од телевизиите. Можеби форумот бил одлично организиран, но мислам дека тука ја нема суштината. Не можам да најдам, да видам корисни информации и евентуално нови сознанија во енергетиката.

 

Д-р Ристо Цицонков, редовен професор
Машински факултет – Скопје

Клучни зборови:

Сликата е преземена од архивата на ЗИП, организатор на настанот МЕФ2026

Сликата е преземена од архивата на ЗИП, организатор на настанот МЕФ2026

Сликата е преземена од архивата на ЗИП, организатор на настанот МЕФ2026