Колку пати во денот го посегнувате по вашиот паметен телефон за да го отклучите? Статистиките велат дека во просек тоа го правиме околу 150 пати дневно – приближно на секои 9 минути. Сега, замислете секој тој краток и речиси несвесен поглед упатен кон екранот да биде претворен во брз, неинвазивен медицински преглед.
Тим научници од Google Research развија систем наречен PHRM (Passive Heart Rate Monitoring), кој ја користи предната камера од паметниот телефон за дискретно мерење на срцевиот пулс во мирна состојба, и тоа токму во оние неколку секунди додека уредот го препознава вашето лице за да се отклучи. Без паметен часовник или дополнителна медицинска опрема. Истражувањето беше објавено неодамна во престижното списание Nature.
Идејата се заснова на веќе познатиот медицински принцип наречен далечинска фотоплетизмографија (rPPG), своевиден оптички мониторинг што ги „чита“ промените во волуменот на крвта во поткожното ткиво. Принципот веќе се користи во медицинската област, но има некои ограничувања: уредот за детекција обично мора да покрива дел од телото, вообичаено прстот. Во овој случај се користи „бесконтактен“ режим – информациите за здравјето на срцето се екстраполираат од видеото и амбиенталната светлина.

Како функционира? Секој пат кога срцето пумпа крв, низ капиларите на вашето лице поминува нов бран кој предизвикува микроскопски, за човечкото око невидливи промени во бојата и рефлексијата на кожата. Напредниот систем на вештачка интелигенција успева да ги улови овие суптилни варијации преку кратко, осумсекундно видео снимено од предната камера за време на процесот на отклучување. Наместо да се потпира на еднократно мерење, софтверот собира десетици вакви кратки примероци во текот на денот. Кога овие податоци ќе се синтетизираат, се добива исклучително прецизна слика за просечниот пулс во мирување.
Најголемиот предизвик кај ваквите оптички технологии во минатото беше нивната несигурност во реални услови – променливото амбиентално светло, движењето на корисникот и, пред сè, тонот на кожата. Оптичките сензори историски покажуваа полоши резултати кај лицата со потемна кожа.
За да го надминат ова, истражувачите ја тренирале невронската мрежа со повеќе од 192 000 видеозаписи од стотици учесници со најразлични тонови на кожата. А потоа ја тестирале технологијата на 211 учесници, кои ја испробале и во лабораториски услови и во реална средина. Резултатите покажале дека прецизноста на овој метод е речиси идентична со онаа на професионалните медицински електрокардиограми (ЕКГ).
Паметните телефони успеале да го измерат срцевиот ритам од видеата во различни услови на амбиентално осветлување, а кога научниците ги споредиле нивните перформанси со референтни електрокардиограми, мерењата ги исполниле индустриските стандарди за точност: просечната апсолутна процентна грешка била помала од 10% кај сите три анализирани групи и тонови на кожа. Ова е извонреден резултат бидејќи технологиите од овој тип често имаат полоши перформанси на потемни тонови на кожа.
Со комбинирање на различните мерења направени во текот на денот, научниците добиле отчитување на срцевиот ритам во мирување со точност споредлива со онаа на холтер (професионален преносен монитор за срцев ритам). Доколку се реши проблемот со приватноста поради континуираното снимање видео на лицето и ако технологијата се докаже како ефикасна, кај поголеми опсег примероци, овој вид следење би можел да стане корисна алатка.
Важно е да се напомене дека технологијата не е замислена како алатка за моментална дијагноза во итни случаи. Нејзината вистинска вредност лежи во превенцијата и долгорочното следење. Наглите промени во пулсот при мирување низ деновите или неделите можат да бидат ран индикатор за стрес, премор, инфекција или дури и почеток на посериозни кардиоваскуларни аномалии.
Наместо да купуваме скапи гаџети или свесно да одвојуваме време за мерење, алатката што веќе најмногу ја користиме во секојдневието тивко ќе работи во позадина, грижејќи се за нашето срце. Сè што ни треба во иднина за подобар увид во здравјето е само еден поглед упатен кон екранот... неколкупати во текот на денот.